Екипи на ЕВН Македонија на терен за да воспостават снабдување со струја на селата во реканскиот крај

Непристапните терени и лошите временски услови ја отежнуваат работата на екипите кои на терн ги отстрануваат дефектите на електричната мрежа од кои без струја се повеќе села по долината на Радика и мавровскиот регион.
Според првичните информации, дефектите се настанати на 30-киловолтниот далековод кој со струја ја снабдува општина Маврово-Ростуше.

- Освен селата во реканскиот крај, прекин во снабдувањето има и во селата Маврово и Ниќифорово. Проблемите настанаа со лавините во регионот. Дополнителни проблеми создаде и влажниот снег кој се налепил на проводниците и предзвикал кинење на јажињата. Од утринава екипи на ЕВН Македонија се на терен и работат на воспоставување на редовното снабдување, изјави за МИА Атанас Ковачевски, портпарол на ЕВН Македонија.

Ковачевски нагласи дека екипите се соочуваат со пристапноста до местата на дефекти, заради длабокиот снег и непроодноста, но се вложуваат напори и ангажирани се дополнителни средства и луѓе.

Зголемени водостоите на реките Вардар, Пчиња и Брегалница

Најголемо зголемување на водостоите имаат реките Вардар кај Јегуновце, Зајчев рид и Демир Капија, Пчиња кај Катлановска Бања.

Повисоки нивоа споредено со вчерашните се регистрирани на реките Вардар кај Јегуновце, Зајчев Рид, Велес и Демир Капија, Пчиња кај Катлановска Бања, Брегалница кај Берово и Штип, Сушево кај Струмица, Црна река кај Новаци, Сатеска кај Ботун и Радика кај Бошков Мост покажуваат хидролошки мерења направени од Управата за хидрометеоролошки работи.

Најголемо зголемување на водостоите имаат реките Вардар кај Јегуновце, Зајчев рид и Демир Капија, Пчиња кај Катлановска Бања.

Од УХМР информираат дека минимално зголемување на нивоата е регистрирано на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро. 

Над 8.000 македонски граѓани преку ГП Богородица заминале кон Грција за продолжениот викенд

 На граничниот премин „Богородица“ утрово од околу три часот е зголемена сообраќајната фреквенција.

Oсобено на туристи и патнички возила кои се упатуваат кон Грција за продолжениот викенд, информира за МИА командирот на граничниот премин Миле Тошев напоменувајќи дека за изминативе седум часа,  на излез се регистрирани околу 4.500 патници.

- Работиме со полн човечки и инфраструктурен капацитет за да ги задоволиме потребите на сите што одлучиле да патуваат преку овој граничен премин. Ангажирани се сите шест сообраќајни ленти од кои пет за патничките и една за транспортните возила. Задржувањето на патниците изнесува од 20 до 30 минути поради обавување на царинските формалности. Толкаво е задржувањето на патниците и на грчката страна од границата. На влез во земјава состојбата е многу порелаксирана, поточно секојдневна, рече Тошев.

Според податоциете од пограничната полиција, од вчера од 12 часот низ граничниот премин Богородица кон Грција се упатиле вкупно 12.200 патници од кои само на излез се регистрирани 10.394 патници.Од нив 8.500 се македонски граѓани, а останатите претежно туристи од Србија.

Тевдовски и Ангеловска-Бежоска во работна посета на Брисел

 Министерот за финансии Драган Тевдовски и гувернерот на Народната банка на Република Македонија, Анита Ангеловска - Бежоска се во работна посета на Брисел.

Како што соопштија од Министерството за финансии, посетата на Тевдовски и Ангеловска-Бежоска е во рамки на Економско-финансискиот дијалог меѓу ЕУ и Западен Балкан и Турција.

На настанот ќе бидат презентирани оценките на земјите во исполнувањето на насоките на ЕУ во Програмата за економски реформи. 

Во рамки на посетата министерот за финансии ќе се сретне со еврокомесарот за економски и финансиски прашања, даноци и царина, Пјер Московичи. Целта на средбата со еврокомесарот е да се унапреди соработката со ЕУ на сите полиња.

Во соопштението се додава дека Министерството за финансии првпат има стратегија за создавање европски систем за управување со јавните финансии. 

притисни ентер