30 дена притвор за осуммина од уапсените во акцијата „Адитив“, 13 со мерки за претпазливост

Кривичниот суд определи 30 дневен притвор за 8 од уапсените лица во акцијата „Адитив“, за едно лице, поради здравствени проблеми е определен домашен притвор, за останатите 13 пак, се определени мерки на претпазливост. 

Меѓу оние кои добија притвор е и поранешниот директор на ЕСМ Васко Стефанов, кој утринава со лисици од полициско комбе беше спроведен во кривичниот суд, откако вчера беше уапсен на граничниот премин Табановце. Во меѓувреме и натаму се трага по неговиот претходник Васко Ковачевски кој не е во земјава, за кој во отсуство, од судот велат, не можат да изречат построги мерки. Министерот Тошковски посочи дека тој и натаму е недостапен за органите на прогон, но ги отфрли шпекулациите дека Ковачевски се откажал од македонското државјанство.

„Лицето кое што го напоменавте не е достапно на органите на прогон, органите на прогон ќе сторат се во рамки на нивната законска надлежност да постапат се со цел да истото биде обезбедено и биде изведено пред лицето на правдата. Она што е факт е дека посоченото лице е во рамки на регистарот на државјани на Македонија, истото е државјанин македонски и не побарало отпуст, согласно информациите кои ги имам во овој момент.“

При вчерашните апсења извршени се 77 претреси, во кои се пронајдени 208.000 евра во различни валути, а одземени се мобилни телефони, документација, компјутери и лаптопи, и БМВ од понов датмут. Исто така дадени се пет предлози за замрзнување на имоти, велат од обвинителствотО. Министерот Тошковски вели дека сето она што е одземено во постапката или допрва ќе се одзема, ќе биде вратено во буџетот.

„Луѓе кои преку ноќ, без вработени, формирале фирми кои до вчера се занимавале со канцелариски материјали, наеднаш стануваат фирми кои што тргуваат на големо со ваков тип на адитиви и притоа заработуваат милионски суми кои што се три пати од пазарните цени, нели постојат основани сомненија и и те како голем број на докази дека она што е плаќано, е плаќано најмалку три пати повеќе од реалната цена која што би требало да се плати. (04 54). После ние ќе говориме дали имало душманско крадење на народот. Ај што имало душманско крадење туку тоа било толку многу дрско, што си дозволувале на еден бесрамен начин да ги прават овие работи.“

Во вчерашната акција „Адитив“ беа уапсени 22 лица во неколку градови во земјава поради сомнежи за перење на пари и криминал за јавни набавки на адитиви, за кои надлежните велат дека во ТЕЦ Осломеј од истите не е потрошен ниту еден процент, а во РЕК Битола 95% од адитивите никогаш не биле употребени и тоа во ек на енергетска криза. Уапсените, според пресметките ја оштетиле државата за 6,5 милиони евра.

Познато е зошто се лутат Холанѓаните- Македонец го плукнал селекторот, кој збеснал

Незадоволство и луто скандирање на натпреварот помеѓу Холандија и Македонија (37:32 часот) во второто коло на Светското ракометно првенство во Вараждин.

Македонците незадоволни од резултатот и од судиските одлуки го гаѓаа теренот со предмети. Исплашените Холанѓани морале да побегнат, објави Индекс.

Холандски НОС пишува дека македонски навивач го плукнал холандскиот селектор Стафан Олсон, а тоа наводно го потврдил и портпаролот на холандската репрезентација. Потоа шокираниот Холанѓанец побегнал во соблекувалната пред да биде доделена наградата за играч на натпреварот. Легендарниот Швеѓанец Олсон бесно се сврте кон Македонците и кратко им аплаудираше на своите играчи и навивачи пред конечно да замине во соблекувалната.

"Тоа беше голема драма, многу тесна игра. Холанѓаните секогаш беа чекор понапред од Македонците. Заврши во хаос, последните минути завршија со фрлање предмети на теренот. Македонските навивачи ги избркаа Холанѓаните надвор од теренот. “, објави новинарот на ТВ2, Сорен Ридц.

"Човеку, почнаа да нѐ гаѓаат со секакви предмети. Вакво нешто не сум доживеал. Очигледно е така на Балканот. Во еден момент кога требаше да ја фрлам топката, тие го полеаја со вода голот. Апсолутно лудо, ова нема никаква врска со ракометот.“

ММФ ја зголеми проекцијата за економијата на САД, а ја намали за ЕУ

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) објави ажурирана прогноза за светската економија, во која проценува дека годинава ќе забележи раст од 3,3 отсто, што е нагорна проекција од 0,1 процент во однос на претходната октомвриска проекција.

Меѓу водечките светски економии, најзначајна промена бележат САД, пораст од 0,5 процентни поени, така што сега се очекува годинава да достигне 2,7 отсто, што го зголемува јазот во однос на другите напредни економии, особено во однос на Европската Унија.

Оваа прогноза е направена без да се земат предвид потенцијалните политики што ќе ги води новиот американски претседател Доналд Трамп, бидејќи ММФ нема прецизна претстава што и како ќе се прави, посочуваат од институцијата.

- Економијата на САД се држи многу добро, со солиден пазар на труд, а личната потрошувачка останува силна. Спротивно на тоа, иако се забележува раст во еврозоната, сепак, прогнозите се ревидирани надолу, изјави главниот економист на ММФ, Пјер Оливие Гуринша.

Проблемот произлегува од двете големи европски економии, Германија и Франција, чии прогнози се ревидирани надолу, за разлика од Шпанија, која веќе има добри показатели во последните две години, а ММФ од неа очекува уште повеќе оваа година, со раст од 2,3 проценти.

Германија, која имаше рецесија две последователни години, едвај ќе премине на позитивна територија, со очекуван раст од 0,3 отсто, ревидиран за 0,5 процентни поени надолу од последната прогноза на ММФ во октомври.

- Постои загриженост за зголемувањето на цените на енергијата во некои земји, но исто така и одредена несигурност во врска со трговијата со Кина или САД и што би можело да се случи во иднина. Тоа влијае на земјите како Германија и Франција, рече Гуринша.

Разликите забележани меѓу западните земји се видливи и меѓу земјите во брз развој, при што економскиот раст на Кина забавува од година во година.

ММФ ја ревидираше нагоре својата прогноза за економски раст на Кина за 2025 година, очекувајќи да биде 4,6 отсто, но тоа е пониско од 2024 кога имаше раст од 4,8 проценти, а тој тренд се очекува да продолжи и во 2026 година.

Добрата вест во извештајот е дека инфлацијата во развиените економии треба да се врати приближно на два отсто колку што е целта на главните централни банки, со проектирани 2,1 отсто за оваа година и 2 отсто за 2026, што е знак дека врвот на инфлацијата од 2022 година е минато.

Иако инфлацијата во земјите во брз развој и во развој е повисока, и се очекува да изнесува 5,6 отсто, таа е ревидирана надолу и бележи забавување во однос на 2024 година, а тој тренд се очекува да продолжи и следната година, проценува ММФ во најновиот извештај за светската економија.

Почина директорот на австриската компанија Страбаг, која ги гради патиштата низ Македонија

Извршниот директор на австриската градежна групација Страбаг, Клеменс Хаселштајнер, неочекувано починал, јавуваат австриските медиуми.

Компанијата, една од најголемите во земјата, „со голем шок“ ја објави „ненадејната и неочекувана“ смрт на 44-годишниот вчера доцна вечерта. Австриските медиуми ја цитираа изјавата на портпаролката на компанијата дека Хаселштајнер починал од природна смрт.

Неговите претходни должности сега, како што соопштија од компанијата, привремено ќе ги преземат другите членови на одборот.

Страбаг е една од најголемите градежни групи во Европа. Според информациите, компанијата неодамна остварила годишна продажба од 19 милијарди евра и вработува околу 86.000 луѓе ширум светот, пренесува Bild.

Хаселштајнер е во одборот од 2020 година, а негов претседател од јануари 2023 година. Тој беше третиот најстар син на градежниот магнат Ханс Питер Халштајнер, студираше бизнис администрација во САД (Универзитетот во Чикаго), а потоа работеше за Страбаг во Русија пет години и уште пет години во Штутгарт за подружницата на Страбаг во Зублин пред да се пресели во Одборот.

44-годишникот зад себе остави три деца.

Компанија во Македонија е позната по изградбата на бројни патни делници, како онаа од коридорот 8 , потоа патниот правец Градско – Дреново, Штип- Радовиш , како и железничката делница кон Куманово.

притисни ентер