Десет сообраќајки вчера во Скопје, 14 лица исклучени од сообраќај

Седум лица биле полесно повредени во пет од вкупно 10 сообраќајки регистрирани во текот на вчерашниот ден на подрачјето на СВР Скопје. Во пет била причинета материјална штета.
Од МВР информираат дека во текот на вчерашниот ден сообраќајната полиција открила и санкционирала поголем број прекршоци. Четириесет и тројца возачи се движеле со брзина поголема од дозволената и тројца возачи кои поминале на крстосница на црвено свето. Четиринаесет лица биле исклучени од сообраќај: двајца поради возење под дејство на алкохол,  10 кои се уште не се стекнале со право за возење и двајца возачи почетници. Санкционирани биле четири пешаци кои поминале коловоз вон пешачки премин и двајца пешаци кои поминале коловоз на црвено светло. Затекнати биле 41 непрописно паркирано возило.
Со помош на  специјалното возило „пајак“, отстранети биле 88 возила.

Во рамки на сообраќајно воспитната акција „Да ги заштитиме децата во сообраќајот“ денеска едукативна работилница ќе се одржи со учениците од второ одделение во ООУ „Његош“ во населеното место Јурумлари, општина Гази Баба.

Приведени 12 странски државјанки во локал во Желино

При контрола во угостителски објект лоциран на регионалниот пат Тетово - Скопје, во село Желино ноќеска полицијата привела 12 странски државјанки.

Како што е наведено во полицискиот билтен, ноќеска во периодот од 23:00 до 02:30 часот полициски службеници од СВР Тетово извршиле контрола во Угостителски објект лоциран на регионалниот пат Тетово - Скопје, поточно во село Желино, сопственост на З.С. од село Желино.

Во објектот биле затекнати 12 лица-странски државјанки, од кои 11 лица од Албанија и едно од Косово кои биле приведени во Полициска станица Тетово за понатамошна постапка. /МИА

ИК на ВМРО-ДПМНЕ бара техничка влада по пржинскиот модел пред секои избори

Реализирање на веќе договорените концепти за финансирање на партиите и формирање техничка влада по пржинскиот модел пред секои избори се ставовите на кои останува опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Ова беше потврдено на синоќешниот состанок на Извршен комитет на партијата, на кој се анализираше актуелната политичка ситуација и прашањата што се дел од меѓупартиските разговори со власта на претседателско ниво.

„Само на овој начин избирачите ќе имаат гаранција дека власта нема да го злоупотреби нивниот глас, односно дека опозицијата ќе има можност соодветно да дејствува при сите обиди за можен фалсификат и нема да се дозволи повторување на локалните избори. Обидите на Зоран Заев да ја манипулира јавноста со измислени образложенија дека некој бара амнестија за некаков криминал беа оценети како несериозни“, се вели во соопштението на партијата.

Во врска со формулацијата на референдумското прашање ИК на ВМРО-ДПМНЕ смета дека за да се согледа јасно волјата на граѓаните мора да се почитува законот што предвидува недвосмислени прашања.

ИК му даде целосна и недвосмислена поддршка на партискиот лидер Христијан Мицкоски да ги застапува ставовите на партијата во натамошниот тек на лидерската средба.

„Македонските граѓани заслужуваат власт која вистински ќе се води по европските принципи за почитување на Уставот и законите, особено за важни прашања поврзани со носење на одлуки за иднината на државата како што се македонските интеграции во Европската унија и НАТО“, се наведува во соопштението. /МИА

Потешко повредено шестгодишно дете по удар од автомобил

Шестгодишно дете е потешко повредено на регионалниот пат Хиподром-Јурумлери откако автомобил удрил во него.

Во незгодата детето се здобило со тешки телесни повреди и било пренесено и задржано во комплекс клиники „Мајка Тереза“.

Извршен бил увид на местото на настанот и се работи на целосно расчистување на случајот.

Како што информира МВР, вчера околу 15:30 часот во СВР Скопје било пријавено дека патничко моторно возило „Сеат“ со скопски регистерски таблици управувано од Ј.И. (58) од Скопје удрило во дете на возраст од шест години на регионалниот пат Хиподром - Јурумлери, кај место викано „Дунек“. /МИА

притисни ентер