Пред десетина дена како нов адвокат на Елисавета Најдовска, обвинета за злоупотреби околу уривањето на комплексот Космос на Фијат Цаноски, тој побара од судот да му ги преведе сите записници и докази на албански јазик од досега одржани околу четириесетина рочишта. Судијата Огнен Ставрев се сомнева дека адвокатот Даути намерно се обидува да ја одолговлече постапката, повикувајќи се на Законот за адвокатура според кој адвокат во земјава како услов треба активно да го зборува македонскиот јазик. За ова Сатврев ја известил Адвокатската комора.
Ова е злоупотреба на правото од страна на адвокатот, за одоговлекување на постапката, бидејќи се изведени голем број на докази и таа е во фаза која е на самиот крај. Евидентно е дека адвокатот Мерџан Даути и Елисавета Најдовска со направената промена имале намера за одложување или застарување на делото.
Од Адвокатската комора го известиле судијата дека ќе се поведе дисциплинска постапка. И оттаму ги посочуваат истите одредби од Законот за адвокатура кои се однесуваат на јазикот. Даути вели дека тој добро го познава македонскиот јазик, но се повикува на Законот за употреба на јазиците. Според него судот е тој кој што ја одолговлекува постапката.
Иако во завршна фаза, рочиштето за овој случај денеска се одложи. Екс министерот за транспорт Миле Јанакиески кој во случајот е обвинет како координатор на целата акција на, според обвинителството, незаконското уривање на Космос, со полициска наредба беше спроведен во Обвинителството за организиран криминал да даде исказ за случајот Шпански скали. Во отсуство му се суди и на екс премиерот Никола Груевски, поранешниот градоначалник на Гази Баба Тони Трајковски и уште тројца други вработени во Општината.