Ангеловски: Очекувам играчите да бидат максимално подготвени за мартовските натпревари - Канал 5

Ангеловски: Очекувам играчите да бидат максимално подготвени за мартовските натпревари

Селекторот на репрезентацијата на Македонија Игор Ангеловски изминатата седмица во Анталија ги следеше во живо контролните натпревари на македонските екипи кои се наоѓаат на подготовки во познатото турско летувалиште.

Ангеловски: Очекувам играчите да бидат максимално подготвени за мартовските натпревари
- Ги следев во живо натпреварите на Вардар, Шкендија, Работнички, Силекс, Академија Пандев и Пелистер и од она што го видов во оваа фаза на подготовки, очекувам да бидат максимално подготвени за продолжението од нашиот шампионат. За мене најважно беше да добијам увид во формата на актуелните репрезентативци, но исто така да се уверам во потенцијалот и квалитетите на играчите кои во иднина можеби ќе добијат шанса за настап во репрезентацијата. Ме радува тоа што сите репрезентативци, освен Спировски кој за брзо време ќе биде во полн тренажен процес, се во добра здравствена и натпреварувачка форма. Потенцијалните репрезентативци ќе продолжиме да ги следиме се со цел да имаме јасна слика пред квалификацискиот натпревар против Лихтенштајн и пријателскиот против Белорусија.

Ангеловски истакнува дека е задоволен од настапите на нашите интернационалци, посебно од гол формата на Илија Несторовски и Иван Тричковски.
- Нормално дека ги следам настапите на нашите фудбалери кои настапуваат во странство, како селектор исклучително сум задоволен од формата на Несторовски и Тричковски, двајцата постигнуваат голови и се многу значајни за своите тимови. Исто така, ме радува тоа што нашиот капитен Горан Пандев вчера настапи во првиот состав за Џенова, а имаше одличен настап во минутажата која ја доби и на претходните натпревари. Најважно е сите да бидат здрави и подготвени да ги дочекаме подготовките за продолжението од квалификациите, вели Ангеловски.

Македонија на 24 март гостува во Лихтенштајн, а четири дена подоцна (28 март) ја пречекува Белорусија.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

ЛДП: Разоткриена лага за само еден ден! Ветува помалку шалтери, а во заднина спрема масовно пумпање на партиската администрација!

Кого мислите дека манипулирате, кога за само 24 часа сами си ги демантиравте сопствените пропагандни бајки? 

ЛДП: Разоткриена лага за само еден ден! Ветува помалку шалтери, а во заднина спрема масовно пумпање на партиската администрација!

Од една страна, премиерот Мицкоски се слика на гламурозни презентации и најавува апликација „мУслуги“ со ветувања за помалку шалтери, помалку хартиени документи и дигитализација, а од друга страна, Владата шверцува одлуки за масовно трајно вработување на илјадници луѓе во јавната администрација!

Ова е дрско безобразие, лицемерие и отворено потценување на интелигенцијата на македонските граѓани! Каква е таа „дигитализација“ во која ги укинувате шалтерите, а истовремено барате нови десетици илјади измислени работни места во државните канцеларии? Колку десетици милиони евра ќе не чини ова лудило и од празниот буџет? Одговорот е еден и еден единствен: ова не е никаков реформски чекор, туку брутално пумпање на јавната администрација со партиска војска пред избори, директно на грбот и на трошок на народот! А народот е пред банкрот!

“Додека целиот развиен свет инвестира во вештачка интелигенција, автоматизација и помала, побрза и поефикасна држава, оваа Влада нè враќа во најцрните времиња на партискиот клиентелизам и цицање на буџетот! Властите го стегаат ременот на граѓаните кои едвај врзуваат крај со крај, а ги шират редовите на непродуктивната партиска машинерија”, заклучува Боби Мојсоски, поранешен пратеник во Собранието и генерален секретар на ЛДП.

Либерално-демократската партија (ЛДП) порачува: Доста со евтините театри и паралелните реалности! Државата не е партиски плен, ниту пак народот е тука за да ги финансира вашите изборни апетити! Бараме итен вистински рез во државните трошоци, вистинска дигитализација со вештачка интелигенција и СТОП за новото лудило на Владата кое го бутка народот на колена и со свиткана кичма!

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Кој ќе биде новиот Џејмс Бонд? Аудицијата влегува во завршна фаза, се спомнува и Џејкоб Елорди

Потрагата по новиот Џејмс Бонд влегува во важна фаза.

Кој ќе биде новиот Џејмс Бонд? Аудицијата влегува во завршна фаза, се спомнува и Џејкоб Елорди

Голем број актери покажаа интерес за улогата на познатиот британски агент, а се очекува кругот на кандидати наскоро значително да се стесни.

Според информациите што допреа до јавноста, меѓу актерите кои би можеле да учествуваат на пробните снимања се Калум Тарнер, познат по романтичната комедија „One Night Only“, и Џек Лауден, кој го привлече вниманието на публиката во серијата „Slow Horses“.

Снимањето би требало да се организира во Лондон, а според некои извори, тоа би можело да започне уште во петок, пишува „The Hollywood Reporter“.

Сè уште не е потврдено колку актери ќе добијат можност да се претстават пред продуцентите. Додека некои извори спомнуваат најмалку тројца кандидати, други проценуваат дека би можело да има дури петмина. Една од важните задачи ќе биде да покажат како се снаоѓаат во улога што бара елеганција, убедлива изведба и физичка подготвеност.

Претходно се шпекулираше дека Џек О'Конел, познат по филмот „Sinners“, би можел да биде меѓу кандидатите, но најновите информации укажуваат на тоа дека тој нема да учествува во оваа фаза од изборот. Исто така, и покрај пишувањата на некои медиуми, Џејкоб Елорди – кого публиката го знае од серијата „Еуфорија“ и филмот „Франкенштајн“ – не е меѓу актерите што ќе учествуваат на пробните снимања.

Новиот филм ќе го режира Дени Вилнев, режисер познат по својата работа на филмскиот серијал „Дина“, а продукцијата ќе ја предводат Ејми Паскал и Дејвид Хејман.

„Амазон“ ги откупи креативните права за серијалот од семејството Броколи во февруари 2025 година, со што се отвора ново поглавје во развојот на филмовите за Џејмс Бонд.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

На Карлеуша ѝ се откажани настапи поради навредите кон студентите

Настапот на српската пејачка Јелена Карлеуша во „Театро клуб“ (Teatro Club) во Есен, Германија – првично закажан за 31 октомври 2026 година – е откажан. 

На Карлеуша ѝ се откажани настапи поради навредите кон студентите

Според раководството на клубот, одлуката е донесена по разгледување на нејзините јавни изјави во врска со актуелната политичка ситуација во Србија, особено оние што се однесуваат на студентите.

Објавено соопштение „Почитувани гости, сакаме да ве информираме дека настапот на Јелена Карлеуша, планиран за 31 октомври 2026 година во ’Театро клуб‘ во Есен, нема да се одржи. До оваа одлука дојдовме по внимателно разгледување на нејзините јавни изјави и ставови во врска со актуелната политичка ситуација во Србија“, се наведува во соопштението.

Од клубот изјавија дека се оградуваат од изјавите кои – како што наведоа – ги навредуваат и омаловажуваат студентите и граѓаните што се борат за своите права, како и од реториката што поттикнува поделби и нетолеранција.

„Сметаме дека примарната улога на еден пејач е да забавува, да ги обединува луѓето и да шири позитивна енергија преку својата музика – а не да ги користи својата популарност и јавна платформа за политички пресметки, навреди или за продлабочување на поделбите меѓу луѓето. Секој, вклучително и јавните личности, има право на сопствени политички ставови. Сепак, сметаме дека постои јасна граница помеѓу изнесувањето мислење и користењето на влијанието за омаловажување на другите“, наведоа од клубот. Додадоа дека нивната сцена треба да биде простор посветен на музика и забава, а не на политичка пропаганда.

„Teatro Club Esen е место на заедништво, почит и позитивна атмосфера. Не сакаме да им понудиме простор на нашите гости каде што ќе се промовираат ставови спротивни на вредностите за кои се залагаме. Нашите принципи не се на продажба и ниту еден настап не е поважен од почитта што им ја должиме на нашите гости и вредностите што ги застапуваме. Ви благодариме за разбирањето и поддршката“, се вели во соопштението.

Од крајот на 2024 година, Јелена Карлеуша е еден од најгласните јавни критичари на студентските протести и блокади во Србија, притоа отворено поддржувајќи го претседателот Александар Вучиќ.

Пејачката ги опиша студентите што учествуваат во блокадите како „толпа“ која нема желба да учи, па дури и тврдеше дека тие ѝ нанеле поголема штета на Србија отколку која било војна. Таа исто така предложи дека деканите на факултетите би требало, наместо тоа, да одат да берат малини.

Понатаму, таа повика на апсење на ректорот на Универзитетот во Белград, Владан Ђокиќ, кого го обвини за предавство на сопствената земја. Нејзините ставови предизвикаа остри реакции кај дел од јавноста, што доведе до повици за бојкот на нејзините настапи.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер