30-годишен Мексиканец ја пријавил мајка си во полиција, зашто го избркала од дома

30-годишен Мексиканец, наводно, ја пријавил сопствената мајка во полиција затоа што таа го избркала од дома затоа што тој не сакал да најде работа или барем да и помогне во домашните работи.

Минатата среда, мексиканските медиуми известија за случајот со Кристијан Уриел, 30-годишен маж кој ги осуди сопствената мајка и тетка пред мексиканското обвинителство, обвинувајќи ги за напад и малтретирање.

Младиот човек тврдел дека двете жени го избркале од дома и истуриле вода врз него. Но, тој не успеал да им каже на властите дека живеел во куќата на неговата мајка со месеци, целосно бесплатно и без никакви придонеси во семејниот буџет, па дури и без да помага во едноставните домашни работи.

Мајката на Кристијан објаснила дека тој дошол да живее со неа на почетокот на пандемијата на коронавирус, кратко време откако ја изгубил работата. Била среќна што може да му помогне, но по четири месеци тој само седел на каучот и играл видео игри,по што мајчинскиот инстинкт почнал да опаѓа. Да бидат работите уште полоши, 30-годишникот не само што не помагал, туку и очекувал сè да му биде сервирано.

Кога Мексико започнало да се опоравува по карантинот, жената го замолила својот син да побара работа за да може да придонесе во семејниот буџет, но тој целосно ја игнорирал и продолжил како дотогаш.

Жената признала дека во очај ја повикала својата сестра и дека заедно го исфрлиле Кристијан од куќата, истурајќи вода врз него и удирајќи го со метли, пренесува Одити Централ.

Мексиканскиот весник „Ел Комерсио“ објави дека Кристијан Уриел се пожалил дека е навреден што мајка му го избркала. Тој вели дека ја пријавил и за начинот на кој го сторила тоа.

Пресудата за овој необичен случај сè уште не е донесена.

ВМРО-ДПМНЕ вечерва на извршен и централен ќе ги утврдува пратеничките листи

На изборните листи на ВМРО-ДПМНЕ ќе има чесни, професионални и храбри лица, уверува партискиот лидер Христијан Мицкоски, а вечерва целосниот список од 120 кандидати за пратеници ќе биде тема на дебата на седници на извршен и централен комитет. 

Веќе се шпекулира дека на листите ќе се најдат повеќемина од актуелната пратеничка група на опозициската партија, но официјална потврда се очекува в сабота на најавената промоција на кандидатите. Мицкоски најави позитивна кампања, од противкандидатите очекувал клевети и опструкции, но сепак очекувал победа за Силјановска и ВМРО-ДПМНЕ.

Победа очекува и спротивниот табор - најавено е дека в недела ќе ја презентираат партиската програма со која ќе влезат во изборната трка. Лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски негира дека за листите во неговата партија имало несогласувања, како што се шпекулираше за време на нивните партиски состаноци кога ги гласаа минатиот викенд.

Покрај СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, свои листи најави Европскиот фронт предводен од ДУИ, албанската опозиција на Касами, Гаши и Меџити - „ВРЕДИ“, Левица, Движењето „ЗНАМ и Коалиција „Храбро“.

Дел од нив деновиве ги претставија носителите, а крајниот рок за доставување на целосните листи во Државната изборна комисија е вторник, 2 април.

Зголемен број хоспитализирани деца во кумановска болница

Зголемен е бројот на хоспитализирани пациенти на детското одделение во општата болница Куманово, информираа денеска надлежните од јавната здравствена установа.

Најголем процент на хоспитализираните се деца заболени од вируси, но и дечиња кои имаат алергиски реакции, неколкумина се заболени од „голема кашлица“.

Болнички се лекуваат 20 деца, дневно на одделението има и по 50-тина деца од новороденчиња до десет години. Оние со потешка клиничка слика, пневмонии се хоспитализирани, останатите со полесна клиничка слика се лекуваат на дневна болница.

- Пролетната сезона почна и се зголемува бројот на деца кои имаат вируси и алергиски реакции. Во моментов имаме и деца заболени од „голема кашлица“-пертусис, изјави началничката на детското одделение д-р Ферихан Бајрами.

Родителите ги носат децата и барата помош од педијатрите за зголемена телесна температура, кашлица која прогресира во потешки компликации, со опструкции, пневмонии.

- Последно време имаме дечиња заболени од пертусис. Најголем процент се деца на училишна и предучилишна возраст, но и новороденчиња кои поради возраста не можат целосно да бидат вакцинирани, ниту со прва, ниту со втора доза. Ако родителите забележат покачена температура, кашлица, веднаш да се извршат испитувања и ПЦР метода за пертусис што се прави во лабораторијата и веднаш да се изолира детето и да се почне со соодветна терапија, вели докторка Бајрами.

И алергиските реакции предизвикуваат проблеми кај децата. Симптомите појаснува педијатарот се кивање, кашлица која е сува и надразнителна, бистра носна секреција, затнато носе, чешање на нос и очи.

- Во моментов се инхалаторни полен, цветови, прашина. Потребно е да се направат алерголошки испитувања. И во болницата нудиме таков тест преку крв, кажа Бајрами.

Педијатрите препорачуваат здрава, балансирана исхрана, внес на витамини. Одделението е добро екипирано и можат да се справат со зголемен број на заболени деца.

Приведено и трето лице за убиството на лекарот од Железара

Трето лице е приведено под сомнение дека е поврзано со убиството на докторот од скопска Железара. 

Се уште трае распитот на двете лица кои вчера биле приведени во врска со убиството на лекарот од скопска Железара, додека трае распитот имало и претрес во домовите на приведените за поврзаност со убиството, потврдуваат од Јавното обвинителство за Канал 5. Вчера министерот за внатрешни работи Тошковски изјави дека има осомничени и дека во текот на денешниот ден ќе има повеќе информации.

Министерот посочи дека се презмени 20 истражни дејствија и дека се прегледани се снимките на над 50 камери и видео записи. Според првичните наоди, мотивот за убиството не е поврзан со професијата на убиениот.

Шеесет и седумгодишен лекар минатата недела беше пронајден избоден до смрт со девет убоди во неговиот автомобил паркиран пред поликлниката Железара каде имал приватна ординација во поликлиниката „Железара“.

Докторот во автомобилот бил пронајден од неговите синови кои заминале на работното место на нивниот татко бидејќи не се вратил од работа по завршувањето на втората смена во ординацијата.

притисни ентер