Американски воени функционери во Киев, во тек разговори за нацрт мировен план меѓу САД и Русија - Канал 5

Американски воени функционери во Киев, во тек разговори за нацрт мировен план меѓу САД и Русија

 Високи функционери на Пентагон пристигнаа во Украина за да „разговараат за напорите за ставање крај на војната“ со Русија, соопшти американската војска.

Американски воени функционери во Киев, во тек разговори за нацрт мировен план меѓу САД и Русија

Украинската премиерка Јулија Свириденко соопшти дека се сретнала со секретарот на американската армија, Ден Дрискол, во Украина.

„Оваа посета им дава важна можност на високите воени претставници што го придружуваат секретарот да ја проценат ситуацијата на терен и од прва рака да ги видат последиците од руската агресија“, напиша таа на социјалните мрежи.

Се очекува тимот, предводен од секретарот на Армијата на САД, Дрискол, денеска да се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Киев.

Извештаи за тоа дека САД и Русија подготвиле нов рамковен мировен план, кој бара значителни отстапки од Украина, вклучително и откажување од територија што сè уште ја контролира и драстично намалување на големината на нејзината војска, почнаа вчера да се појавуваат во јавноста, потсетува Би-Би-Си.

Ниту Вашингтон, ниту Москва официјално го потврдија планот, што наводно го изготвиле пратеникот на претседателот Доналд Трамп, Стив Виткоф, и рускиот специјален пратеник Кирил Дмитриев.

Сепак, американскиот државен секретар Марко Рубио на социјалната мрежа Икс напиша дека постигнувањето „траен мир ќе бара двете страни да се согласат на тешки, но неопходни отстапки. Затоа ние развиваме, и ќе продолжиме да развиваме, листа на потенцијални идеи за ставање крај на оваа војна врз основа на придонес од двете страни на конфликтот“.

Шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, денеска предупреди дека за да функционира кој било план, потребно е да се вклучат и Украинците и Европејците, а францускиот министер за надворешни работи, Жан-Ноел Баро, рече дека „Украинците не сакаат никаква форма на капитулација“.

Извештаите за американско-руски мировен план се појавија истиот ден кога најмалку 26 лица загинаа во руски ракетен напад врз станбени згради во западниот украински град Тернопил. Уште 22 лица се водат како исчезнати на местото на настанот. Зеленски беше во Турција за време на нападот во Тернопил, а непотврдени украински извештаи сугерираат дека биле планирани разговори со пратеникот на Трамп во Анкара, но биле откажани.

Немаше спомнување на рамковниот план кога секретарот на американската армија пристигна во Киев доцна синоќа. Портпаролот на армијата, полковникот Дејвид Батлер, рече само дека Дрискол и неговиот тим се таму „во име на администрацијата (наТрамп) на мисија за утврдување факти, за да се сретнат со украински претставници и да разговараат за напорите за ставање крај на војната“.

Тимот на Дрискол во Киев е највисоката воена група што патувала во Киев откако Трамп ја презеде функцијата во јануари. Тој е придружуван од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал Ренди Џорџ, највисокиот командант на Армијата на САД во Европа, генерал Крис Донаху, и генерал-мајор на Армијата, Мајкл Вајмер.

Неименуван украински функционер за Си-Би-Ес изјави дека разговорите ќе се фокусираат на воената состојба на терен, како и на плановите за можно примирје.

„Претседателите Зеленски и Трамп веќе се согласија да го запрат конфликтот долж постоечките линии на ангажирање, и постојат договори за давање безбедносни гаранции“, рече неименуваниот функционер.

По вчерашните разговорит со секретарот на американската армија, украинскиот министер за одбрана Денис Шмихал напиша на Икс: „Се фокусиравме на следните чекори за спроведување на историските одбранбени договори постигнати од претседателот Зеленски и претседателот Трамп“.

Деталите за нацрт-планот од 28 точки на Виткоф-Дмитриев се појавија повеќе од три недели откако тие наводно поминале три дена на состаноци во Мајами, Флорида.

Би-Би-Си посочува дека европските или украинските претставници веројатно не биле вклучени во разговорите.

Повикувајќи се на лица запознаени со ситуацијата, „Аксиос“, „Фајненшл тајмс“ и „Ројтерс“ објавија дека плановите бараат Киев да се откаже од областите на Донбас во источна Украина што сè уште ги контролира, значително да ја намали големината на своите вооружени сили и да изгуби голем дел од своето оружје.

Зеленски постојано отфрла територијалните отстапки кон Русија.

Тимот на Кирил Дмитриев одби да ги коментира извештаите.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, навидум ги минимизираше извештаите.

„Во овој случај, немаме дополнителни новини во однос на она што го нарекуваме „духот на Енкориџ“, изјави тој вчера за руските државни медиуми, мислејќи на Самитот во август меѓу Путин и Трамп во американската сојузна држава Алјаска.

Никакви договори постигнати за време на еднодневниот состанок не беа објавени.

Киев и неговите западни сојузници, вклучително и САД, повикуваат на итен прекин на огнот долж огромниот фронт, но Москва го отфрли тоа, повторувајќи ги барањата што Украина вели дека се рамни на де факто капитулација.

Претходно овој месец, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека предусловите на Москва за мировен договор – вклучително отстапување територија, строги ограничувања за големината на украинската војска и неутралност на земјата – не се променети откако Путин ги постави во 2024 година.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Министерот Муцунски ја предводеше владината делегација на одбележувањето на 23 Октомври

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Скопје ја предводеше владината делегација која положи цвеќе пред Споменикот на основачите на ВМРО, по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба.

Министерот Муцунски ја предводеше владината делегација на одбележувањето на 23 Октомври

По повод празникот, министерот Муцунски истакна дека 23 Октомври е потсетник на идеалите за слобода, самостојност и државотворност и ден на почит кон генерациите што го трасирале патот кон современата македонска држава.

„Наша обврска е тие идеали да ги чуваме со достоинство и да градиме силна, стабилна и меѓународно почитувана држава, одговорно водејќи ја кон напредок и нови достигнувања“, порача Муцунски.

Свои на своето – нека е честит Денот на македонската револуционерна борба!

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Двајца кумановци нападнаа повозрасен маж за да го принудат да земе брз кредит, уапсени се

Лишени од слобода две лица од Куманово, физички нападнале и ограбиле повозрасен маж и се обиделе да го принудат да земе брз кредит од финансиско друштво.

Двајца кумановци нападнаа повозрасен маж за да го принудат да земе брз кредит, уапсени се

На 22.10.2026 во Куманово, полициски службеници од СВР Куманово ги лишија од слобода 45 - годишната С.Б. и Р.Т.(52) од Куманово. Според пријавеното, С.Б. измамила и повикала во својот дом 64-годишен маж наводно за да ѝ помогне да купи мобилен телефон, а кога пристигнале во дворот Р.Т. физички го нападнал, а таа му одзела пари и телефон . Како што е пријавено, после тоа го принудиле да отиде во финансиско друштво за да подигне брз кредит, но тој успеал да ѝ сигнализира на вработената дека е принуден да го прави тоа, по што повикала полиција.

Двајцата биле приведени во полициска станица и по целосно документирање на случајот против нив ќе следува соодветна пријава, соопштуваат од МВР.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Почина авторот на бестселери, писателот Рју Мураками- неговиот прв роман е продаден во 3,5 милиони примероци

Јапонскиот писател, кој без срам пишуваше за насилството, отуѓеноста и темната страна на општеството, изгради кариера што траеше половина век. 

Почина авторот на бестселери, писателот Рју Мураками- неговиот прв роман е продаден во 3,5 милиони примероци

Покрај неговите најпродавани романи, тој помина две децении интервјуирајќи ги најмоќните бизнисмени во Јапонија, но неговото вкупно богатство никогаш не беше со сигурност објавено.

Јапонскиот писател Рју Мураками почина на 17 октомври на 74-годишна возраст, а веста за неговата смрт беше објавена на 23 октомври. Тој остави зад себе кариера што покажува дека литературата може да биде многу повеќе од уметнички израз: може да стане долгорочен комерцијален производ, извор на приход преку разни медиуми и платформа за влез во светот на телевизијата и бизнисот.

Мураками првпат го привлече вниманието на јавноста во 1976 година, додека сè уште беше студент, со својот дебитантски роман „Скоро транспарентно сино“. Книгата, која се занимаваше со младоста, дрогата, сексот и чувството на загуба, предизвика контроверзии, но во исто време освои две значајни јапонски книжевни награди - наградата Гунчо за нови писатели и престижната награда Акутагава.

Сепак, најважното нешто за економската страна на неговата приказна е тоа што романот стана огромен комерцијален успех. Според извештаите на јапонските медиуми, продадени се околу 3,5 милиони примероци, вклучувајќи изданија со тврди и меки корици.

Милиони продадени книги, но не и познато богатството

Три и пол милиони продадени примероци се импресивен резултат, особено за роман кој е дебитантско дело на млад автор. Сепак, бројот на продадени книги не е ист како парите што ги заработил авторот.

За да се пресмета неговата заработка, би било потребно да се знаат продажните цени на различните изданија, договорените авторски хонорари, приходите на издавачот и дистрибутерот, даноците, трошоците за репрезентација и начинот на кој се организирани приходите. Овие податоци не се достапни во доволни количини за да се направи сигурна проценка на вкупната заработка.

Примерот на Мураками затоа ја покажува другата страна на пазарот на издаваштво: дури и кога е познат тиражот, не е можно едноставно да се помножи бројот на продадени книги со нивната цена и да се припише добиениот износ на авторот. Најголемиот дел од малопродажната цена оди за трошоците на издавачкиот синџир, додека авторот добива договорен дел од приходите.

Не е пронајдена сигурна, официјално потврдена проценка за вкупниот имот или годишниот приход на Мураками. Затоа, секое тврдење дека бил милионер со одредена сума на сметка би било шпекулација, а не потврден економски факт.

Уште еден бестселер: Книга што стана водич за кариера

Комерцијалниот успех на Мураками не беше ограничен само на литературата во потесна смисла. Еден од неговите најпознати проекти беше книгата „13 години - Водич за занимања“ (13-sai no Hello Work), објавена во 2003 година.

За разлика од темните романи по кои стана познат, оваа книга беше наменета за млади луѓе кои размислуваат за својата идна професија и избираат професионален пат. Според официјалната веб-страница на проектот, продадени се околу 1,3 милиони примероци, а книгата е користена во повеќе од 8.000 основни и средни училишта во Јапонија.

Ова е исто така важна информација од деловна перспектива. Мураками успеа да го пренесе своето име и углед од еден жанр во друг, обраќајќи се кон сосема поинаква публика. Книгата не остана само издавачки производ, туку прерасна во долгорочен образовен проект, со официјална веб-страница која продолжи да ја развива својата основна идеја.

Токму ваквите примери покажуваат како брендот на авторот може да преживее надвор од својот оригинален пазар. Кога книгата станува дел од образовниот систем и пошироката општествена дебата, нејзиното влијание повеќе не се мери само со продажбата во книжарниците.

Две децении разговори со најмоќните бизнисмени во Јапонија

Мураками имаше и друга, помалку очекувана професионална улога. Од 2006 година, тој е главен интервјуер за емисијата „Камбрија Палас“ на јапонската телевизија ТВ Токио, економска програма посветена на бизнисот, компаниите и нивните лидери.

Тој остана на оваа позиција приближно 20 години, до март 2026 година. Во збогумската изјава, ТВ Токио рече дека во тој период бил домаќин на повеќе од 1.000 испитаници, првенствено раководители и бизнис лидери, и дека на емисијата ѝ ја дал препознатливата форма благодарение на неговиот авторски пристап и остри прашања.

Ова значи дека професионалниот живот на Мураками не зависел само од продажба на романи. Неговата работа вклучувала литература, филмски проекти, уредување на електронско списание за економија и финансии, како и долгорочен телевизиски ангажман.

За автор од таков профил, постојат неколку можни извори на приход: авторски права, права за нови изданија, преводи и екрански адаптации, како и хонорари за телевизиска работа. Сепак, без договори и финансиски извештаи од неговата компанија, не е можно да се утврди колку пари донел секој од овие извори.

Литературата како долгорочен бизнис

Кариерата на Мураками покажува дека успехот на еден писател не мора да се базира на еден голем хит. Неговиот дебитантски роман стана бестселер, но во текот на следните децении објави и други значајни дела, вклучувајќи ги „Деца од лента за багаж“, „Во мисо супа“ и „Полуостровот излегува“.

Некои од неговите книги се адаптирани во филмови, а неговите дела се преведени и објавени надвор од Јапонија. Таквиот меѓународен живот може да ја продолжи комерцијалната вредност на книгата многу години по нејзиното прво објавување. Сепак, секој превод, филмска адаптација или ново издание вклучува посебни договори, така што приходот на авторот не може да се пресмета само од бројот на објавени наслови.

Неговиот случај е особено интересен бидејќи Мураками беше и писател кој се занимаваше со најтемните страни на современото општество и телевизиски интервјуер кој разговараше со раководителите на големи компании. И во двата света, тој беше заинтересиран за тоа како функционираат луѓето, моќта, парите и општествените промени.

Па колку заработил Рју Мураками?

Нема сигурен јавен запис за неговото вкупно богатство. Она што може да се документира е дека неговиот прв роман се продал во околу 3,5 милиони примероци, дека неговата книга за млади се продала во околу 1,3 милиони примероци и дека тој бил водител на една од најпрепознатливите економски телевизиски емисии во Јапонија две децении.

Ова се мерливи индикатори за кариера што далеку го надминала неговото литературно деби. Неговото богатство можеби не е прецизно пресметано, но неговиот дострел на пазарот останал видлив преку неговите книги, неговиот образовен проект и неговото долгогодишно присуство на телевизија.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер