19 годишникот Јован Костадинов, или „тивкиот херој“, како што го нарекуваат, со срамежлива насмевка се врати помеѓу своите школски другари во виничкото средно училиште Ванчо Прке, кои го пречекаа со громогласен аплауз и прегратки.
Јован на кобната ноќ во Кочани, кога во паника и опасност присутните бараа излез од огнот кој ја голташе дискотеката, ја намокрил својата маичка, ја врзал преку устата и носот и почнал со својата спасувачка мисија несебично и непоколебливо, додека се околу него било во пламен..
Неговата добра здравствена состојба предизвика олеснителна воздишка кај целата држава која чии молитви се за побрзо оздравување на Јован и на сите повредени, а по неговиот отпуст од болница со своја порака на восхит кон 19-годишникот преку социјалните мрежи се огласи и министерот за здравство Арбен Таравари.
-Неговото тело ги носи лузните од неговото јунаштво, но неговот срце носи нешто далеку поголемо: почитта, восхитот и љубовта на цела нација. Јован не е само херој на Кочани, тој е херој на целата наша држава. Симбол на тоа што значи да се стави човечноста над стравот. Потсетник за сите нас колку многу може да направи еден човек со големо срце. Добре дојде дома Јован. Твојата приказна ќе живее вечно, во животите што ги спаси, во семејствата што повторно се заедно и во срцата на секој граѓанин што сега го знае твоето име.
Меѓу најгласните пораки по херојскиот чин на Јован се оние дека момчето треба да биде одликувано од страна на државниот врв. Додека беше хоспитализиран на Клиниката за токсикологија го посети и претседателката Гордана Сиљановска – Давкова, од чиј кабинет за Канал 5 потврдија дека 19-годишникот ќе добие и официјално признание за своето дело. Неговиот татко пак, во краток разговор ни посочи дека Јован е повикан и на општинско ниво да му се изрази благодарност.
-Да, претседателката Сиљановска-Давкова смета дека оние кои покажале херојско однесување за време на трагедијата во Кочани, а особено младите, заслужуваат признание. - Кабинет на Претседател на Македонија.
Пред неколку дена нему јавно му се заблагодари и мајка на едно од децата што ги спасил. порача дека спасувањето на животот на нејзиниот син, го добила најубавиот подарок од 19-годишникот, за кој вели, засекогаш ќе биде во нејзиното срце и молитви.