Шеесетина поети учествуваа на 12. „Поетско Маркукуле“

Шеесетина поети од повеќе градови на Македонија учествуваа на 12-тата манифестација „Поетско Маркукуле“ која синоќа се одржа во градската библиотека во Прилеп.
Според организаторите на настанот, целта е на афирмирани и особено на неафирмирани поети да им се даде можност да ги претстават своите дела.

- Целта е сите поети да се соберат на едно место. Манифестацијата е ревијална, никој да не се чувствува како поразен туку сите да бидат победници. Песните не се селектираат. Секоја година има се повеќе и повеќе поети кои учествуваат, истакна Цветанка Григорова, организатор на манифестацијата.

На „Поетско Маркукуле“ прво настапуваат деца до 15 години, а потоа возрасни. Секоја година се повеќе има учесници и однадвор, односно македонски иселеници странство, а во последните неколку години, според организаторите, учествуваат и странски државјани.

- Манифестацијата секоја година се одржува во природа, на Тронот кај Слонот на Маркукуле, но годинава поради природните непогоди, пожарите кои беснеат во нашата општина, одлучивме манифестацијата да се одржи во градската библиотека, изјави Григорова.

Идејата за манифестацијата е на Љубен Димкароски-Димкарот кој во 2005 година предложил настанот да се одржува на Маркукуле и песните да не траат подолго од две минути. Наредната 2006 година веќе почнало организирањето на манифестацијата. Нејзини покровители се Општина Прилеп и Градската библиотека „Борка Талески“ од Прилеп. /МИА

Седуммина полицајци повредени во насилните протести пред Собранието

Седуммина полицајци се повредени и тројца цивили се приведени во насилните протести пред Собранието на Македонија, јави МИА повикувајќи се на полициски и болнички извори.  

Екипа на Итната медицинска помош интервенираше вечерва поради повредени лица во насилните протести што се одржаа пред Собранието. Возилото е се уште на местото на протестите, но засега нема информации за број на повредени граѓани.

Медицинскиот тим интервенирал по барање на полицијата.

Македонската полиција со солзавец растера насилни демонстранти пред Собранието кои протестираа незадоволни од Договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и стратегиско партнерство потпишан денеска во Псарадес.

Демонстрантите фрлаа кон полицијата шок-бомби, пиротехнички средства и камења. Полицијата возврати откако дел од нив ја турнаа заштитната ограда и се обидоа да влезат во Парламентот.

Протестот беше организиран преку социјални мрежи. /МИА

Утре променливо облачно со локален пороен дожд и грмежи

Времето утре променливо облачно на повеќе места ќе дува засилен северен ветер. Попладне ќе има нестабилност со локален пороен дожд и грмежи. УВ индексот ќе изнесува 7. Минималната температура од 11 до 18 а дневната највисока температура на воздухот

Во Скопје променливо облачно со сончеви периоди и со повремено засилен северен ветер. Температурата од 16 до 31 степен.

Во вторник се очекуваат повремени врнежи од дожд кои локално ќе бидат поројни со грмежи, особено попладнето. Во среда како и во следните два дена ќе биде  сончево со мала до умерена облачност, попладне со услови за појава на краткотраен дожд. Дневните температури ќе бидат во пораст, освен во вторник кога  ќе опаднат за неколку степени. /УХМР

Протест пред Собранието против Договорот со Грција

Пред Собранието на Македонија се одржува протест против Договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и стратегиско партнерство. Протестот е организиран преку социјални мрежи.

Насобраните граѓани го блокираа булеварот „11 Октомври“ пред собраниската зграда, пред која е поставен полициски кордон.

Дел од учесниците во протестите фрлаат камења и факли кон полицискиот кордон. 

Тие укажуваат дека граѓаните се тие кои одлучуваат за својата и иднинатата на државата. 

Учесниците во протестот извикуваат пароли „Македонија, не го даваме името“ и пејат патриотски песни.

Шефовите на дипломатиите на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас денеска во Псарадес ги ставија своите потписи на договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и стратегиско партнерство, во присуство на премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас.

На церемонијата присуствуваа високи претставници на ЕУ, на ОН и бројни новинари. Двајцата премиери меѓусебно се нарекоа пријатели, оценувајќи го потпишувањето на договорот како историски ден. /МИА

притисни ентер