Ахмети и Села ќе одат на лидерската средба, се чека потврда од Мицкоски

Премиерот Зоран Заев ја официјализираше поканата за лидерска средба, која како што предложи би се одржала во петок во Клубот на пратениците. 

Засега присуство е најавено од ДУИ и Алијансата за Албанците, додека ВМРО-ДПМНЕ остана на ставот дека доколку се одржува лидерска средба прва тема треба да бидат предвремени парламентарни избори, а потоа може да се зборува и за други теми, како пописот, изборен законик или закон за СЈО. Конечната одлука дали ќе одат на лидерската ќе ја донесе партиското раководство.

Сепак, Заев верува дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ќе присуствува на лидерската средба за која како теми ги предложи нов Изборен законик, закон за јавно обвинителство во кој би се регулирал и консензус за пописот. Во моментите кога премиерот Заев ја објави поканата за петочната лидерска средба во јавноста беше соопштено дека неотповиклива оставка поднела специјалната јавна обвинителка Катица Јанева. Оставката би била активирана само доколку биде донесен законот за јавно обвинителство. Специјалната јавна обвинителка, според информациите во јавноста, беше едно од несогласувањата на владејачките партии и опозицијата во разговорите за статусот на јавното обвинителство.

Премиерот Заев на прес-конференцијата кажа дека освен за темите кои ги најави на средбата може да се разговара и за други прашања кои би ги иницирале учесниците во разговорите, но вели, иако влаедајчката партија е подготвена за избори, предност во моментот треба да има евроинтеграцијата и развојот на државата и економијата.

На средбата, како што рече, очекува лидерите да се фокусираат на создавање услови за последниот исчекор за старт на преговорите и од неа да произлезат предлози за Акциски план и работни групи во кои би учествувале претставници од сите парламентарни групи со кои ќе има разговори.

Затворањето на овие теми, според него, ќе значи заокружување реформите во делот на европските интеграции со кои ќе се претставиме наесен како земја која ги затворила сите прашања за добивање на ветениот датум за старт на преговорите.– Никому да не му дадеме аргумент да биде против, да биде резервиран или слично, рече премиерот.

Заев останува на ставот дека треба да се оди на редовни избори, освен ако нема некои сериозни аргументи. Смета дека редовните избори би можеле да бидат поместени во окотмври 2020 година за тие да не се одржуваат во зима. Ваков став минатата недела изнесе и Артан Груби од ДУИ, кој дури кажа и дека можни термини за избори би биле и крајот на мај или јуни.

– И ние сме подготвени за предвремени избори напролет, наесен или кога било, но пред се е одговороноста кон државата, секогаш сме стоеле на ставот дека да треба да и дадеме шанса на економијата по сериозни политички одлуки. Останувам на ставот дека треба да одиме на редовни избори. Брзи избори, предвремени избори видовме до каде ја донесоа државата заради политички калкулации. Ако одиме на избори оваа есен, ќе остане истата Влада од прилика со истите партиципиенти. Што ќе направиме овој драгоцен неповторлив период за македонската економија ќе го унаказиме, ќе го уништиме, рече Заев.

ВМРО-ДПМНЕ го повтори ставот дека доколку се одржува лидерска средба прва тема треба да бидат предвремени парламентарни избори. Потоа, како што изјав на прес-конференција портпаролот на партијата Димче Арсовски, може да се зборува и за други теми, како пописот, изборен законик или закон за СЈО, кои ги најави Заев.

-Во однос на лидерската средба веќе и претседателот Мицкоски се изјасни. Ние сме децидни дека на таа лидерска средба како прво и единствено прашање мора да се разговара како прва точка за предвремени парламентарни избори. Во однос на денот и времето и локацијата, дополнително ќе биде анализирано во органите на партијата и ќе биде одлучено согласно агендите на претседателот и временските можности, рече Арсовски одговарајќи на новинарско прашање.

Арсовски додаде и оти кај премиерот Зоран Заев и во неговото денешно обраќање можело да се види оти нема расположение за избори и дека тој едноставно бега од избори со самото тоа што кажал дека може да се разговара за Изборниот модел, меѓутоа да не бидат притисок предвремените парламентарни избори.

Поканата на премиерот вчера ја прифати претседателот на Алијансата за Албанците Зијадин Села.Од Кабинетот на Села наведуваат дека ќе учествуваат на средбата и оти ќе презентираат свои предлози и идеи за прашањата за кои ќе се дискутира.

-Добро е што премиерот почнал да ја чувствува вистинската сила на Алијансата за Албанците. Отсекогаш сме мислеле дека вакви лидерски средби треба почесто да се свикуваат кога станува збор за чувствителни државни прашања. Ќе ја прифатиме поканата и сигурно ќе учествуваме во неа со наши предлози и идеи за прашањата за кои ќе се дискутира, стои во информацијата испратена од Кабинетот на Села. /МИА

Ибрахимовиќ: Тешко ми беше да се откажам од фудбалот поради моето его

Поранешниот напаѓач Златан Ибрахимовиќ зборуваше за подкастот на „АБТалкс“ каде што разговараше за неговото пензионирање од фудбалот, неговото враќање во Милан како главен советник на сопственикот на клубот и за смртта на неговиот агент Мино Раиола.

-Добро сум, така ме третира животот. Секако, се повлеков од фудбалот пред повеќе од осум месеци, така што мојот живот сега е поинаков. Прифатив да се откажам од фудбалот, што беше тешка работа поради моето его и начинот на кој се доживував себеси. Мислам дека сум најдобар и сè уште сум таков. Можев да продолжам, но решив да престанам. Зошто? Сакам само добар живот за моето семејство. Сакав да правам работи со моите синови, а пред тоа не беше можно бидејќи имав проблеми со едното колено. Така го прифатив тоа и дојде момент кога си реков: „Во ред е, откажи се и отвори ново поглавје од твојот живот, вели популарниот Ибра.

Потоа, неколку месеци подоцна, го запознава Гери Кардинале, кој го надгледува фондот „РедБрд“ што го купи Милан.

-Ми даде понуда што не можев да ја одбијам. Така почнав да работам со Милан, откако бев во клубот три-четири месеци. Добро се однесуваат со мене таму, морам да признаам. Кога почина мојот агент Мино Раиола, тоа беше голем удар за мене. Многу плачев. Сè уште не е исчезнато чувството, бидејќи спомените постојано ми се враќаат. Скршен сум затоа што многу ми недостига. Секој што го познава знае колку бевме блиски. Да можам би му напишал: „Ми недостигаш“, сподели Ибрахимовиќ. /МИА

Почесна Златна палма за Мерил Стрип на Канскиот филмски фестивал

 Познатата американска актерка Мерил Стрип (74) ќе добие почесна Златна палма за време на церемонијата на отворањето на овогодишниот Меѓународен филмски фестивал во Кан на 14 мај, соопштија денеска организаторите.

Холивудската актерка со рекордни 21 номинација за престижниот Оскар само еднаш била на Канскиот фестивал. Тоа беше пред 35 години кога филмот „Плач во темнината“ во кој играше, доби една од наградите на Канскиот фестивал.

Мерил Стрип освои три Оскари за улогите во филмовите „Крамер против Крамер“ (1980), „Изборот на Софија“ (1983) и „Челичната дама“ во 2012 година.

Актерката се прослави во филмовите „Лов на елени“, „Жената на францускиот поручник“, „Мојата Африка“, „Мостовите на округот Медисон“, „Сомнеж“ и „Заљубување“.

Почесна Златна палма годинава ќе добијат креаторот на серијата „Војна на ѕвездите“, Џорџ Лукас и колективно Студио Гибли на јапонскиот режисер за анимација Хајао Мијазаки.

Канскиот фестивал ќе се одржи од 14 до 25 мај, а за Златната палма се натпреваруваат повеќе од 20 филмови, меѓу кои и новиот филм на Френсис Форд Копола „Мегалополис“. /МИА

ФА го суспендираше Тонали на два месеци

Сандро Тонали беше суспендиран од фудбалот на два месеци. Нему му пресуди Независната регулаторна комисија откако призна дека учествувал во забрането обложување.

Покрај тоа, тој е казнет со 20.000 фунти и предупреден за понатамошно однесување.

Суспензијата е таква што Тонали нема да може да се врати на терените до крајот на сезоната, до кога ќе истече десетмесечната казна што му ја изрече Италијанската фудбалска федерација на 27 октомври 2023 година.

Доколку не го повтори истиот прекршок до крајот на сезоната, нема да мора да ја одлежи оваа двомесечна суспензија.

Фудбалскиот сојуз и Регулаторната комисија оценија дека Тонали соработувал и признал се за што е обвинет „на исклучителен и досега неевидентиран начин“.

Тонали целосно ги признал сите свои прекршоци, а тоа го направил во ситуација кога доказите практично не постоеле.

Тој продолжува да оди на терапија и едукативни програми на кои е должен да присуствува со целосна поддршка од клубот и продолжува да тренира со екипата./МИА

притисни ентер