32 записника за лица и правни субјекти затекнати при непрописно одлагање отпад - Канал 5

32 записника за лица и правни субјекти затекнати при непрописно одлагање отпад

Еко-патролата на ЈП Комунална хигиена-Скопје врачи 32 записника за лица и правни субјекти затекнати при непрописно одлагање отпад

32 записника за лица и правни субјекти затекнати при непрописно одлагање отпад

Во текот на февруари 2025 година, Еко-патролата на ЈП Комунална хигиена-Скопје изготвила и врачила 32 записника за лица и правни субјекти затекнати при непрописно одлагање отпад. Најголем број записници вкупно 11, се изготвени во скопската општина Чаир.

Како што соопштија денеска од ЈП Комунална хигиена-Скопје, Еко-патролата секојдневно спроведува и интервентни дежурства на таканаречените „црни точки“ каде што е забележано континуирано одлагање отпад на јавни и сообраќајни површини.

Во текот на изминатото деноноќие, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје подигнале и транспортирале приближно 70 кубни метри отпад од диви депонии во скопските општини Центар, Карпош и Чаир.

- Во општината Центар е интервенирано на ул. „Тодор Александров“, на потегот кон Средно Водно, каде што се подигнати 15 кубни метри мешан комунален и отпад од картонски пакувања, како и на улиците „Рузвелтова“ и „Орце Николов“ каде што се расчистени вкупно 10 кубни метри непрописно одложен кабаст и отпад од картонски пакувања. Во општината Карпош се подигнати 15 кубни метри кабаст отпад одложени на јавна површина на улицата „Прашка“. Две обемни диви депонии се отстранети и во општината Чаир, на улицата „Џон Кенеди“, до ООУ „Васил Главинов“, како и на улицата „Славеј Планина“,

во непосредна близина на скопското Теќе, каде што се подигнати вкупно 30 кубни метри отпад одложени на јавни и сообраќајни површини, соопштија од ЈП Комунална хигиена-Скопје.

Ортагус: Либан сè уште има многу да направи во разоружувањето на Хезболах

Либан сè уште има „многу да направи“ за да го разоружа Хезболах, како што е предвидено во договорот за примирје меѓу шиитското движење и Израел, изјави денеска во Доха заменик-претставничката на САД за Блискиот Исток, Морган Ортагус.

Ортагус: Либан сè уште има многу да направи во разоружувањето на Хезболах

Либанските власти „направија повеќе во последните шест месеци отколку веројатно во последните 15 години“, рече таа како одговор на прашање за разоружување на проиранската група на Катарскиот економски форум.

„Меѓутоа, сè уште има многу да се направи“, додаде американската претставничка.

Проиранскиот Хезболах, единствената фракција што го задржа своето оружје по граѓанската војна во Либан (1975-1990), беше ослабен кон крајот на 2024 година по повеќе од една година непријателства со Израел, вклучително и два месеци отворен конфликт, предизвикан од војната во Појасот Газа.

Спогодбата за прекин на огнот склучена на 27 ноември предвидува отстранување на воената инфраструктура меѓу реката Литани и израелската граница, како и целосно повлекување на израелските сили.

Сепак, израелската војска ги задржа своите позиции на неколку јужни позиции во Либан и продолжи да извршува смртоносни напади во земјата, тврдејќи дека целта е Хезболах.

Либанскиот претседател Џозеф Аун кон крајот на април изјави дека армијата сега контролира повеќе од 85 проценти од југот на земјата.

„САД повикаа на целосно разоружување на Хезболах. И тоа не значи само јужно од реката Литани. Тоа значи низ целата земја“, рече Морган Ортагус и ги повика либанските власти да донесат одлука во таа насока./МИА

Кенеди: СЗО е институција „на смртна постела“

Тој додаде дека СЗО е „заглавена во бирократска надуеност вкоренети парадигми, судир на интереси и меѓународна политика на моќ“.

Кенеди: СЗО е институција „на смртна постела“

Американскиот секретар за здравство и социјални политики Роберт Ф. Кенеди Помладиот обраќајќи се на годишната конференција на Светска здравствена организација преку видеопорака наведе дека СЗО е „бирократски надуена“ институција која „е на смртна постела“.

- Ги повикувам министрите за здравство од целиот свет и СЗО да го сфатат нашето повлекување од организацијата како повик за будење. Веќе бевме во контакт со земји со слични размислувања, па затоа ги охрабруваме другите да ја разгледаат можноста да ни се придружат, посочи Кенеди.

Тој додаде дека СЗО е „заглавена во бирократска надуеност вкоренети парадигми, судир на интереси и меѓународна политика на моќ“.

- Не мора да ги трпиме ограничувањата на СЗО, која е на смртна постела. Ајде да создадеме нови институции или да ги преиспитаме постојните, оние што се ефикасни, транспарентни и одговорни, истакна Кенеди.

Првиот ден од вториот претседателски мандат, Доналд Трамп најави дека ќе ги повлече САД од СЗО. Тој ја обвини СЗО дека лошо работела за време на пандемијата со Ковид-19 и за преголема блискост со Кина. СЗО ги негира обвинувањата од американскиот претседател.

Говорот на Кенеди е емитуван неколку часа откако земјите-членки на СЗО усвоија договор што треба да им овозможи поефикасно да се подготват за претстојните пандемии. Договорот гарантира дека при следна пандемија лековите, терапиите и вакцините ќе бидат глобално достапни. Исто така, се бара од производителите што учествуваат во договорот да донираат 20 проценти од своите вакцини, лекови и тестови на СЗО за време на пандемија, со што ќе се обезбеди и посиромашните земји да имаат пристап. /МИА

Невреме во францускиот департман Вар: Три лица го загубија животот

Три лица го загубија животот, а две се водат како исчезнати во невреме во францускиот департман Вар.

Невреме во францускиот департман Вар: Три лица го загубија животот

Три лица го загубија животот, а две се водат како исчезнати во невремето што денеска го погоди департманот Вар на југоистокот на Франција, соопштија официјални претставници.

Најлошо погодени во невремето се Лаванда, Борм-ле-Минос и Кавалиер, објави веб-страницата на Франсблу.

Три лица ги загубија животите во Лаванду и Видобан, соопшти жандармеријата, објави телевизиската станица БфмТВ.

Невремето траеше кратко, но беше исклучително силно, а во Вар е на сила портокалов метео аларм.

Како што се наведува, за едно утро паднаа количина дожд што паѓа за три или четири месеци.

Реката Мол се излеа по обилните врнежи од дожд, а нејзиното ниво се искачи за повеќе од 11 метри за само два часа.

Околу 200 пожарникари се ангажирани во спасувачки операции и евакуација на загрозеното население. Пожарникарите и спасувачите досега успеаја да пренесат 50 лица на безбедно место, објави префектот на департманот, Филип Мае./МИА

притисни ентер