Анџелина Џоли танцува со својата ќерка Захара, причината е трогателна (ВИДЕО)

Анџелина Џоли е фотографирана како танцува со својата 17-годишна ќерка Захара, која треба да тргне на факултет.

Захара наскоро ќе биде бруцош на приватниот универзитет Спелман Колеџ во Атланта, а на традиционалниот собир на идните студенти и родители, мајката и ќерката танцуваа на подиумот во видео објавено на профилот на колеџот на Инстаграм.

Универзитетот на кој ќе студира Захара е историска образовна институција за либерални уметности, а годишната школарина за додипломските студии на овој факултет чини нешто повеќе од 30.000 долари.

Заедно со Захара, која наскоро ќе зачекори во студентскиот живот, Џоли веќе го испрати својот најстар син Медокс, кој студира на универзитет во Сеул, Јужна Кореја.

Кузеска: Парламентарното мнозинство е стабилно, Владата е фокусирана на кризата

 Парламентарното мнозинство е стабилно, а Владата целосно фокусирана на менаџирање на кризата, изјави денеска портпаролот на СДСМ Богданка Кузеска за МИА.

-Тоа се внатрепартиски работи, се изјасни вчера претседателот на партијата, јас не би го коментирала. Парламентарното мнозинство е стабилно, а Владата целосно фокусирана на менаџирање на економската и енергетската криза, како и на скрининг процесот кој веќе тече, вели Кузеска повторувајќи го ставот на партијата по информациите за случувањата во нивниот коалициски партнер ДУИ.

Претходно денеска за информациите поврзани со ДУИ на прес-конференција одговори на новинарско прашање и министерот за надворешни работи Бујар Османи, потеницирајќи дека лажна вест е информацијата за негова смена и дека таа не заслужува никаков коментар.

Во однос на отвореното писмо од група членови на ДУИ, Османи рече дека во партијата има големо ниво на демократија и секој може да го каже својот став, но дека последниот збор го има лидерот Али Ахмети.

– Со вчерашната изјава на Ахмети, мислам дека тука е завршена таа приказна, изјави Османи, одговарајќи на новинарско прашање на денешниот брифинг во МНР.

Прашан за тоа дали внатрепартиските превирања ќе влијаат на стабилноста на Владата, Османи рече дека ДУИ е фактор на стабилност изминатите 20 години и дека така и ќе продолжи.

– ДУИ е стабилна политичка структура, не очекуваме никаков понатамошен развој на настаните, додаде Османи.

Дваесетина незадоволни членови на ДУИ, меѓу кои и Муса Џафери, Изет Меџити, Невзат Бејта, Блерим Беџети и Висат Ганиу, во отворено писмо побараа внатрепартиска дебата за да се надмине состојбата и го повикаат лидерот на партијата Ахмети да го искористи својот политички и статутарен авторитет за да се најде решение за зачувување на партиското единство. За состојбите во партијата тие го обвинуваат Артан Груби.

Ѓорѓиевски: Детската градинка „Пеперутка 3” во Драчево е отворена, ќе се згрижат над 100 дечиња

Отворена е новата градинка „Пеперутка 3” во Драчево.

Низ детска насмевка, многу радост и весела приредба организирана од овие паметни дечиња, денес заедно со министерката Тренчевска ја отворивме новата детска градинка ,,Пеперутка 3” во населбата Драчево.

Во оваа градинка ќе бидат згрижени над 100 дечиња, пред сѐ од овој дел на општината.

Ние сме свесни дека раниот детски развој е многу важен и како локална самоуправа се грижиме да ги обезбедиме сите услови за правилен понатамошен развој на секое дете.

Инвестираме во унапредувањето на условите во постоечките градинки, но со засилено темпо работиме и на зголемувањето на опфатот на деца во процесот на предучилишно воспитание и образование.

Покрај ставањето во функција на оваа градинка која беше изградена пред речиси две години, но дури сега беа надминати администативните бариери за нејзино отворање, интензивно работиме и на изградба на нови градинки и проширување на капацитетите на постојните објекти.

Во финална фаза е подготовка на објектот во кој ќе биде отворена првата градинка во Усје.

Тука ќе бидат згрижени околу 100 дечиња од населбите Усје, Стаклара и Градинар.

Работиме на проширување на капацитетот и на градинката ,,Ѓурѓица” во Пинтија.

Веќе е започнато реновирањето и на објектот ,,Кокиче”, каде ќе може да примиме нови 150 дечиња, а ќе потсетам дека веќе го проширивме капацитетот и на објектот ,,Синоличка” од ЈДГ ,,Весели Цветови”.

Дека грижата за раниот детски развој е наш приоритет, говори и фактот што имаме подготвен проект за целосно нова градинка во Расадник и во моментов работиме на финансиската конструкција, односно на начинот на финансирање за нејзината иградба.

Со тој проект, на среден рок целосно го решаваме прашањето за предучилишната инфраструктура.

Илустративно, објектот во кој сме денес може да прими над 100 дечиња, а во моментов на листите на чекање во трите објекти во Драчево има околу 30 деца.

Оттука, сакам искрено да се заблагодарам за соработката на министерката Јована Тренчевска, Министерството за труд и социјална политика, со кои заеднички го ставаме во функција овој објект и даваме силен влог во формирањето на здрави и образовани индивидуи кои во иднина ќе дадат свој придонес за надградба на државата.

Тоа е наша заедничка одговорност и благородна цел кон која сите треба да се движиме.

На овие прекрасни дечиња кои тука ќе го минуваат своето секојдневие им посакувам многу пријатни и весели моменти!

Николовски: Со донацијата на Италијански карабинери, шумската полиција ќе биде доопремена

Со донацијата на Италијански карабинери, шумската полиција ќе биде доопремена со сè што е потребно за нивно непречено извршување на задачите.

Денеска, во кругот на касарната Ѓорче Петров во Скопје, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, во присуство на италијанскиот амбасадор, Н.Е Андреа Силвестри и Војниот Аташе за одбрана на Италија, г-дин Стефано Анџиони, ја прими огромната донација на униформи и опрема од Италијански Карбинери, наменета за Шумската Полиција.

Постапката за оваа огромна донација започна во декември 2017 година. Во текот на овој месец веќе пристигнуваа првите камиони со донацијата и се складираа во магацините на Министерството за одбрана, пред да бидат распоредени во шумско-полициските станици низ целата територија на државава.

„Пристигнаа првите 14 од вкупно 20 камиони со над 6000 парчиња летни и над 11000 парчиња зимски униформи, над 1600 парчиња мантили, 8500 летни кошули, 5000 зимски кошули, како и волнени џемпери, чорапи, маици, елеци, капи, високи и ниски чизми, спортски обувки, ранци, кабаници за дожд и друга дополнителна опрема за терен. Вкупната бројка на донираните униформи и друга опрема е околу 46 000 парчиња, во вредност од 4.2 милиони евра. Ова е огромна поддршка за Шумската полиција и јас уште еднаш упатувам огромна благодарност до Карабинери на Италија и италијанската амбасада“ изјави министерот Николовски.

Тој упати благодарност и до Министерството за одбрана и министерката Славјанка Петровска, за соработката и помошта за отстапување на магацински простор за безбедно да се прими и складира оваа огромна пратка.

Дел од опремата и униформите за Шумската полиција, може да биде наменета за територијалните противпожарни бригади, полицијата, армијата и дирекцијата за заштита и спасување, како и за ЈП „Национални шуми“, со оглед на тоа што донацијата е во огромни количини и содржи и противпожарна опрема, огноотпорни чизми, панталони и ракавици.

Министерот Николовски потсети дека минатата година Шумските полицајци за прв пат после 12 години добија по два сета зимски и летни униформи и чизми во вредност од околу 15 милиони денари, средства кои беа обезбедени од буџетот на МЗШВ. Униформите беа изработени согласно стандардите на Европската унија како и меѓународните прописи во однос на дизајнот и производството, а посебно во однос на безбедноста и здравјето нa вработените.

„Сега, преку донацијата на Италијански карабинери, шумската полиција ќе биде доопремена со сè што е потребно за нивно непречено извршување на задачите. Да не заборавиме дека шумските полицијци работат тешка и одговорна задача и често пати во борбата со организираниот криминал на дива сеча, нивните животи се во опасност, а до скоро тие немаа основни средства за работа. Драго ми е што моето залагање за опремување на шумските полицајци, кое го започнав уште за време на мојот прв мандат, сега го гледам целосно реализиран. Верувам дека шумските полицајци и понатаму ќе вложуваат максимални напори во борбата за сузбивање на организираните групи на дрвокрадци“ потенцираше Николовски.

Значителна е и поддршката на шумската полиција која редовно се вклучува и во борбата против шумските пожари. Министерот Николовски упати јавна благодарност до сите вработени шумски полицајци за нивното совесно и одговорно извршување на работните задачи, за што секторот има и официјална потврда од Светската царинска организација и Интерпол.

Деновиве ќе пристигнат уште 6 пратки со што донацијата ќе биде целосно испорачана, по што ќе следи распоредување до вработените.

Бескомпромисната борба против организираниот криминал и нелегалната сеча, ќе продолжи и понатаму, а министерството и понатаму ќе се грижи за континуирано подобрување на условите за работа на шумската полиција.

притисни ентер