Амбасадата на САД очекува независно судство без разлика кој ќе го раководи

Американската aмбасада во Скопје во врска со последните случувања во Судскиот совет денеска повторно изрази надеж дека ќе има независно и одговорно судство без разлика кој ќе биде во раководството.

-Амбасадата на САД се надева дека ќе има независно и одговорно судство без разлика кои се неговите раководители. Ова е од суштинско значење за градење доверба во институциите на судството во Македонија, наведуваат од Амбасадата на САД за телевизија Алсат во врска со разрешувањето на претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева.

Судскиот совет во средата на јавна седница неочекувано ја разреши претседателката Весна Дамева. Директен повод за разрешување на Дамева било нејзиното одбивање да стави на дневен ред нова точка и наводното криење на писмото од амбасадорката Агелер. Нејзиното разрешување го иницира заменикот Селим Адеми, кој по неколку часа тензии и расправии, доби поддршка од 7 од 13 члена на Советот за остратнување на Дамева од претседателското место.

Нејзиниот наследник требаше да се избира вчера, но седницата на Судскиот совет на која се очекува да се гласа нов претседател е презакажана за 2 мај во 11 часот. Заменик-претседателот на Советот Селим Адеми, побара одлагање за неколку дена, поради, како што рече, важноста на прашањето како што е избор на нов претседател, за кое би било добро присуство на сите 13 членови.

Дамева, која по гласањето за нејзино разрешување обвини дека „Советот е претворен во анархија“, а одлуката ја оцени како противзаконска и донесена „за да се задоволат одредени поединци од политиката“, вчера произнесувајќи се за предлогот за одлагање на седницата, рече дека се надева оти во наредните денови ќе има доволно време да се види дали ќе се обезбеди потребното мнозинство за да се легализира, како што наведе, нејзиното незаконско разрешување.

За разрешувањето на Дамева, но и за општата состојба во судството, реагираа претседателот Стево Пендаровски, Министерството за правда, како и правни експерти.

Денеска и претседателката на Врховниот суд Беса Адеми апелираше да се надмине состојбата во Судскиот совет во интерес на граѓаните и на државата.

-Врховниот суд како највисок суд во државата и носител на судската власт истакнува дека во овој клучен период за државата, сите чинители во судството мора да го насочат своето дејствување кон остварување на препораките нотирани во релевантните извештаи за напредокот на Република Северна Македонија, како што се Извештајот на Европската комисија и Извештајот на Стејт департментот. Го охрабруваме Судскиот совет да ја надмине состојбата првенствено во интерес на граѓаните и во таа насока да продолжат напорите за подготовка на Стратегијата за реформи на правосудството, потребните законски измени и примената на европските стандарди, независноста и ефикасноста на судството, борбата против корупцијата, транспарентноста и враќањето на јавната доверба, вели Адеми. /МИА

Младите и пчеларството во фокусот на одбележувањето на Светскиот ден на пчелата

Светскиот ден на пчелата - 20 Мај годинава ќе биде одбележан под темата „Младите ангажирани во заштита на пчелите“. 

Одбележувањето на Светскиот ден на пчелата ќе се одржи на плоштадот „Филип Втори“ во населба Автокоманда и на платото пред Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје, во чиј круг се наоѓа и „Паркот на пчелата“, кој е во фаза на изградба.

Организатори се хуманитарната и развојна организација АДРА Македонија, со финансиска подршка од Амбасадата на Република Словенија и со поддршка од општината Гази Баба и Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје, заедно со децата од градинките на територија на општината и студентите од факултетот.

- „Младите ангажирани во заштита на пчелите“ ја истакнува важноста од вклучување на младите во активности за промовирање на пчелите и пчеларството, и воопшто, во зачувување на опрашувачите, препознавајќи ги како идни чувари на нашата животна средина. Истовремено, ја нагласува глобалната потреба од соработка за ангажирање на младите во заштитата на овие инсекти од витално значење. Со тоа ја штитиме безбедноста на храната и овозможуваме стабилен земјоделскиот сектор и се бориме за зачувување на биолошката разновидност, се вели во соопштението од АДРА Македонија.

Предвидена е богата програма во која акцент е ставен на учеството на младите, ќе биде проверено нивното знаење за пчелите и пчелните производи, ќе биде одржана ликовна колонија на теми посветени на пчелите, ќе бидат засадени медоносни растенија во „Паркот на пчелата“. Ќе бидат поставени богати штандови со пчелни производи, сѐ со цел пошироката јавност да се запознае со огромната улога што ја имаат медоносните пчели во опрашувањето на растенијата, како и во производството на пчелните производи.

Меѓународниот ден на пчелата се слави на 20 мај, роденденот на Словенецот Антон Јанша, основоположникот на модерното пчеларство (1734-1773). Предлогот на Словенија за воведување на Меѓународен ден на пчелата бил едногласно прифатен на Генералното собрание на ООН на 20 декември 2017 година.

Со одбележувањето на Светскиот ден на пчелата, АДРА Македонија со своите партнери се приклучуваат кон кампањата за заштита на автохтоната македонска медоносна пчела (Apis mellifera macedonica), која здружението Македонска пчела (MacBee) ја започна пред неколку години под слоганот „Одгледувам македоника, одгледувам наше“. /МИА

САД: Можни се терористички напади врз претставници на ЛГБТ заедницата ширум светот

 Владата на САД ги предупреди американските државјани да бидат внимателни поради евентуални терористички напади врз претставниците на ЛГБТ заедницата ширум светот.

- Поради потенцијалниот ризик од терористички напади, демонстрации или акти на насилство против американските граѓани и интереси, Стејт департментот ги предупредува своите граѓани во странство да покажат зголемена будност, се наведува во соопштението.

Исто така се наведува дека постои потенцијален ризик од насилство врз ЛГБТ заедницата инспирирано од странски терористички организации.

- Американските граѓани треба да бидат внимателни за време на маршевите на ЛГБТ заедницата, наведува Стејт департманот./МИА

Баку: Франција да престане со неоснованите тврдења против Азербејџан

Министерството за надворешни работи на Азербејџан вчера ги отфрли „навредливите обвиненија“ и повтори дека Баку не е поврзан со протестите во Нова Каледонија.

- Наместо да го обвинува Азербејџан дека наводно ги поддржува протестите за независност во Нова Каледонија, Франција треба да се фокусира на неуспешната политика на прекуокеанските територии што доведе до такви протести. Уште еднаш ја повикуваме Франција да престане со неоснованите тврдења против нашата земја, истакна портпаролот на азербејџанското МНР, Ајхан Хаџиев.

Францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дарманин на 15 мај го обвини Азербејџан за мешање во политиката на пацифичката територија Нова Каледонија.

- Ова не е фантазија … Жалам што некои од сепаратистите се договорија со Азербејџан … дури и ако има обиди за мешање … Франција е суверена на својот сопствена територија, истакна Дарман.

Но, Дарманин не презентираше докази за вмешаноста на Азербејџан во немирите на Нова Каледонија.

Француската единица за откривање дезинформации преку интернет, „Вигинум“, формирана како одговор на руските активности во Африка, објави извештај во кој се идентификувани најмалку 86 азербејџански профили кои на платформата Икс шират антифранцуска пропаганда.

Немирите на Нова Каледонија почнаа на 13 мај поради уставната реформа, која предвидува промени на изборниот закон на француската територија. Националното собрание во Париз усвои реформа со која на илјадници француски граѓани, кои пред најмалку 10 години се преселиле на јужниот пацифички архипелаг, им се дава право на глас на локалните избори, а со тоа и поголемо политичко влијание. /МИА

притисни ентер