Заев порача дека европската иднина била клучниот мотив за историскиот договор со Грција. Верува дека гласањето на 30-ти септември ќе успее, зашто како што посочи, тоа е рефрендум за иднината и за нашата втора независност.
-Граѓаните знаат каква одлука треба да донесат. Тоа не е лесна одлука. Ќе бидеме Северна Македонија со призџнаен македонски народ и македонски јазик. Договорот од Преспа е компромис за да се поместиме од статус квото и да тргнеме напред, изјави Зоран Заев, претседател на Владата на Р.Македонија.
Македонија ја претстави како „успешна европска приказна и автентичен модел на мултиетничка држава. Недоразбирањето со Грција го претворивме во пријателство и сакаме да бидеме инспирација за решавање на билатералните прашања на Западен Балкан, аргументираше Заев, речиси идентично како и грчкиот колега Ципрас, кој пред два дена, исто така, се обрати во Европскиот Парламент.
-И двајцата се откажавме од нешто, но добивме многу за нашите земји. Решивме спор, кој беше пречка цели 27 години. Договорот од Преспа е одличен модел за решавање на чувствителни идентитетски прашање, кој може да се користи во други региони во светот, рече Заев.
Очигледно задоволен од овациите, по кусо време, премиерот Заев се огласи и на Фејсбук, објавувајќи заедничка фотографија со Могерини како со авион патуваат од Стразбур кон Скопје. Македонскиот премиер во Стразбур се сретна и со претседателот на Европскиот Парламент, Антонио Тајани.