Алкалоид со консолидирани продажби од 85,1 милиони евра, инвестиции од 7,9 милиони евра и 28 нови вработувања - Канал 5

Алкалоид со консолидирани продажби од 85,1 милиони евра, инвестиции од 7,9 милиони евра и 28 нови вработувања

Алкалоид со консолидирани продажби од 85,1 милиони евра, инвестиции од 7,9 милиони евра и 28 нови вработувања во земјата во периодот јануари – март 2026 г.

Алкалоид со консолидирани продажби од 85,1 милиони евра, инвестиции од 7,9 милиони евра и 28 нови вработувања

Според единечниот биланс на успех, во периодот јануари – март 2026 година продажбите достигнуваат 3.660.848.825 денари, што е за 6 % повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Вкупните консолидирани продажби, пак, достигнуваат 5.247.063.071 денари, што е за 1 % повеќе во споредба со истиот период од минатата година.

Продажби според региони

Консолидираните продажби остварени на домашниот пазар се зголемени за 18 % во споредба со минатата година. Како докажан партнер на јавното здравство, компанијата активно учествува во обезбедувањето на најсовремени ретки и специфични терапии преку застапување на производите на светски реномирани фармацевтски производители, обезбедувајќи значајна поддршка за здравствениот систем во земјава. Иако профитабилноста на овие програми е ограничена, тие значително го зголемуваат учеството на домашниот пазар во вкупните консолидирани продажби. Од вкупните консолидирани продажби 37 % се остварени на домашниот пазар, додека, пак, 63 % се остварени на странските пазари. Гледано според региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 29 %, во земјите од Источна Европа (ЗНД, УКР…) се остварени 20 %, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 13 %, а на другите пазари е остварен 1 % од вкупните консолидирани продажби.

Најголем пораст кај извозните пазари, во споредба со минатата година, бележат продажбите остварени во Казахстан, каде што се зголемени 20-пати, потоа во Велика Британија, каде што се зголемени 2,4-пати, како и во Чешка каде што продажбите се зголемени 2,3 пати. Потоа следуваат оние во Грузија (раст од 95%), Косово (раст од 39 %), во Грција (раст од 38 %), Полска (раст од 34 %), итн.

Продажби според групи производи

Гледано според групи производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација, и тоа 93 %. Од нив поголем удел имаат антибиотиците со 21 %, препаратите ОТЦ со 19 %, невролошките препарати со 13 %, кардиолошките препарати со 11 % од вкупните консолидирани продажби итн. Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 7 % во вкупните консолидирани продажби, поточно хемија учествува со 2 %, козметика со 4 %, а билкарство учествува со 1 %.

Инвестиции

Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари – март 2026 година изнесуваат 486.313 илјади денари, што претставува раст од 89% во однос на истиот период од претходната година. Речиси половина од вкупните инвестиции се однесуваат на вложувања реализирани преку поврзаното друштво АЛКАЛОИД ЕНЕРГЕТИКА ДООЕЛ, насочени кон изградба и развој на фотоволтаични капацитети за производство на електрична енергија од обновливи извори.

Резултати од работењето

Единечната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА), која изнесува 837.272.265 денари, бележи зголемување од околу 12 %, додека, пак, единечната нето-добивка изнесува 475.481.780 денари и е зголемена за 17 %.

Консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА) достигна 993.129.751 денари и бележи раст од 7 %, додека, пак, консолидираната нето-добивка во износ од 515.611.777 денари е зголемена за 5 %.

Вработени

Во периодот јануари – март 2026 година во АЛКАЛОИД АД Скопје се реализирани 28 нови вработувања во РС Македонија. Со одлука на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје, во февруари 2026 година е одобрен и исплатен регрес во висина од 47.000 денари нето-износ за користење годишен одмор за вработените во компанијата. Групацијата АЛКАЛОИД брои 3.027 вработени, од кои 2.223 се во земјава, а 804 се вработени во капитално поврзаните друштва во странство.

Податоци за акциите

Акциите на АЛКАЛОИД АД Скопје котираат на официјалниот пазар на Македонската берза за хартии од вредност од 2002 година и важат за едни од најтргуваните и најликвидните акции на Берзата. Цената на акцијата во периодот јануари – март 2026 година се движеше од 24.700,00 до 27.300,00 денари или просечно 25.249,85 денари за една акција. На 31.03.2026 година акциите на АЛКАЛОИД АД Скопје беа во сопственост на 6.532 акционери, физички и правни лица, a пазарната капитализација на компанијата изнесуваше 36 милијарди денари.

На 30 март 2026 година, на Годишното собрание на акционерите, е одобрена пресметка и исплата на бруто-дивиденда за 2025 година во износ од 1.030.574 илјади денари. Во согласност со дивидендниот календар, во мај 2026 година ќе започне исплатата на дивидендата во износ од 720 денари бруто, односно 648 денари нето за една акција. Дивидендата од акција за 2025 година е поголема за 14,3 % во однос на исплатената дивиденда од акција за 2024 година.

Бизнис-план за 2026 година

Бизнис-планот за 2026 година, донесен со одлука на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје на седницата одржана на 29.12.2025 година, предвидува инвестирање на околу 8 % од консолидираните приходи од продажби во материјални и во нематеријални средства, раст од 7 % на консолидираните продажби во однос на реализираните во 2025 година, како и раст од 7 % на консолидираниот профит во однос на 2025 година.

Остварените резултати во првиот квартал од 2026 година се во согласност со планираната динамика на реализација на бизнис-планот. Во наредниот период се очекува кумулативните пласмани на домашниот и на странските пазари да ги надминат минатогодишните остварувања.

Бизнис-планот за 2026 година е базиран на очекувањата, проекциите и на можностите на тековните и на новите пазари и производи достапни за компанијата во моментот на изготвување на планот. Околностите и настаните во 2026 година, а со тоа и остварените резултати може да варираат во однос на прикажаните во Бизнис-планот.

Очекувања за претстојниот период

Трендот на работење во отежнати економски услови, кои беа актуелни во изминатите неколку години, продолжува и во 2026 година. Доминанти предизвици беа инфлацијата и порастот на каматните стапки, а неизвесноста и натаму останува изразена. Друштвото е изложено на каматен ризик главно по основ на краткорочните и долгорочните кредити, при што истиот континуирано се следи и се управува преку директни преговори со банките, без значајни осцилации кај каматните стапки.

Воедно, глобалните безбедносни кризи, вклучително и ескалацијата на конфликтот поврзан со Иран, дополнително го отежнуваат економскиот амбиент и предвидливоста. Овие случувања имаат значително влијание врз глобалните енергетски пазари, предизвикувајќи пораст и зголемена волатилност на цените на енергенсите, што создава дополнителни инфлаторни притисоци и тешкотии во синџирите на испорака, како и ризици во однос на достапноста на одредени суровини и материјали. Дополнително, потенцијалниот ризик од продлабочување на глобалните трговски тензии може да предизвика нови покачувања на цените на суровините и да доведе до зголемени трошоци во работењето. Внимателно го следиме развојот на настаните и преземаме соодветни мерки за ублажување на овие потенцијални ефекти.

Очекуваме во 2026 година да продолжиме по патеката на континуираниот раст базиран на можностите од нашите тековни инвестиции во нови производствени капацитети и опрема и од вложувањата во развојно-истражувачки проекти, на тој начин создавајќи конкурентно портфолио и можности за ширење на пазарите. За остварување на овие цели ќе продолжиме и со нови вработувања во земјава, но и на странските пазари, притоа континуирано вложувајќи во подигнувањето и во усовршувањето на нивото на знаења и на вештини на нашите вработени и во градењето таленти.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Владата на САД одобри продажба на моќни чипови од Nvidia на „фантомска“ фирма во Кина

Американската администрација одобри продажба на чипови за вештачка интелигенција (ВИ) од компанијата „Nvidia“ на кинески фирми кои се поврзани со субјекти на „црната листа“ на САД.

Владата на САД одобри продажба на моќни чипови од Nvidia на „фантомска“ фирма во Кина

Постои зголемена загриженост дека ниту Министерството за трговија, ниту „Nvidia“ не спроведуваат темелна проверка при одобрувањето на кинеските фирми кои добиваат дозвола за ракување со чиповите „H200“ на „Nvidia“, наменети за вештачка интелигенција. Според весникот „The New York Times“, компанијата наречена „New Matrix“ се наоѓа на списокот на одобрени субјекти, иако нејзините канцеларии се празни – опишани како „празна сива школка, со жици што висат од таванот, таму каде што треба да има светилки“. Всушност, весникот пронашол многу малку докази дека компанијата воопшто постои во некаков реален облик:

„На интернет има многу малку информации за ’New Matrix‘, компанија основана пред 17 месеци. Името на фирмата го нема во списокот на станари во зградата што таа ја наведува како своја адреса. Во канцеларијата за управување со индустрискиот парк, која се наоѓа во близина, и рецепционерот и менаџерот изјавија дека немаат никаква евиденција за постоењето на оваа компанија“, пренесува „NYT“.

Дури и оние малку достапни информации за „New Matrix“ се загрижувачки. Нејзините сопственици се поврзани со кинески инвестициски фонд кој од 2024 година се наоѓа на „црната листа“ на американската влада. Според „The Times“, ова не е изолиран пропуст, туку загрижувачки тренд при кој на компании поврзани со субјекти кои подлежат на трговски ограничувања – воведени од причини поврзани со националната безбедност – им се дозволува да купуваат чипови од „Nvidia“.

За време на претседателствувањето на Бајден, „Nvidia“ се соочи со ограничувања за продажба на чипови во Кина. Сепак, администрацијата на Трамп ги олесни овие ограничувања откако „Nvidia“ се согласи да ѝ отстапи на владата 15 отсто од својата вкупна продажба. Извршниот директор на компанијата, Џенсен Хуанг, исто така започна интензивна кампања за лобирање, а според извештаите, тој бил цел на кинеското Министерство за државна безбедност во рамките на шпионска операција.

Извор: Б92

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Русија собра 47 бомбардери способни за носење нуклеарно оружје во една база

Русија собра дури 47 стратешки бомбардери, способни за носење нуклеарно оружје, во една воздухопловна база на Далечниот Исток.

Русија собра 47 бомбардери способни за носење нуклеарно оружје во една база

Според податоците од проектот „АвиВектор“, кој го следи движењето на воените авиони, ова ги опфаќа речиси сите бомбардери од типот „Ту-160“ и „Ту-95МС“ со кои моментално располага руската војска.

Во воздухопловната база „Украинка“, лоцирана во руската Амурска област, моментално се наоѓаат 10 бомбардери „Ту-160“ и 37 бомбардери „Ту-95МС“. Украинскиот воен портал „Дифенс експрес“ наведува дека ова би можело да претставува најголема концентрација на руска стратешка авијација на едно место, откако во февруари 2022 година започна инвазијата врз Украина.

Девет бомбардери преместени за неколку дена

Според „АвиВектор“, на почетокот на ноември Русија префрлила осум бомбардери „Ту-95МС“ и еден бомбардер „Ту-160“ во базата „Украинка“. Овие летала претходно биле стационирани во воздухопловните бази „Енгелс“ и „Олења“ – објекти што руската војска ги користи за изведување напади врз Украина.

Аналитичарите од „Дифенс експрес“ сметаат дека е можно овие девет бомбардери да учествувале во голем руски ракетен напад врз Украина во текот на ноќта на 3 ноември, пред да бидат преместени на Далечниот Исток.

Податоците објавени од „АвиВектор“ на 7 ноември покажуваат дека, по овие преместувања, во базата „Олења“ останал само еден авион „Ту-95МС“.

Зошто Русија ги преместува своите бомбардери толку далеку? Една можна причина за преместувањето е заштита на вредните летала од украински напади со беспилотни летала. Во текот на војната, руските воздухопловни бази постојано биле цел на вакви напади, при што базата „Енгелс“ во Саратовската област била особено изложена.

Базата „Украинка“ се наоѓа на повеќе од 6.000 километри од украинската граница, што значително ги отежнува евентуалните напади врз леталата стационирани таму.

Според „Дифенс експрес“, руските бомбардери во „Украинка“ се паркирани на отворено, без соодветни заштитни хангари. Аналитичарите сметаат дека руската команда се потпира на големата оддалеченост на базата од Украина. Русија сè уште нема завршено со изградбата на заштитни хангари.

Претходно, Русија започна со изградба на заштитни хангари за стратешки бомбардери во базата „Енгелс“, која се наоѓа многу поблиску до Украина.

Било планирано да се изградат до 20 вакви хангари. Сепак, сателитските снимки од октомври покажуваат дека за некои од објектите биле поставени само рамки.

„Дифенс експрес “ сугерира дека, како резултат на тоа, Русија можеби одлучила да премести голем дел од својата флота бомбардери во оддалечена база, наместо да ги задржи во „Енгелс“ без соодветна заштита.

Сепак, ова преместување го отежнува изведувањето на напади врз Украина, бидејќи авионите сега мора да поминуваат значително поголеми растојанија. Базата „Украинка“ се наоѓа на приближно 5.400 километри од „Енгелс“.

Што претставуваат бомбардерите „Ту-160“ и „Ту-95МС“?

„Ту-160“ е еден од најголемите и најбрзите стратешки бомбардери во светот. Тој може да носи крстосувачки ракети опремени со конвенционални или нуклеарни боеви глави.

„Ту-95МС“ е постар турбоелисен бомбардер, кој Русија исто така го користи за лансирање крстосувачки ракети со долг дострел. Двата типа авиони се клучна компонента на руската стратешка авијација.

Иако се способни да носат нуклеарно оружје, Русија ги користи и за време на војната за изведување напади врз украински цели со употреба на конвенционални ракети.

Нема потврда за подготовки за нуклеарен напад

Извештаите за концентрацијата на бомбардери не значат дека Русија подготвува нуклеарен напад. Засега, експертите ова преместување го припишуваат првенствено на заштитата на авионите и на прилагодувањата во нивното распоредување.

Понатаму, не постои независна официјална потврда за точниот број на авиони во воздухопловната база „Украинка“. Овие бројки се засноваат на следење на движењата на руските бомбардери и анализа на јавно достапни информации.

Според проценките објавени од „Дифенс експрес“ во август, Русија во тоа време располагала со 13 оперативни бомбардери „Ту-160“ и 38 бомбардери „Ту-95МС“. Доколку најновите податоци се точни, речиси целата оперативна флота од овие два типа авиони моментално се наоѓа во воздухопловната база „Украинка“.

Извор: Индекс.хр

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Утре променливо облачно време со температура до 21 степен, заладување од сабота

Времето утре ќе биде променливо облачно и релативно топло, информираат од УХМР.

Утре променливо облачно време со температура до 21 степен, заладување од сабота

МАКСИМАЛНА ТЕМПЕРАТУРА (во оС)

11 Попова Шапка, 12 Крива Паланка, Тетово, Лазарополе, 14 Виница, Крушево, 15 Скопје-Зајчев Рид, Маврови Анови, 16 Скопје-Петровец, Велес, Демир Капија, Струмица, Гевгелија, 17 Штип, Берово, Претор, Кавадарци, 18 Охрид, Битола, 19 Прилеп.

КОЛИЧИНА НА ВРНЕЖИ за изминатите 9 часа до 16 часот во (l/m2)

2 Лазарополе, 1 Крива Паланка, Охрид, Маврови Анови, Попова Шапка.

ВРЕМЕТО ДЕНЕСКА И ДО КРАЈОТ НА ДЕНОТ

Времето денеска беше променливо облачно со сончеви периоди. Во утринските часови по одделни котлини имаше појава на слаба магла. Во западните и северните делови имаше повремен слаб дожд. Дуваше слаб до умерен ветер од јужен правец.

До крајот на денот ќе се задржи променливо облачно со услови за слаб локален дожд во крајните западни региони. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец.

ВРЕМЕТО УТРЕ

Променливо облачно и релативно топло. По одделни котлини ќе има појава на утринска магла. Ќе дува умерен, наместа повремено засилен ветер од јужен правец.

Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12, а максималната ќе достигне од 17 до 21 степен.

Во Скопје, претежно облачно, во делови од котлината ќе има појава на утринска магла. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 17 степени.

ВРЕМЕТО ВО НАРЕДНИТЕ ДЕНОВИ

Следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со слаб до умерен интензитет. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Во петок ќе преовладува релативно топло време со температури кои ќе бидат значително над просекот за овој период од годината и ќе дува засилен до силен ветер од јужен правец (наместа со брзина над 80 km/h). Од сабота поради продор на постудена воздушна маса од север температурите ќе бидат во опаѓање.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер