Заев најави нов пакет мерки за привлекување странски инвестиции

Условите за странските инвеститори во Македонија континуирано се подобруваат, а така продолжува и новата Влада, најави премиерот Зоран Заев на денешната средба со германските инвеститори, членки на Македонско-стопанско здружение.

- Продолжуваме да ви служиме во надминување на сите проблеми. Сметајте на нашата поддршка за секоја ваша идеја тука сме да ја охрабриме. Ако не се најде решение во прв чекор, сигурно ќе се најде во втор, порача премиерот Заев.

Најави дека утре ќе биде објавен нов пакет мерки за привлекување странски инвестиции кои, како што рече, претежно ќе биде наменет за нови инвеститори, но ќе се однесува и за старите. Измените во новиот пакет ќе бидат во насока на поголемо стимулирање на компаниите што повеќе вложуваат во развојот, а тоа, како што кажа, ќе се контролира од завршната сметка. Ги повика странските инвеститори во наредниов период да помогнат во изнаоѓање решенија за од Нова година да почнат да функционираат новите мерки.

Стимулација, како што кажа, ќе има и за зголемување на извозот на компаниите и вети барање на секакви начини за да се намалат административните бариери и инвеститорите своето внимание да го насочат кон развој и создавање на профит.

Претставникот на Германската стопанска комора Патрик Мартенс нагласи дека Комората во наредниот период ќе биде фокусирана на подобрување на стручното образование во земјава и додаде дека наскоро во Македонија ќе дојдат инструктори кои ќе вршат обука во претпријатијата со цел да се создаде стручна работна сила.

Седуммина полицајци повредени во насилните протести пред Собранието

Седуммина полицајци се повредени и тројца цивили се приведени во насилните протести пред Собранието на Македонија, јави МИА повикувајќи се на полициски и болнички извори.  

Екипа на Итната медицинска помош интервенираше вечерва поради повредени лица во насилните протести што се одржаа пред Собранието. Возилото е се уште на местото на протестите, но засега нема информации за број на повредени граѓани.

Медицинскиот тим интервенирал по барање на полицијата.

Македонската полиција со солзавец растера насилни демонстранти пред Собранието кои протестираа незадоволни од Договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и стратегиско партнерство потпишан денеска во Псарадес.

Демонстрантите фрлаа кон полицијата шок-бомби, пиротехнички средства и камења. Полицијата возврати откако дел од нив ја турнаа заштитната ограда и се обидоа да влезат во Парламентот.

Протестот беше организиран преку социјални мрежи. /МИА

Утре променливо облачно со локален пороен дожд и грмежи

Времето утре променливо облачно на повеќе места ќе дува засилен северен ветер. Попладне ќе има нестабилност со локален пороен дожд и грмежи. УВ индексот ќе изнесува 7. Минималната температура од 11 до 18 а дневната највисока температура на воздухот

Во Скопје променливо облачно со сончеви периоди и со повремено засилен северен ветер. Температурата од 16 до 31 степен.

Во вторник се очекуваат повремени врнежи од дожд кои локално ќе бидат поројни со грмежи, особено попладнето. Во среда како и во следните два дена ќе биде  сончево со мала до умерена облачност, попладне со услови за појава на краткотраен дожд. Дневните температури ќе бидат во пораст, освен во вторник кога  ќе опаднат за неколку степени. /УХМР

Протест пред Собранието против Договорот со Грција

Пред Собранието на Македонија се одржува протест против Договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и стратегиско партнерство. Протестот е организиран преку социјални мрежи.

Насобраните граѓани го блокираа булеварот „11 Октомври“ пред собраниската зграда, пред која е поставен полициски кордон.

Дел од учесниците во протестите фрлаат камења и факли кон полицискиот кордон. 

Тие укажуваат дека граѓаните се тие кои одлучуваат за својата и иднинатата на државата. 

Учесниците во протестот извикуваат пароли „Македонија, не го даваме името“ и пејат патриотски песни.

Шефовите на дипломатиите на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас денеска во Псарадес ги ставија своите потписи на договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и стратегиско партнерство, во присуство на премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас.

На церемонијата присуствуваа високи претставници на ЕУ, на ОН и бројни новинари. Двајцата премиери меѓусебно се нарекоа пријатели, оценувајќи го потпишувањето на договорот како историски ден. /МИА

притисни ентер