Агенцијата за филм ќе поддржи снимање на 26 филмски проекти - Канал 5

Агенцијата за филм ќе поддржи снимање на 26 филмски проекти

Филмскиот фонд на Република Македонија, кој од 2014 е трансформиран во Агенција за филм на Република Македонија, ја усвои Годишната програма за финансирање филмски проекти од национален интерес за 2014 година од последниот распишан конкурс. Од пријавени вкупно 78, избрани се 26 филмски проекти.

Агенцијата за филм ќе поддржи снимање на 26 филмски проекти
Според програмата, објавена на веб-страницата www.filmfund.gov.mk, поддршка за снимање ќе добијат девет долгометражни играни филмови, од кои со највисока сума (по 30 милиони денари) ќе бидат поддржани „Кога денот немаше име“ на режисерката Теона Стругар-Митевска, „Цар Самоил“ на Антонио Митриќески и „Чекај ме (Сведок)“ на Митко Панов.

По 12 милиони денари ќе добијат долгометражните „Златна петорка“ на Горан Тренчовски, „Омниблуз“ на Александар Русјаков и „Септември“ на Даријан Пејовски, а по 5 милиони денари филмовите „Татко“ во режија на Висар Морина, „Шишка Де Лукс“ на Јан Цвитковиќ и „Бодликаво прасе“ на Срѓан Драгојевиќ.

Агенцијата за филм ќе поддржи седум документарци - „Пожарникарот Муци“ во режија на Саша Станишиќ (600.000 денари), „Осветлената темнина“ на Арсим Фазлија и „Опера“ на Бајрам Бајрами (по 900.000 денари), „ТАТ (Транзициска еуфорија или национална измама“ во режија на Сашо Миленковски (1.200.000 денари), „Берн Берн“ на Сабидин Али и „8/Македонска чалгиска традиција“ на Блаже Дулев (по 2.000.000. денари) и „Амфитеатарот на Скупи“ на режисерот Владимир Блажевски (3.000.000 денари).

Осум кратки играни филмови ќе добијат финансиска поддршка: по 900.000 денари „Земја“ на Ибрахим Деари, „Карма“ на Владимир Митревски, „Касапот“ на Илчо Царовски и „Пепи и Муто“ во режија на Георги Унковски, а со по 2.000.000 денари ќе бидат поддржани: „Денот кога сакав да умрам“ на Петар Џуровски, „Аида“ во режија на Сенад Абдули, „Секој ден мора да се јаде“ на Марко Ѓоковиќ и „Роденден“ на Косара Митиќ.

Агенцијата ќе финансира и два анимирани филма: „Девојката што паѓа“ во режија на Владимир Лукаш и 800.000 денари и „Готлиб“ на Крсте Господиновски и 900.000 денари.

Според новиот Закон за филмска дејност, кој стапи во сила на почетокот на годинава, Агенција за филм на Република Македонија еднаш годишно (јануари) ќе распишува конкурс за финансирање филмски проекти. Тој ќе трае во текот на целата година, а по конкурсот ќе одлучува двапати годишно, во април и во октомври.


Со новиот закон, пошироки се ингеренциите и активностите во филмската дејност, вклучувајќи и грижа за дистрибуцијата на филмови, киноприкажувачката дејност, воведување единствена евиденција на податоци за филмската дејност, категоризација на филмови заради заштита на малолетни лица, продукциски олеснувања со цел поттикнување на вложување средства во нови филмови...


- Агенцијата за филм со новиот закон очекува да се зголеми бројот на продуцирани филмови, да се зголемат средствата кои ќе се доделуваат, но вооедно и очекува филмаџиите да понудат многу нови свежи идеи интересни за пошироката публика, како комедии, филмови за деца и млади, но и филмови инспирирани од нашето поблиско и подалечно историско минато, филмови кои ќе бидат интересни за домашната публика и атрактивни за меѓународните филмски фестивали. Од друга страна, Агенцијата за филм ќе продолжи со вложување во развој на киномрежата во Македонија каде во изминатиот период беа набавени дигитални проектори за 20 града. Интенцијата на Агенцијата за филм ќе биде филмовите да стигнат до што поширока публика низ целата земја, соопшти Агенцијата за филм.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Американците спречиле терористички напад во Русија- ФСБ јавно им се заблагодари на САД

Осомничен, кој наводно планирал терористички напад врз еден од најголемите музеи во Москва, е уапсен по дојава од Соединетите Американски Држави, соопшти Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ).

Американците спречиле терористички напад во Русија- ФСБ јавно им се заблагодари на САД

ФСБ соопшти дека информациите доставени до руските власти од страна на американските агенции за спроведување на законот довеле до апсење на малолетен руски државјанин. Агенцијата соопшти дека е „благодарна на американската страна за доставените информации“.

Апсењето се случи откако Амбасадата на САД во Москва издаде безбедносно предупредување во саботата, велејќи дека е „свесна за веродостојна закана од настан со масовни жртви“ во Музејскиот комплекс Царицыно во Москва, објави Си-Ен-Ен.

Си-Ен-Ен го контактираше музејот откако беше издадено предупредувањето и ѝ беше кажано дека институцијата не е свесна за никакви предупредувања. Сепак, според руските државни медиуми, неколку настани планирани на локацијата подоцна беа откажани и беа преземени дополнителни безбедносни мерки.

Неименуваниот осомничен беше приведен откако објави фотографии на платформата на социјалните медиуми ТикТок на кои носи тактичка облека и држи „предмет што личи на автоматско оружје“. Тој, исто така, објави фотографии направени во Музејскиот комплекс Царицыно, со натпис: „Го најдов местото“, соопшти ФСБ.

ФСБ соопшти дека тинејџерот следел неонацистички канал на Телеграм и дека направил „значаен број пребарувања“ поврзани со минати терористички напади, масовни убиства и други насилни инциденти. Во домот на осомничениот е пронајден airsoft пиштол, соопшти руската служба.

Не е невообичаено САД да споделуваат безбедносни предупредувања со други земји - Стејт департментот долго време има политика позната како „должност за предупредување“, според која се бара да ги информира американските граѓани што живеат во странство за потенцијални закани.

Во предупредувањето, објавено во саботата, се вели дека американската влада „го координира својот одговор со надлежните руски власти“.

Сепак, Русија не била секогаш отворена за предупредувањата од САД. Во март 2024 година, за време на администрацијата на Џозеф Бајден, амбасадата на САД во Москва предупреди дека членови на Исламска држава (ИСИС) планираат да ја нападнат Русија, посебно истакнувајќи дека има „непосредни планови за напад на големи собири на луѓе во Москва“, вклучително и концерти.

Рускиот претседател Владимир Путин го отфрли предупредувањето како провокација. Само неколку дена подоцна, напаѓачите ја нападнаа концертната сала „Крокус Сити Хол“ во Москва и убија повеќе од 140 луѓе. Исламската држава ја презеде одговорноста за нападот.

Реакцијата на Путин беше поинаква во 2017 година, за време на првиот мандат на американскиот претседател Доналд Трамп, кога САД ја предупредија Москва за планиран терористички напад врз Казанската катедрала во Санкт Петербург. Според соопштението на Кремљ, Путин лично му се заблагодарил на Трамп за дадените информации, истакнувајќи дека тоа било доволно за да се пронајдат и приведат осомничените.

Најновото предупредување на ФСБ и јавната изјава во која се заблагодаруваат на САД доаѓаат во време на засилена контрола на односот на администрацијата на Трамп со Русија. Трамп направи значајни отстапки кон Русија во врска со санкциите во последните недели, привлекувајќи критики и од демократите и од републиканците во Вашингтон и продлабочувајќи го јазот меѓу САД и нивните западни сојузници.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Да покажеме хуманост, да му помогнеме на Стефан- потребни се 280.000 евра за лекување во Германија

Хуманитарен апел за спас и закрепнување на 32-годишниот Стефан Петрушевски упати неговата сестра Габриела, која бара помош од граѓаните за да се соберат 280.000 евра потребни за негово лекување и рехабилитација во Германија.

Да покажеме хуманост, да му помогнеме на Стефан- потребни се 280.000 евра за лекување во Германија

Стефан веќе четири месеци се наоѓа на Клиниката за интензивно лекување и реанимација, по тешка повреда. Според апелот на неговата сестра, неговата состојба бележи подобрување и покрај првичните лоши прогнози, но за продолжување на лекувањето му е потребен специјализиран рехабилитациски третман во странство.

Како што наведува Габриела, во Македонија нема соодветни центри за рехабилитација на ваков тип повреди, а клиника во Германија побарала 280.000 евра за третманот. Семејството не е во можност самостојно да ја обезбеди потребната сума, додека Фондот за здравствено осигурување не ги покрива овие трошоци.

Стефан има само 32 години, сопруга и едногодишен син Алексеј, за кого семејството се надева дека повторно ќе го има својот татко дома.

„Ве молам да ми помогнете, кој колку е во можност, да ги обезбедиме средствата и заеднички да го испратиме Стефан на рехабилитација. Понизно ве молам да се сплотиме и на мојот Алексеј да му го вратиме татко му дома“, апелира неговата сестра Габриела Љубовска.

Таа информира дека се отворени сметки за донации во денари и евра, а во текот на следната недела се очекува да бидат објавени и телефонски линии за донирање, како и можности за уплата преку хуманитарни платформи.

Семејството повикува на солидарност и помош од сите граѓани, со надеж дека заеднички ќе успеат да ги соберат потребните средства за лекувањето на Стефан.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Кинеското воено раководство одржа разговори со рускиот министер за одбрана во Пекинг

Џанг Шенгмин, потпретседател на Централната воена комисија на Кина, му изјави на рускиот министер за одбрана Андреј Белоусов дека Пекинг се стреми кон соработка со Москва со цел зајакнување на стратешката комуникација и воената доверба.

Кинеското воено раководство одржа разговори со рускиот министер за одбрана во Пекинг

Средбата се одржа во Пекинг, а кинеското Министерство за одбрана издаде соопштение, како што пренесе Ројтерс.

Оваа средба го нагласува зајакнувањето на билатералните односи меѓу Кина и Русија во политичката, економската и безбедносната сфера – тренд што се забележува во последните години. Ова е, исто така, прва јавна средба на Џанг со некој странски министер откако минатата недела беше унапреден во Политбирото на владејачката Комунистичка партија.

Џанг и кинескиот претседател Си Џинпинг се единствените двајца преостанати членови на чело на воената команда, откако пет од седумте членови – кои беа назначени за време на реорганизацијата во 2022 година – беа отстранети како дел од кинеската антикорупциска кампања.

Стратешки цели за соработка

Според соопштението на Министерството, Џанг истакнал дека односите меѓу Кина и Русија влегле во „нова фаза на поголеми достигнувања и побрз развој“. Тој дополнително нагласил дека овие односи играат конструктивна улога во одржувањето на глобалната стратешка стабилност и подобрувањето на глобалното управување.

Џанг нагласи дека Пекинг е подготвен да истражи нови области на соработка со Москва, со цел подобро да се заштитат суверенитетот, безбедноста и развојните интереси на двете нации. Тој додаде дека целта вклучува и зачувување на меѓународниот и регионалниот мир и стабилност. Во септември, во Пекинг, Џанг се сретна и со министрите за одбрана на Виетнам и Индонезија. Овие средби се одржаа паралелно со регионалниот одбранбен форум што се одржуваше таму.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер