Американските медиуми нема да објавуваат видео од кампањата на Трамп, оценувајќи го како расистичко

Американските медиумски мрежи објавија видео од кампањата на претседателот Доналд Трамп, кое е оценето како расистичко, по што голем број медиуми најавија дека нема да го објавуваат или ќе го повлечат од натамошно емитување.

Во видеото, од 30 секунди, е прикажан илегален мигрант од Мексико, кој двапати е депортиран од САД, а оваа година во Калифорнија е осуден на смрт за убиство на двајца полицајци во Сакраменто во 2014 година. Во спотот е користена снимка од судницата во која тој се фали со тоа убиство, како и дека сакал да убие повеќе полицајци.

Спотот, со кој претседателот Трамп ги повикува граѓаните да гласаат за републиканските кандидати на денешните избори за Конгресот, се појави во неделата во емисијата „Сандеј најт фудбал“ и вчера за време на емисијата „Морнинг Џо“.

Видеото е критикувано од многумина како расистичко, вклучувајќи и членови на Републиканската партија на Трамп.

Си-Ен-Ен одби да го емитува видеото, со образложение дека Трамп со таа снимка сака да сугерира дека демократите пуштаат такви луѓе да влезат во земјата.

Ен-Би-Си најави дека повеќе нема да го прикажува, а телевизијата Фокс њус, која Трамп често ја посочува како омилена телевизиска куќа, исто така, одби да го емитува видеото, нарекувајќи го „бесчувствително“.

Фејсбук одлучи да не дозволи повеќе платена реклама на видеото, иако корисниците ќе можат да го споделат на своите профили.

Усик стана првиот апсолутен светски шампион во тешка категорија во 21 век

Украинскиот боксер Олександар Усик го победи Британецот Тајсон Фјури во главната борба на боксерската вечер во Ријад и ја освои титулата апсолутен светски шампион во тешка категорија. 

Борбата траеше сите 12 рунди. Судиите со поделена одлука му ја доделија победата на Украинецот - 115:112, 113:114, 114:113.

Триесет и седумгодишниот Усик стана првиот неприкосновен светски шампион во тешка категорија по Ленокс Луис (41-2) во 2000 година и прв во ерата со четири појаси.

Претходно, во ерата на три појаси, само Ивандер Холифилд (44-10) беше апсолутен светски шампион во тешка категорија.

Сега украинскиот боксер има шест појаси: четири големи: ВБА (Супер), ВБЦ, ИБФ, ВБО и два помали: ИБО и Ринг.

За 35-годишниот Фјури ова беше прв пораз во кариерата. Пред оваа борба тој забележа 34 победи и една борба со негово учество заврши нерешено.

Усик сега има 22 победи во 22 борби./МИА

ИДФ ги повика Палестинците да ги евакуираат крајбрежните населби во северниот дел на Газа

Израелската армија ги повика Палестинците во крајбрежните населби во северниот дел на Газа да ја евакуираат областа додека ја продолжува операцијата во Џабалија.

Портпаролот на Израелските безбедносни сили (ИДФ) на арапски јазик, Авичај Адри, објави список на нови зони што треба да се евакуираат, а на палестинските цивили им беше кажано да се преселат во засолништа западно од градот Газа, пишува „Tајмс оф Израел“.

Минатиот викенд, ИДФ издаде предупредување за евакуација на градот Џабалија, пред да биде извршен нападот.

Оттогаш, армијата двапати ја прошири зоната за евакуација, а најновата најава ги вклучува областите Ал-Ататра и Ал-Карам во Појасот Газа. /МИА

Протест на британските плажи поради загадување на водата

Илјадници луѓе ширум Велика Британија се собраа вчера на плажите, реките и езерата за да побараат промени на нивоата на загаденост на водата во земјата.

Демонстрантите се собраа во областите за капење од Западниот Пјер во Брајтон до плажата Гилингвасе во Фалмут по извештаите дека милиони литри вода од канализација биле испумпани во Виндермер во областа Лејк за повеќе од 10 часа во февруари.

Ситуацијата од опозициските политичари беше окарактеризирана како „скандалозна“, додека Лондон рече дека ситуацијата е „целосно неприфатлива“ и дека Агенцијата за животна средина има овластување да покрене кривично гонење.

Испумпувањето се случило во пумпната станица на компанијата во Бонс-он-Виндермер, Камбрија, ноќта на 28 февруари, пишува „Индипендент“.

Пумпите за итни случаи испуштија повеќе од 10 милиони литри вода од канализација во местото на светското наследство на УНЕСКО, откако главните пумпи беа нагло прекинати поради дефект на телекомуникациите. /МИА

притисни ентер