АЛКАЛОИД со рекордни консолидирани продажби од 246,6 милиони евра, извоз од 160,4 милион евра и со инвестиции од 15 милиони евра во периодот јануари – септември 2025 г. - Канал 5

АЛКАЛОИД со рекордни консолидирани продажби од 246,6 милиони евра, извоз од 160,4 милион евра и со инвестиции од 15 милиони евра во периодот јануари – септември 2025 г.

Според единечниот биланс на успех, во периодот јануари – септември 2025 година продажбите достигнуваат 10.180.866.920 денари, што е за 2 % повеќе во споредба со истиот период од минатата година. 

АЛКАЛОИД со рекордни консолидирани продажби од 246,6 милиони евра, извоз од 160,4 милион евра и со инвестиции од 15 милиони евра во периодот јануари – септември 2025 г.

Приходи од продажби

Според единечниот биланс на успех, во периодот јануари – септември 2025 година продажбите достигнуваат 10.180.866.920 денари, што е за 2 % повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Вкупните консолидирани продажби, пак, достигнуваат 15.191.149.664 денари, што е за 7 % повеќе во споредба со истиот период од минатата година.

Во 2024 година остваривме импресивен раст од 14%, што ги надмина нашите првични проекции и претставуваше значително зголемување во однос на планираното за 2024 година. Ваквиот исклучителен резултат во 2024 година постави висока основа за тековната година, при што моменталниот раст е умерен, но е во согласност со предвидената динамика. Во споредба со планираните продажби за првата половина од 2025 година реализираните се поголеми за 2 %.

Продажби според региони

Консолидираните продажби остварени на домашниот пазар се зголемени за 17 % во споредба со првите девет месеци од минатата година. Како докажан партнер на јавното здравство, компанијата активно учествува во обезбедувањето на најсовремени ретки и специфични терапии преку застапување на производите на светски реномирани фармацевтски производители, обезбедувајќи значајна поддршка за здравствениот систем во земјава. Иако профитабилноста на овие програми е ограничена, тие значително го зголемуваат учеството на домашниот пазар во вкупните консолидирани продажби. Од вкупните консолидирани продажби 35 % се остварени на домашниот пазар, додека, пак, 65 % се остварени на странските пазари. Гледано според региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 27 %, во земјите од Источна Европа (ЗНД, УКР...) се остварени 19 %, а во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 18 % од вкупните консолидирани продажби.

Најголем пораст кај извозните пазари, во споредба со минатата година, бележат продажбите остварени во Австрија, кои се зголемени 6-пати; потоа во Холандија, каде што се зголемени 5,5-пати, во Шведска, каде што се зголемени 4-пати, на Финска, каде што се зголемени 3,5-пати, како и во Малта и Јужна Африка каде што продажбите се зголемени 2 пати. Потоа следуваат оние во Исланд (раст од 83%), Португалија (раст од 59%), Ирска (раст од 45 %), во Грузија (раст од 40 %), Казахстан (раст од 29 %), Полска (раст од 23 %), во Германија (раст од 19 %), Босна и Херцеговина (раст од 14 %), Ерменија (раст од 13 %) итн. Во периодот што следува очекуваме кумулативните пласмани на странските пазари да ги надминат минатогодишните.

Продажби според групи производи

Гледано според групи производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација, и тоа 91 %. Од нив поголем удел имаат антибиотиците со 23 %, препаратите ОТЦ со 18 %, невролошките препарати со 13 %, кардиолошките препарати со 12 % од вкупните консолидирани продажби итн. Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 9 % во вкупните консолидирани продажби, поточно хемија учествува со 2 %, козметика со 6 %, а билкарство учествува со 1 %. Вкупните продажби бележат пораст кај сегментот фармација, додека во Сегментот хемија, козметика и билкарство се на исто ниво во споредба со остварените во истиот период од 2024 година. Сегментот фармација бележи раст од 7 %, хемија раст од 20 %, козметика пад од 2 %, а билкарство намалување од 14 %. Намалувањето на продажбите во сегментите козметика и билкарство во голема мера се должи на намалените и ограничени цени и маржи на речиси целото портфолио во Македонија, Србија и во Црна Гора кои беа на сила во одреден период од годината.

Инвестиции

Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари – септември 2025 година изнесуваат 929.289.935 денари.

Резултати од работењето

Единечната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА), која изнесува 2.546.860.903 денари, бележи зголемување од околу 8 %, додека, пак, единечната нето-добивка изнесува 1.531.839.773 денари и е зголемена за 7 %.

Консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА) достигна 2.771.616.825 денари и бележи раст од 11 %, додека, пак, консолидираната нето-добивка во износ од 1.487.454.694 денари е зголемена за 8 %.

При извршувањето на оперативните активности АЛКАЛОИД АД Скопје ангажираше повеќе од 1.000 домашни добавувачи.

Вработени

Во периодот јануари – септември 2025 година во АЛКАЛОИД АД Скопје се реализирани 46 нови вработувања во РС Македонија. Со одлука на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје, во март 2025 година е одобрен и исплатен регрес во висина од 44.500 денари нето-износ за користење годишен одмор за вработените во компанијата. Групацијата АЛКАЛОИД брои 2.996 вработени, од кои 2.251 се во земјава, а 745 се вработени во капитално поврзаните друштва во странство.

Податоци за акциите

Акциите на АЛКАЛОИД АД Скопје котираат на официјалниот пазар на Македонската берза за хартии од вредност од 2002 година и важат за едни од најтргуваните и најликвидните акции на Берзата. Цената на акцијата во периодот јануари – септември 2025 година се движеше од 24.000,00 до 31.099,00 денари или просечно 27.334,92 денари за една акција, што претставува раст од 31,7 % во споредба со просечната цена на акцијата во истиот период од 2024 година. Движењето на цената на акцијата е во рамките на трендот на просечниот годишен раст и се должи на редовното и транспарентно објавување позитивни резултати од работењето на компанијата, позитивното јавно мислење, на довербата во нашите производи, управувањето со Друштвото и на генералниот тренд на движење на глобалните и на регионалните берзи. На 30.09.2025 година акциите на АЛКАЛОИД АД Скопје беа во сопственост на 6.395 акционери, физички и правни лица, a пазарната капитализација на компанијата изнесуваше 36,9 милијарди денари.

На 1 април 2025 година, на Годишното собрание на акционерите, е одобрена пресметка и исплата на бруто-дивиденда за 2024 година во износ од 901.752 илјади денари. Во согласност со дивидендниот календар, во мај 2025 година започна исплатата на дивидендата во износ од 630 денари бруто, односно 567 денари нето за една акција. Дивидендата од акција за 2024 година е поголема за 16,67 % во однос на исплатената дивиденда од акција за 2023 година.

Бизнис-план за 2025 година

Бизнис-планот за 2025 година, донесен со одлука на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје на седницата одржана на 27.12.2024 година, предвидува инвестирање на околу 8 % од консолидираните приходи од продажби во материјални и во нематеријални средства, раст од 8 % на консолидираните продажби во однос на реализираните во 2024 година, како и раст од 7 % на консолидираниот профит пред оданочувањето во однос на 2024 година.

Бизнис-планот за 2025 година е базиран на очекувањата, проекциите и на можностите на тековните и на новите пазари и производи достапни за компанијата во моментот на изготвување на Планот. Околностите и настаните во 2025 година, а со тоа и остварените резултати може да варираат во однос на прикажаните во Бизнис-планот.

Очекувања за претстојниот период

Трендот на работење во отежнати економски услови, кои беа актуелни во изминатите неколку години, продолжи и во 2025 година. Доминанти предизвици беа инфлацијата и порастот на каматните стапки, кои, сепак, според сите очекувања, би требало да влезат во зоната на стагнација, а можеби и на благо опаѓање. Секако, глобалните безбедносни кризи ги отежнуваат економскиот амбиент и предвидливоста, што секогаш може да повлијае и врз цените на енергенсите, да создаде тешкотии во синџирите на испораки, но и да повлијае врз достапноста на одредени материјали. Дополнително, потенцијалниот ризик од глобална трговска војна може да предизвика нови покачувања на цените на суровините и да доведе до зголемени трошоци во работењето. Внимателно го следиме развојот на настаните и преземаме мерки за ублажување на овие потенцијални ефекти.

Очекуваме во 2025 година да продолжиме по патеката на континуираниот раст базиран на можностите од нашите тековни инвестиции во нови производствени капацитети и опрема и од вложувањата во развојно-истражувачки проекти, на тој начин создавајќи конкурентно портфолио и можности за ширење на пазарите. За остварување на овие цели ќе продолжиме и со нови вработувања во земјава, но и на странските пазари, притоа континуирано вложувајќи во подигнувањето и во усовршувањето на нивото на знаења и на вештини на нашите вработени и во градењето таленти..

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Српски медиуми: Бака Прасе го исценирал сопственото приведување, следуваат кривични пријави

Тврдењата дека маскирани лица го привеле јутјуберот Богдан Илиќ, попознат како Бака Прасе, се лажни.

Српски медиуми: Бака Прасе го исценирал сопственото приведување, следуваат кривични пријави

Ова е утврдено по истрагата спроведена од Вишото јавно обвинителство во Белград и службеници од полициската станица „Савски венац“. Претходно, на профилот на Илиќ на Инстаграм се појави објава во која се тврди дека маскирани лица го однеле од неговиот стан.

Илиќ ѝ објаснил на полицијата дека ја објавил таа информација како дел од снимањето на видео кое планира да го објави на својот Јутјуб канал.

Поради ширење паника преку лажни информации на Инстаграм, против него ќе биде поднесена кривична пријава до Посебното одделение за високотехнолошки криминал при Вишото јавно обвинителство во Белград. Пријавата се однесува на кривичното дело предизвикување паника и неред.

Што содржеше објавата

На профилот на Илиќ на Инстаграм беше објавено соопштение од неговиот тим, во кое се тврди дека тој бил приведен околу 06:00 часот наутро. Во објавата, потпишана од „Тимот на Бака Прасе“, исто така се наведува дека за ситуацијата бил известен и неговиот адвокат.

Неговите соработници спомнаа и наводна поврзаност со „Алта банка“, тврдејќи дека Илиќ се доведува во врска со сомневања за перење пари. Оваа информација не е потврдена.

Обвинителството нареди истрага

Вишото јавно обвинителство во Белград претходно ѝ наложи на полицијата итно да ги провери тврдењата дека маскирани лица го однеле Илиќ од неговиот стан. Полициските службеници требаше да ја проверат информацијата на терен и да преземат други неопходни мерки за да утврдат што се случило. По извршените проверки, обвинителството и полицијата утврдија дека наводите се лажни.

Извор: Индекс.хр

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Мерц ветува заштита на Евреите во Германија; антисемитизмот станува сè пораспространет

Фридрих Мерц изјави дека Германија се соочува со тест за својата посветеност кон заштитата на еврејската заедница.

Мерц ветува заштита на Евреите во Германија; антисемитизмот станува сè пораспространет

Тој ја опиша глетката на градинки и синагоги, чувани од вооружена полиција зад стакло отпорно на куршуми, како „ужасна“, пренесува Ројтерс.

Мерц го изјави ова во говор во синагога во Минхен, на годишнината од „Кристална ноќ“ (Kristallnacht) во 1938 година – настан што послужи како вовед во Холокаустот и истребувањето на повеќе од шест милиони европски Евреи, спроведено од нацистите. Тој истакна дека антисемитизмот станал „распространет“.

„Го гледаме и го слушаме на нашите улици, во нашите градови, во градовите на нашите европски соседи и ширум светот – во парламентите, клубовите и училиштата“, рече Мерц. „Токму затоа, ова е момент на вистината за паролата ’Никогаш повеќе‘, на која толку често се повикуваме“, додаде тој.

Тој вети дека неговата влада ќе стори сè што е во нејзина моќ за да го заштити еврејскиот живот, како во Германија, така и во странство. Исто така, ја потврди долгогодишната поддршка на Германија за Израел, нагласувајќи дека тоа е „дел од нашата историска одговорност“. Слични заложби за заштита на еврејските институции и борба против антисемитизмот претходно дадоа и претходниците на Мерц, Ангела Меркел и Олаф Шолц.

Според годишниот извештај на организацијата „RIAS“, бројот на антисемитски инциденти драстично се зголемил по избувнувањето на војната во Газа во 2023 година. Минатата година биле евидентирани 8.725 вакви инциденти – повеќе од тројно во споредба со 2022 година – што изнесува просек од 24 случаи дневно.

Палестински извори наведуваат дека повеќе од 74.000 луѓе се убиени во израелските напади врз Газа. Нападите беа извршени откако борци предводени од Хамас убија приближно 1.200 луѓе во јужен Израел на 7 октомври 2023 година.

„Срам за нашата земја“

Илзе Ајгнер, претседателка на Баварскиот покраински парламент, чувството на несигурност што го доживуваат многу Евреи во Германија го опиша како „срам за нашата земја“. Мерц претходно ја имаше предложено неа како конзервативен кандидат за функцијата претседател на Германија.

„Кристалната ноќ“ претставуваше погром врз Евреите, кој започна на 9 ноември 1938 година, а вклучуваше убиства, грабежи и уништување имот. Името се однесува на скршеното стакло од уништените синагоги, продавници и домови, кое ги покривало улиците.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Американски претставник: Русија и Украина подготвени за компромис околу територијата

Во неофицијални разговори, Русија и Украина покажуваат одредена подготвеност за компромис околу територијата, во пресрет на новите мировни преговори што започнуваат утре во Абу Даби.

Американски претставник: Русија и Украина подготвени за компромис околу територијата

Ова го изјави американски претставник запознаен со подготовките за разговорите, додавајќи дека, за првпат, Вашингтон забележува искрена желба од руска страна за ставање крај на војната, пренесува Ројтерс.

„За првпат имам впечаток дека гледаме вистинска желба од руска страна сето ова да се приведе кон крај“, рече претставникот, кој ги информираше новинарите под услов да остане анонимен.

Што ќе се случи со окупираните територии?

Според претставникот, двете страни приватно покажуваат одредена флексибилност во однос на можна територијална размена. Сепак, тој нагласи дека каков било договор за територијата веројатно би се постигнал дури на крајот од преговорите, откако ќе се постигне консензус за другите прашања.

Територијалните прашања досега беа една од најголемите пречки за постигнување мировен договор. Украина инсистира на враќање на нејзините меѓународно признати граници, додека рускиот претседател Владимир Путин бара контрола врз целиот регион Донбас.

Американскиот претставник не откри какви територијални отстапки би можеле да направат Москва и Киев. Неговите изјави во оваа фаза не значат дека е постигнат договор, ниту пак дека некоја од страните официјално ги променила своите барања.

Вашингтон смета дека прво треба да се договори безбедносен аранжман за периодот по војната. Дури потоа би имало простор за конечен договор во однос на територијата.

Безбедносни гаранции за Украина

Една од главните теми на преговорите ќе бидат безбедносните гаранции за Украина. Се разгледува можноста за заштита слична на онаа од Членот 5 од Договорот на НАТО, според кој напад врз една членка се смета за напад врз сите членки.

Таков модел би требало да ѝ обезбеди на Украина безбедносни гаранции по евентуалниот мировен договор, но засега не е познато како би функционирал тој, ниту кои земји би презеле конкретни обврски. Американскиот претставник нагласи дека договорот за повоената безбедносна архитектура ќе биде клучен за решавање на територијалните прашања. Американското посредување во Абу Даби ќе го предводат специјалниот пратеник Стив Виткоф и Џаред Кушнер, зетот на претседателот Доналд Трамп. Преговорите треба да траат два дена, почнувајќи од вторник. Претставник на САД изјави дека постои можност Виткоф и Кушнер, по завршувањето на разговорите, да отпатуваат во Русија на средба со Путин. Ваквата посета сè уште не е потврдена.

Во Вашингтон постои умерен оптимизам дека разговорите би можеле да доведат до напредок, иако американската страна признава дека за постигнување договор ќе биде потребно време. Во последните месеци, Трамп ги засилува дипломатските напори за ставање крај на војната, притоа често укажувајќи на тешките човечки жртви на двете страни од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година.

Извор: Индекс.хр

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер