„Само Вистина“ со Самоил Малчески и Петар Арсовски

Во вечерашната „Само Вистина“ дебатираа Самоил Малчески и Петар Арсовски.

Поминаа три години, а никој не зборува за препораките на Рајнхард Прибе за реформи во правосудството, оцени универзитетскиот професор Самоил Малчески, во вечерашното издание на „Само вистина“. Според него изјавата на европратеникот Самуел Жбогар дека во моментов не е потребен ветинг, се коси со препораките на Прибе. За аналитичарот Петар Арсовски е неопходно прочистување во правосудството, но апелира овој процес да не започнува без поширок политички консензус, бидејќи, како што вели, ако ветингот започне со просто мнозинство ќе доведе до политичка нестабилност.

Пораките од говорите на политичките лидери засега се упатени единствено кон партиските војници, тврди политичкиот аналитичар Петар Арсовски, во најновата „Само вистина“. Тој истакна и дека очекува тензична атмосфера при функционирањето на новата техничка влада. Професорот Самоил Малчески, пак, смета дека „Рекет“ е сериозен тест за власта, особено во предизборието, затоа што програмата „За живот“ излегло дека е лага.

Кризата меѓу ДУИ и СДСМ се продлабочува, но не очекувам големи поместувања при евентуално постизборно коалицирање, вели аналитичарот Петар Арсовски, во вечерашната „Само вистина“. Зборувајќи за можните коалиции на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ со партиите од албанскиот кампус, како и генерално за изборите, меѓу другото, професорот Самоил Малчески подвлече дека најпрвин е потребно да се спроведе попис, кој значително би го олеснил целиот изборен процес.

Повеќе детали погледнете во најновото издание на „Само Вистина".

Мироцветна порака и песна во Охрид и Струга со Цветин и Хорот „Вања Лазарова"

„Со мироцвеќе и песна по љубовниот пат на јагулата".

„Со мироцвеќе и песна по љубовниот пат на јагулата", вака е насловен денешниот настан кој ќе се одржи во Струга и Охрид, во организација на уметникот Живко Поповски- Цветин, Македонското здружение за култура обичаи и традиции "Гороцвет" и Хорот на Ансамблот „Вања Лазарова" од Скопје.

Тој ќе се содржи мироцветни цртежи, песна и поезија, и ќе се одвива во Паркот на поезијата во Струга и на Дрвениот мост, каде ќе се читаат познати стихови од славни учесници на Струшките вечери на поезијата- Ален Гинсберг, Томас Шапкот, Влада Урошевиќ, Матеја Матевски, Хјусто Хорхе Падрон, Десанка Максимовиќ, Булат Окуџава, Блаже Конески, Гилвик, Андреј Вознесенски, Генадиј Ајги и други...

Во пресрет на празникот на сесловенските просветители, на 24 Мај, кој се слави во Охрид како патронат на градот, поезија и песна ќе се изведат и на брегот на Охридското езеро покрај спомениците на Браќата Кирил и Методиј, Свети Климент Охридски и Григор Прличев.

Педесеттина златни грла од Хорот на ансамблот "Вања Лазарова" ќе одекнат, пеејќи познати македонски традиционални песни „Ја излези Ѓурѓо" на Стража, „На Струга дуќан да имам" во Струга, „По пат одам", „Железар", „Брала мома капини" и други во Охрид.

Хорот е под диригентство на маестро Лазо Трпковски - Ласко. /МИА

Нетанјаху го обвини Ганц дека „му дал ултиматум на премиерот, наместо на Хамас"

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го обвини својот коалициски партнер, израелскиот министер и член на воениот кабинет Бени Ганц дека „му дал ултиматум на премиерот, наместо на Хамас".

Ганц на прес-конференција вчера рече дека неговата опозициска Партија на национално единство ќе се повлече од коалициската Влада доколку планот за повоено управување со Газа не биде консолидиран и одобрен до 8 јуни, што фрла сомнеж за иднината на израелската Влада.

„Ако Нетанјаху избере да ја одведе нацијата во пропаст, ние ќе се повлечеме од Владата, ќе се свртиме кон народот и ќе формираме влада која може да донесе вистинска победа“, рече Ганц.

Кабинетот на израелскиот премиер, одговарајќи на Ганц, соопшти дека барањата на Ганц се „празни зборови“ што ќе значат „крај на војната и пораз на Израел, напуштање на повеќето заложници, оставање на (палестинскиот) Хамас на власт и создавање палестинска држава“, пренесува „Тајмс оф Израел“./МИА

Саудискиот крал Салман бин Абдулазиз на медицински прегледи поради висока температура и болки

Саудискиот крал Салман бин Абдулазиз на медицински прегледи поради висока температура и болки во зглобовите

Кралот на Саудиска Арабија, Салман бин Абдулазиз (88) денеска ќе биде подложен на медицински прегледи поради висока температура и болки во зглобовите, објавија државните медиуми.

Кралот на Саудиска Арабија ќе биде подложен на прегледи во Кралската клиника во палатата Ал Салам во пристанишниот град Џеда на Црвеното Море, објави државната саудиска новинска агенција.

Како што се наведува, лекарскиот тим одлучил да изврши лекарски прегледи за да се утврди здравствената состојба на саудискиот крал, но не се соопштуваат детали. Саудискиот монарх беше примен во болница на лекарски прегледи во април, а подоцна беше отпуштен.

Тој е на власт од 2015 година, но се верува дека неговиот син, престолонаследникот Мохамед бин Салман е задолжен за секојдневните државни работи./МИА

притисни ентер