Изложба „Од Истанбул до Анадолија“ во „Мала станица“

Изложба на фотографии насловена „Од Истанбул до Анадолија...“ на познатиот фотограф Мустафа Дедеоглу од Турција ќе биде отворена вечер во Мултимедијалниот центар „Мала станица“ во организација на Институтот „Јунус Емре“, Турски културен центар Скопје.
Директорот на Институтот „Јунус Емре“, Турски културен центар, Фејзулах Бахчи денеска на прес-конференција рече дека се домаќини на значајна изложба на фотографии на познатиот фотограф Мустафа Дедеоглу.

- Авторот е познат не само во својата матична држава, туку и на европско и на светско ниво. На изложбата која се отвора вечер ќе има избрани дела кои сметавме дека се автентични за ова поднебје. Мустафа Дедеоглу е афирмиран фотограф и има многу значајни фотографии, посочи Бахчи.

Насловот на изложбата „Од Истанбул до Анадолија...“, нагласи тој, само по себе кажува многу нешта.

- Македонија за нас Турците е многу важна држава. Познатиот турски автор Јахја Кемал во една од своите поезии вели дека Скопје е продолжение на градот Бурса. Факт е дека сите поети ја истакнуваат таа сличност меѓу Македонија и Турција во однос на фолклорот, традицијата, музиката, храната. Значи од секој аспект имаме многу нешта да споделуваме бидејќи тие се наши заеднички вредности, рече Бахчи.

Додаде дека фотографиите на Дедеоглу не ја раскажуваат приказната само за Истанбул, туку тоа е една општа приказна за Анадолија.

Дедеоглу истакна дека се чувствува горд и среќен што има можност преку организаторот Турски културен центар да ги претстави неговите фотографии.

- Фотографиите кои ќе бидат вечер изложени со тематика Истанбул претходно се изложени во повеќе држави. Љубителите на фотографската уметност во Скопје вечер ќе имаат можност првпат да видат дел од моите фотографии. Верувам и се надевам дека Турскиот културен центар ќе продолжи со вакви активности, додаде Дедеоглу.

Мустафа Дедеоглу е роден во Ускудар во 1978 година. Неговиот интерес за фотографија почнува во 2006 година, а првите фотографии се снимени низ старите улици на Истанбул. Голем број негови фотографии се објавени во разни списанија во Москва, Санкт Петербург, Казан, Барселона, Техеран итн. и се изложени во престижни галерии и музеи. 

Тешко повреден моторциклист во сообраќајка кај Спомен-паркот „12 младинци" во Моклиште кај Ваташа

Дваесет и четири годишен моторциклист од Кавадарци бил тешко повреден  во сообраќајка кај Спомен-паркот „12 младинци" во Моклиште кај Ваташа, Кавадаречко.

– Сообраќајната незгода се случила утринава во 1.30 часот на регионалниот  пат Кавадарци – Мушов гроб, меѓу возило марка „киа" со кавадаречки регистарски ознаки управувано од 24-годишен кавадарчанец и моторцикл „сузуки" со кавадаречки ознаки управуван од 24-годишникот кој бил тешко повреден, за МИА потврди Верољуб Додевски, портпарол на СВР Велес.

Со тешки телесни повреди моторциклистот бил пренесен во комплексот  клиники „Мајка  Тереза" во Скопје. Извршен бил увид на местото на несреќата.

Избор на новото партиско раководство на денешниот Централен одбор на СДСМ

Изборот на новото партиско раководство, како и заокружување на внатрепартиските промени се очекуваат денеска на седницата на Централниот одбор на владејачката СДСМ.

Централниот одбор ќе заседава во Охрид, а деветтата седница, како што е најави партијата ќе почне во 16:00 часот.

На дневен ред се и суштинските промени во партијата, новиот систем на дејствување и работа на партијата и напредокот на државата.

Метлата, која лидерот на СДСМ и премиер Зоран Заев ја најави по завршувањето на претседателските избори почна токму во неговата партија. Сите 78 претседатели на општински организации се сменети од позициите. За тоа тој како лидер, според партискиот статут, има директна надлежност.

Разрешени се и целиот извршен одбор на СДСМ, сите шест потпретседатели на партијата, генералниот, организацискиот и меѓународниот секретар, како и координаторката на  Форумот на жени на седницата на Централниот одбор минатиот месец.

Според одлуките, што беа донесени со консензус,  разрешени беа Александар Кирацовски, генерален секретар, Миле Зечевиќ организациски секретар, Дане Талевски, меѓународен секретар, Цветанка Ласкова координатор на Форумот на жени и шесте потпретседатели Фросина Ташевска Ременски, Оливер Спасовски, Петре Шилегов, Благој Бочварски, Дамјан Манчевски и Мухамед Зекири.

-Ако тргнавме од своите редови да се исправиме, со наше коригирање и подобрување, верувајте нема да дозволиме на било кој во државата без разлика дали тоа е во јавната администрација, централна, локалната, а прима пари од граѓаните, да не ги исполни нивните очекувања, изјави тогаш Заев. 

Гостивар и околината пет часа ќе бидат без вода за пиење

Корисниците приклучени на градскиот водовод во Гостивар денеска ќе имаат прекин во снабдувањето со вода за пиење.

Од ЈП „Комуналец" информираа дека прекинот е предвиден во перидот од 7:00 до 12:00 часот и при тоа нема да се испорачува вода до градот и околните населби кои се снабдуваат од градската водоводната мрежа.

Петчасовниот прекин е предвиден поради изведување приклучок на нова водоводна линија со пречник Ф-500 во близина на поранешната фабрика „Силика". 

притисни ентер