Александар Петров: Време е за промена на бугарската стратегија кон Скопје

Актуелната состојба меѓу двете земји е доказ дека бура може да се направи и во чаша вода.“

Се чини дека преговорите меѓу Бугарија и Република Македонија повторно влегоа во фаза на стагнација, откако двете страни изградија цврсти и дефинитивни позиции во последните два дена, оценува бугарскиот портал Вебкафе во анализа на македонско-бугарските односи.

Според авторот на анализата, Александар Петров, властите во Скопје говорат за признавање на историските корени на македонскиот јазик и за „неодговорната и тешка геостратешка грешка" на Бугарија, додека пак Софија ја повторува мантрата дека е најголеми поддржувача на балканското проширување на Европската Унија, а дека Македонија не го почитува Договорот за добрососедство.

– Актуелната состојба меѓу двете земји е доказ дека бура може да се направи и во чаша вода. Буквално до пред неколку месеци, Бугарија беше најсилниот поддржувач на македонската кауза за членство во ЕУ. Сепак, несогласувањата во мешовитата комисија за историски прашања за тоа чив е револуционерот Гоце Делчев, ги изнесе на виделина сите контроверзни прашања, давајќи им глас главно на најбучните националистички и опортунистички гласови од двете земји. Апсолутен факт е дека комисијата за историја дојде до прашање за кое не може да се постигне договор, а македонските историчари претпочитаат да ги одложуваат и блокираат состаноците отколку да продолжат со дискусиите, се наведува во анализата.

Петров посочува дека Бугарија ја направила најсериозната можна грешка со тоа што „ова историско прашање" го претворила во залог за европската иднина на земјава.

– Постојат неколку причини зошто ветото за Македонија е лош потег, но прво и најважно е непријатната ситуација во која Владата ја става Бугарија – изолација, неразбирање од страна на нашите надворешни партнери и ставање во улога на „лошо момче", се наведува во текстот.

Според авторот на анализата, бугарското вето само по себе не е толку проблематично, туку проблем е тоа што ваквиот потег ја турка Софија на маргините на ЕУ на „места каде не се носат одлуки за иднината на Обединета Европа".

– Проблематично е затоа што наместо да ги решава постојните проблеми, (Бугарија) создава нови, а единствените кои имаат корист од тоа се популистите од двете страни на границата. Ако нашата дипломатија беше во можност да се извлече од изолација по прашањето за Македонија, работите ќе беа поинакви. За жал, бугарската кауза сепак не е заштитена во странство, се потенцира во анализата.

Во тексот се нагласува дека никој од европско семејство, па дури ниту оние кои вообичаено ја поддржуваат Владата во Софија – Европската народна партија, не застанале во одбрана на ставовите на Бугарија.

– Ќе беше убаво да се случеше, но не се случи. Наместо тоа, на еден или друг начин, промакедонските позиции осамнаа во голем број западни медиуми, вклучувајќи ги и „Политико", „Еуроњуз", „Блумберг" и голем број други, заедно со многу локални публикации на англиски јазик. Во очите на Западот, темата на спорот меѓу Бугарија и Македонија се повеќе наликува на битка меѓу Давид и Голијат, во која бугарската Влада е претставена како поголем хулиган кој го уценува својот помал сосед со барања да се откаже од неговиот национален идентитет и јазик и да ги прзнае своите бугарски корени. На читателите од Централна и Западна Европа им е тешко да го сфатат значењето на историјата за националната самодоверба, барем не на начинот на кој таа се сфаќа на Балканот. Тоа дека се бараат причини за гордост во минатото, бидејќи во сегашноста тие едноставно се многу малку, не е нешто што може лесно да му се објасни на некого што не е запознаен со оваа работа, смета Петров.

Во тексот натаму се нагласува дека во денешниот целсно биполарен свет каде се се дели на „добри и лоши момци", Бугарија е вклучена во втората категорија, без оглед на официјалните позиции на бугарското МНР или на Владата, од причина што „повеќето луѓе се внатрешно програмирани да сочувствуваат со послабиот, малтретираниот, малиот, кој сака да се соочи со угнетувањето и заканите на посилниот и да остане сам за да го задржи својот идентитет – ова е заговор од најмалку една третина од холивудските филмови со кои сите се храневме повеќе од 30 години".

– Во поинаква ситуација, послабиот може да биде Бугарија, но во моментот нарацијата негувана од македонските дипломати, новинари и јавни личности, е таква што нашата земја ја добива улогата на хулиган. Бугарското Министерство за надворешни работи остана да се жали на „македонската пропаганда". Прашање е дали таа македонска пропаганда ќе за вршеше некаква работа, ако не беше очигледно дека некои големи европски земји, предводени од Германија, во овој случај не се на бугарска страна, се нагласува во анализата.

Според авторот, во ваква ситауција на сите во Европа им е јасно дека доколку Северна Македонија сега не започне преговори со ЕУ, Русија, Турција, Кина, па дури и земји од арапскиот свет и Иран, ќе се обидат да го засилат своета влијание врз државата.

– Фактите се такви што Владата започна спор кој, барем засега, на нашата земја и носи повеќе негативни отколку позитивни работи. Нашата меѓународна репутација паѓа на опасни нивоа. И покрај тоа, заедно со извештаите за владеењето на правото во нашата земја, за Бугарија најмногу се зборува со негативен тон, а сегашната состојба наведува многумина да мислат дека можеби приемот на Софија во Обединета Европа во 2007 година беше грешка, што сега не треба се повтори и со Шенген зоната, се додава во текстот.

Според Петров, Македонија може нема да започне разговори за членство во ЕУ, но може да лобира во другите европски земји да ја турнат Бугарија во „ќошот со непослушните", со што идејата за обединување на Балканот во рамките на ЕУ, која ја промовира бугарската Влада, се повеќе бледнее.

Тој потенцира дека наместо да работи на зголемување на трговијата со Северна Македонија и да гради заедничка балканска моќ што во одреден момент во иднина може да стане моќно лоби во Советот на ЕУ, Бугарија избрала да се враќа кон минатото и ситните расправии за историски прашања.

– Сега е време да се запрашаме дали вреди целата оваа упорност. Упорното инсистирање нема да и донесе ништо добро за Бугарија – напротив. Станува јасно дека Македонците нема шанса да попуштат пред нашите сегашни барања, а антибугарските чувства само стануваат посилни и погласни. Ако ова некому му звучи како победа, време е сериозно да размисли за значењето на зборот победа. Такво нешто ќе не доведе до две можни сценарија – или Македонија во одреден момент конечно ќе влезе во ЕУ сеќавајќи се на трајното бугарско вето и проблемите со Софија или ќе станеме соседи со земја чија политика на крајот ќе ја диктира Русија или Кина, се оценува во анализата.

Според Петров, крајно време е Бугарија да се откаже од сегашната стратегија, која и носи само проблеми.

– А, Министерството за надворешни работи, наместо да се жали од официјални позиции, може повторно да ги преземе работите во свои раце и да престане да им доверува важни дипломатски прашања на коалициските партнери и овојпат да направи нешто значајно по ова прашање. Се надеваме дека се уште има доволно време за тоа, се заклучува во анализата. /МИА

Како да се стави крај на врсничкото насилство кај младите?

Со свирчиња во рака децата и родителите денеска во Градскиот парк во Скопје го „кренаа гласот“ против врсничкото насилство.

На отворениот настан во рамки на кампањата на Макпетрол за спречување на врсничкото насилство присутните родители, баби и дедовци порачаа дека врсничкото насилство може да се спречи само со поголема едукација. Велат се започнува од домашното воспитување, но клучни во борбата против насилството се институциите како училиштата и градинките од кои бараат поголема ангажираност на оваа тема.

- Малце да се елиминира пристап до интернет на рана возраст и само муабет дома, правилно воспитување се решава. Децата се повеќе време таму во школо, во градинка така да многу влијае и тоа какви воспитувачи и учители имаат.

- Едукација, школи, семинари, едукација пред се.

- Мислам дека најмногу образовниот систем треба да работи на тоа, психолозите во школите, педагозите и ние од дома да ги советуваме да не прават такви работи.

На отворениот настан присутните се забавуваа со повеќе музички, сценски интерпертации и интерактивни содржини. Актерот Сашко Коцев на најмладите им порача доколку се соочуваат со насилство да се охрабрат и тоа да го споделат со родителите, наставниците, педагозите..

- Јас една едноставна и ведра порака што ја испратив е се ставив јас кога сум бил да кажеме жртва, едноставно која била мојата позадина да не соопштам на никого. Тоа е еден срам дека ќе испаднеш послаб па ќе кажат „еј тужакаш“ или ми било страв дека тие што те малтретираат ако кажеш ќе станат уште полоши. Само тоа сакав да ги охрабрам дека треба да кажат децата.- Сашко Коцев – актер

Врсничкото насилство или булингот се јавува во повеќе форми: физички, вербален, социјален а во поново време и сајбер булинг. Токму изминатиов период имаше најмалку два случаи на физички пресметки меѓу малолетници, кои беа снимени со телефон, од кој за еден сеуште се чека судска пресуда. Психолозите реагираат дека системското решение е во целокупниот образовен процес, но и во домот од каде децата учат од родителот како да се соочуваат со емотивно тешки состојби.

Повторно „никна“ импровизиран забавен парк кај салата Борис Трајковски

​Поставените реквизити за забава и адреналин на празниот простор пред спортската сала Борис Трајковски се без соодветна документација и дозвола која гарантира безбедност за посетитлите, соопшти Град Скопје. 

Градот извршил надзор и превземал мерки да го казни правното лице, но според градот правното лице Дизниленд Реквизити продолжиле да работат насилно.

Денеска се распоредуваа и се монтираа и останатите реквизити. Сопственикот на Дизниленд Реквизити за Канал 5 објасни дека тој се обратил до Град Скопје и општина Карпош но оттаму писмено му одговориле дека не се надележни за дозвола и сега не му е јасно зошто овие реакции од страна на Град Скопје. Од Дизниленд Реквизити велат дека ги имаат сите потребни гаранции и потребни тестови за поставување на опремата и исто така правен договор со приватното лице на земјиштето дека овој простор ќе го користат еден месец.

Од Град Скопје објаснуваат дека ги повикуваат сите надлежни институции да реагираат и да постапат во најкус рок зошто станувало збор за самоволие и дека е ставено во прашање безбедноста на децата. Од фирмата Дизниленд Реквизити пак најавија дека со адвокатите ќе бараат да се реши нивниот проблем со град Скопје.

Нимиц за „Канал 5“: Засега ќе се воздржам од коментар

Специјалниот посредник на ОН во решавањето на спорот за името, Метју Нимиц, засега нема да ја коментира вжештената реторика на релација Атина – Скопје околу Преспанскиот договор и заканите од грчките политичари за ново вето за Македонија.

Медијаторот кој 25 години посвети за постигнување компромис меѓу двете страни, во ексклузивен одговор за Канал 5 кратко изјави: „Мислам дека ќе се воздржам засега. Не сум сигурен дека би можел да кажам нешто во овој момент“, вели Нимиц.

Во меѓувреме, не стивнуваат реакциите и дома и надвор околу усната употреба од новите македонски власти на името „Македонија“, без придавката „Северна“. Поранешниот министер за надворешни работи кој го потпиша Договорот во 2018 година, Никола Димитров во колумна за „Еуроњуз“ оценува дека Договорот од Преспа е добредојдена реалност, дури и меѓу неговите противници, а повторно отворање на спорот, според него, би било многу полошо.

- Договорот што го потпишавме е добар компромис, кој се однесува на критичните грижи на двете страни. Тоа ги смири билатералните односи во тоа време и ги започна обновените врски меѓу нашите народи, отворајќи ја вратата за пријателство и соработка, пишува Димитров.

Со сличен став за последиците од кршењето на Преспанскиот договор од македонска страна излезе и професорот по меѓународно право Тони Дескоски, кој беше дел од правниот тим во тужбата против Грција пред Меѓународниот суд за правдата во Хаг. Во објава на социјалните мрежи Дескоски реагира дека за Македонија полошо од Преспа е само прекршување на истата, а дополнително според него на ваков начин ќе и се даде на Бугарија аргумент дека нашето прекршување на Билатералната спогодба за добрососедство била причина за бугарското вето за ЕУ.

-Преспанскиот договор е ужасно лош по нашата земја и национален идентитет. Но, за нас има и полошо сценарио. А тоа е нашата земја да влезе во систематско и континуирано прекршување на Преспанскиот договор. Таквото поведение ќе создаде впечаток за крајна неодговорност на нашата страна, а на Грција ќе и даде простор да глуми жртва и да презема остри мерки кон нас, како одбрана од нашата “агресија”, смета Дескоски.

Ново предупредување до македонските власти да го користат само името „Северна Македонија“ повторно стигна од грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис. Во интервју за државната телевизија ЕРТ, Мицотакис, обраќајќи се до идната влада во Скопје повтори дека без целосно усогласување со Договорот за името, Грција нема да ги ратификува меморандумите и нема да има напредок во ЕУ-перспективата на земјава.

-По прашањето за името има многу јасно повлекување и сакам уште еднаш да упатам предупредувачка порака до новата влада, отсега да ја смени линијата. Да се ​​почитува оваа централна одредба од Договорот од Преспа, да се користи само името Северна Македонија во и надвор од државата, кога се споменува нашиот северен сосед. Во спротивно, сигурно е дека ќе создадат проблеми не само во односите на Грција со Северна Македонија, туку и во односите на Европа со Северна Македонија, рече Мицотакис.

Бурните реакции од официјална Атина се интензивираа по заклетвата на претседателката Силјановска Давкова која во таа прилика ја изостави „Северна“, а ист пристап најави и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, иако како што кажа, договорот е реалност и ќе се почитува.

притисни ентер