Тутунарите задоволни од повисоките субвенции, ќе се преговара со откупувачите за новата реколта

Тутунарите се задоволни со зголемениот износ на субвенциите за тутунот, кои ќе важат за реколтата 2017. што сега се откупува.
- Воедно да не брзаат со склучувањето на договорите со откупувачите зашто ќе се преговара за цените по класи, изјави Кире Неделковски, претседател на Сојузот на тутунските здруженија на Македонија на денешната средба со новинарите во Прилеп.

Според Неделковски тутунарите ќе добијат повеќе пари зашто главно тутунот се откупуваше во прва и втора класа.

- Нашите анализи покажуваат дека најголемите количества, околу 9.000 тони од ланската реколта што се откупени се во прва класа, 13.000 тони се во втора, 1.500 тони се во трета и само околу 200 тони се откупени во четврта класа. Значи, тутунарите главно ќе земат субвенции за прва по 80 денари за килограм и за втора класа кои сега се 70 денари, рече Неделкоски.

Тој вели дека е зголемен интересот за новата реколта тутун и се надеваат дека за околу два до 3.000 тони ќе биде поголема годинашнава реколта. Сојузот на тутунските здруженија апелира до тутунарите да не брзаат да ги потпишуваат договорите со откупувачите, зашто ќе се преговара за повисоки цени по класи.

- Има време, тутунарите да не брзаат да склучуваат договори со откупувачите за новата реколта тутун, зашто ниту еден од девете откупувачи во земјава до Сојузот нема доставено предлог договори со цените по класи. Во тек сме со преговорите со откупувачите и очекувам дека ќе постигнеме повисоки цени, барем за 30 денари повисоки цени за секоја класа, а ќе настојуваме да се намалат разликите во цените од класа до класа, вели Неделковски.

Пуштена во употреба фабриката за производство на фотоволтаични соларни модули

Со свечена церемонија денеска во употреба се пушти првата фабрика за производство за фотоволтаични соларни модули на компанијата „Пиксел Груп“.

Ова е прва фабрика од ваков тип во Македонија и регионот. фабриката се простира на површина од 1500 метри квадратни со годишен капацитет на производство од 20 мегавати на монокристални и поликристални соларни модули.

Инвестицијата за првата година изнесува 5 милиони евра, а вработени се 20 лица.

Целта е да се стимулира производството на соларна енергија како предуслов за зачувување на природната средина и да се овозможи одржливо и ефикасно снабдување на електрична енергија произведена од сончевата светлина.

Формирана работна група која ќе го истражува проблемот со линданот во Охис

Ќе се реши ли деценискиот проблем со линданот во ОХИС.

Владата на седницата вчера формирала работна група која во рок од три месеци треба да ја информира за можните решенија на овој проблем.

Во состав на работната група се генералниот секретар на владата Драги Рашковски, министерот за животна средина и просторно планирање  Садула Дураку и министерот без ресор Аднан Ќахил.

ССК: Градежниците загрижени од намелната инвестициска активност во градежниот сектор

 Во март годинава се издадени 45,1 процент помалку одобренија за градба во однос на истиот месец лани, што укажува на намалување на инвестиции во градежниот сектор.

Затоа од Комората за градежништво при Сојузот на стопански комори бараат продолжување на рокот за повластена стапка од 5 отсто за ДДВ при прва продажба на станови до 2023 година и почитување на законскиот временски рок за издавање одобрение за градба.

Претседателот на Комората Ивица Јаќимовски истакна дека пречките што доведуваат до намалување на инвестициите во градежништвото се непочитувањето на посочениот временски рок за издавање дозволи, неизвесноста дали ќе биде продолжена мерката за повластена даночна стапка, како и мораториумот за градење што го вовеле одредени општини.

- Градежниот сектор придвижува 26 други гранки. До 10 проценти од вкупниот број вработени отпаѓаат на овој сектор, а и 10 проценти од БДП е резултат на градежништвото, рече Јаќимовски, потенцирајќи го значењето што оваа гранка го има за државата.

Потпретседателот на Комората за градежништво Зоран Азманов апелираше Владата што побрзо да ја донесе одлуката за продолжување на рокот за повластена стапка од 5 проценти. Доколку тоа не се направи веднаш туку до крајот на годината, според Азманов, во 2019 ќе има многу малку инвестиции во градежништвото поради неизвесноста во која се наоѓаат инвеститорите.

- Тоа значи дека ќе следи намалување на приходот во Буџетот по основ на придонеси, персонален данок како резултат на намалената вработеност во секторот, но и намалување по основ на ДДВ од производство и промет на градежни репроматеријали, суровини и опрема, како и по основ на данок на добивка поради стагнација на пазарот на недвижности, рече Азманов.

Потенцира и дека непродолжувањето на рокот на повластената стапка ќе значи покачување на цените на становите.

Азманов апелираше да се внимава со најавувањето на евентуално поништување на деталните урбанистички планови, особено во оние делови каде се издадени одобренија за градење или веќе се отпочнати градби.

притисни ентер