77% од новите случаи и 79% од хоспитализираните со ковид 19, се невакцинирани

Според статистиските на Министерството за здравство во изминатите два месеци 77 насто од новите ковид случаи биле невакцинирани..

Невакцинирани биле и 79 насто од хоспитализираните... Според овие податоци и 85 насто од починатите не биле имунизирани, но интересна е споредбата со ланскиот септември кога бројката на починати е сепак далеку помала.

Повеќе детали има Сања Трајковска Ставров..

Средба на претседателот Пендаровски со Катрин Оствалд-Рихтер, раководителка на Гете-институт

Претседателот Стево Пендаровски денеска ја прими Катрин Оствалд-Рихтер, новоименуваната раководителка на Гете-институт Скопје.

На средбата претседателот Пендаровски беше запознаен со тековната работа на институтот, насочена кон културна и образовна соработка и афирмирањето на учењето на германскиот јазик, како и реализацијата на програми од културата и образованието што го унапредуваат меѓукултурниот дијалог.

Новоименуваната раководителка Оствалд-Рихтер ги претстави плановите, приоритетите и целите на својата работа и нејзиниот интерес да ги адресира неискористените потенцијали во сферата на културната и уметничката продукција кај нас.

Претседателот Пендаровски го истакна придонесот што институтот го дава во развојот на македонско-германските односи и изрази уверување за натамошно продлабочување на образовните и културните врски меѓу Македонија и Германија.

Тетовската пајак-служба со уште едно возило ќе подига непрописно паркирани возила

 Пајак службата при Општина Тетово од денеска користи уште едно возило со кое ќе се подигаат неправилно паркираните возила низ градот. Обезбедувањето на второ возило е во корелација со препораките на сообраќајната полиција.

– Слободни и проодни улици за непречен сообраќај на возилата и слободни тротоари за безбедно движење на граѓаните. Ова го овозможуваме благодарение на подновувањето на пајак службата со уште едно ново возило, кое почнува да функционира од денеска, изјави Игор Додевски, директор на ЈП „Градски паркинг" – Тетово.

Предлогот од сообраќајната полиција за повеќе пајак-возила беше даден на седницата на Советот во декември 2021, која беше посветена на можните решенија за надминување на сообраќајниот хаос. Во услови кога градот располага со малку булевари и улици потребна е поголема соработка на полицијата и локалната самоуправа во надминување на сообраќајниот метеж, рекоа тогаш сообраќајните полицајци.

– Во членот 7 од Законот за безбедност на патниот сообраќај е утврдено дека Општината ја уредува сообраќајната инфраструктура. Сметам дека ние треба да дојдеме до ситуација кога помалку ќе треба казнуваме. Предлог мерки од нашата страна до општината се да се зголеми бројот на „пајак-возила", да се воведат повеќе еднонасочни улици како и да се зголеми бројот на сообраќајни инспектори кои ќе работат на отстранување на возила кои нелегално извршуваат јавен и такси превоз, посочи во обраќањето командирот Талев.

СВР Тетово бележи 44.592 регистрирани возила само со тетовски регистерски ознаки.

Ковачевски: Одлуката за автокефалност на МПЦ-ОА е од огромно значење за иднината на државата

 Јас ова мое мислење го споделив и со архиепископот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан на вчерашната средба што ја имавме.

Иако сме секуларна држава, одлуката за автокефалност на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) е историски момент и има огромни импликации за иднината на нашата држава, порача денеска премиерот Димитар Ковачевски од собраниската говорница, одговарајќи на пратеничко прашање од Даниела Колева од СДСМ.

– Јас ова мое мислење го споделив и со архиепископот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан на вчерашната средба што ја имавме, бидејќи со неа се затвори последното идентитетско прашање во остварувањето на историското заслужено и природно право, православните верници во Македонија да имаат канонски признаена и прифатена црква од заедниците во целиот православен свет. Тоа е според мене историска одлука за нашиот православен македонски народ, рече Ковачевски.

Македонските граѓани, но и македонските владици и целото свештенство, вели тој, со декади беа трпеливи и истрајни да дојдеме до денот кога практично беше обзнанет почетокот на постапката за остварување на автокефалноста на нашата православна црква.

– Во историскиот чин за прифаќањето на МПЦ-ОА како канонска и автокефална црква, се вградени и големите дела на Св. Кирил и Методиј и Св. Климент, но и на сите историски црковни достојници, кои ја претставувале нашата црква пред граѓаните. Во носењето на оваа одлука учествуваа и редица наши истакнати дејци во историјата и во нашето современие и тие исто така сите заедно гледаат афирмација на решение на идентитетското финално прашање на македонскиот православен народ. Од духовните плодови и придонесите кои нашите големци во историската низа на нашиот континуитет го правеле, денес Македонците и македонскиот јазик се впишани во ризницата на светските народи и јазици и никој нема повеќе дилеми и никој повеќе не го оспорува, рече Ковачевски.

На оваа одлука Ковачевски гледа и како надоградување на традиционалното добрососедство со Република Србија и српскиот народ, а тоа, според него, е и гест на подадена рака на заеднички просперитет на нашите држави и граѓани и чин кој покажува како треба во регионот да се градат односите на држави и граѓани кои одат напред.

притисни ентер