„Само Вистина" со Богдан Илиевски и Стојанче Ангелов

Во вечерашната „Само Вистина“ дебатираа Богдан Илиевски и Стојанче Ангелов. 

Aнгелов: Се води ли истрага за пасошите или не, вистината ќе излезе на виделина и нема да ви се допадне.

Илиевски: Се промени ли нешто откако се промени власта, ништо поразлично не излезе на виделина што се знаеше од претходно.

Aнгелов: Затекнав хаос во ЦУК, но не сакам да плукам по системот, не сум дезертер и ќе го решам проблемот за неколку месеци.

Илиевски: Да го замолиме ние ЦУК луѓе да не умираат додека вие не го средите ЦУК.

Aнгелов: ВМРО-ДПМНЕ асистираше со позајмување пратеници за промена на името.

Илиевски: За вас Заев е еднаков со Исус.

Повеќе детали погледнете во најновото издание на „Само Вистина".

Владата демантира дека премиерот Заев имал контакти или соработка со Пекер

 Владата денеска како лаги и манипулации ги оквалификува информациите дека премиерот Зоран Заев имал контакти со Седат Пекер.

-Премиерот Заев и неговото семејство немале и немаат никакви средби и соработки со споменатото лице. Категорично ги отфрламе како лаги и манипулации сите вести во кои премиерот Заев и неговото семејство се доведуваат во каква било врска со споменатото лице, изјави денеска владиниот портпарол Душко Арсовски одговарајќи на новинарско прашање на редовната прес-конференција.

Опозицијата деновиве излезе со тврдење дека, Седат Пекер, по кого има меѓународна потерница за трговија со дрога, изјавил оти имал лична средба со Зоран Заев.

За Седат Пекер опозицијата изнесе информации дека бил еден од повеќето криминалци кои добиле македонски пасош со украден идентитет.

Милошоски: По смената на Владата на Заев, на Македонија ќе и се отворат нови можности

 По смената на Владата на Заев, на Македонија ќе и се отворат нови можности и сериозна европска перспектива.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски при денешната посета на Општина Могила на новинарско прашање околу блокадата на Македонија од страна на Бугарија, истакна дека со Зоран Заев на чело на државата нема европска перспектива. Само по смената на оваа Влада ќе има отворање на европскиот пат и на нови можности.

-Според ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев е политичар на кој што не може да му се верува бидејќи тој се колнеше и во сопствените деца дека нема да го смени Уставот и името, па потоа видовме што се случи. Денес се колне во идентитетот и јазикот и не е за верување затоа што сметаме дека неговиот план е да ги стави на трговија етногенезата на македонскиот јазик и етногенезата на македонскиот народ. А тоа е погубно, затоа што народ и јазик без своја етногенеза не се свои на своето, посочи Милошоски.

Но, она што е најзагрижувачки рече Милошоски, е тоа што Зоран Заев три години ја лаже македонската јавност дека сме добиле датум за почеток на преговорите со Европската унија, а гледаме дека до ден денес тие преговори со ЕУ не се почнати.

-Во 2018-та година кога прв пат излажа дека Македонија доби датум за преговори со ЕУ и се сликаше во авион за таа вест, немаше вето од Бугарија, но денеска за жал имаме и блокада од Бугарија, но имаме и уште еден поголем проблем а тоа корупцијата во државата која е рангирана на 111-то место на светската листа на корумпирани држави, изјави Милошоски.

Затоа тој смета дека со Заев Македонија не може да има сериозна европска перспектива.

-Само смена на Владата ќе значи отворање на нови можности и за европска перспектива, истакна од Општина Могила пратеникот Милошоски.

Независни експерти на СЗО: Пандемијата на Ковид-19 можеше да се избегне

Во извештајот објавен денеска, тие го осудуваат овој вистински „Чернобил на 21. век" и итно повикуваат на сеопфатни реформи на системите за предупредување и превенција.

Пандемијата на Ковид-19, која однесе животи на повеќе од 3,3 милиони луѓе, зарази повеќе од десетици милиони и ја уништи светската економија „можеше да се избегне", според извештајот на независни експерти на СЗО, јави дописникот на МИА.

Во извештајот објавен денеска, тие го осудуваат овој вистински „Чернобил на 21. век" и итно повикуваат на сеопфатни реформи на системите за предупредување и превенција.

– Ситуацијата во која се наоѓаме денес можеше да се избегне, рече една од копретседавачите на експертската група, Елен Џонсон Сирлиф, поранешна претседателка на Либерија.

Извештајот е остар, но тој не посочува на еден виновник, за разлика од поранешниот американски претседател Доналд Трамп, за кого Кина и Светската здравствена организација (СЗО), за која сметаше дека е премногу мека кон Пекинг, според кој беа единствени одговорни за здравствената и економската катастрофа во која се наоѓа светот.

Напротив, „оваа ситуација се должи на огромен број неуспеси, празнини и доцнења во подготвеноста и одговорот" на пандемијата, рече Сирлиф на прес-конференција.

Во извештајот исто така е напишано: „Јасно е дека комбинацијата на лоши стратешки избори, недостаток на волја за справување со нееднаквостите и лошо координиран систем, создадоа токсичен коктел што овозможи пандемијата да се претвори во катастрофална човечка криза".

Воспоставен од генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, согласно резолуцијата усвоена во мај 2020 година од земјите-членки на организацијата, независниата група, составена од 13 експерти, ги помина последните осум месеци испитувајќи го ширењето на пандемијата и преземените мерки од здравствената агенција и од државите да се справат со неа.

Од почетокот на кризата, СЗО беше критикувана за одговорите на кризата, вклучително и одложување на препораките за носење маски. Пред сè, таа е обвинета од САД дека била крајно мека со Кина, каде што се појавил коронавирусот, и дека го одложила прогласувањето состојба на глобална здравствена вонредна состојба. Кина е обвинета за обид за прикривање на епидемијата.

Секако, „можеме да кажеме дека има јасно доцнење во Кина, но има доцнење насекаде", коментира поранешната премиерка на Нов Зеланд, Хелен Кларк, која е копретседател на панелот.

– Помина многу време, забележуваат експертите, помеѓу известувањето за епидемија на избувнување на пневмонија од непознато потекло во втората половина на декември 2019 година и прогласувањето на СЗО на 30 јануари за ургентна меѓународна здравствена состојба, највисоко ниво на тревога.

За експертите, оваа декларација можеше да биде дадена на првиот состанок на комитетот за итни случаи на СЗО на 22 јануари. Но, дури и ако СЗО прогласеше вонредна здравствена состојба една недела порано, малку ќе се сменеше нешто пред „неактивноста на толку многу земји", призна Кларк. Бидејќи дури на 11 март, кога Гебрејесус ја нарече ситуацијата пандемија, државите навистина ја сфатија опасноста.

Во овој поглед, февруари 2020 година беше „изгубен месец" за време на кој многу земји можеа да преземат чекори за спречување на ширењето на вирусот.

На крајот, „одложувањата, двоумењата и негирањата" дозволија епидемијата, а потоа и пандемијата да се прошири, заклучува извештајот.

Експертската група препорачува владите и меѓународната заедница без одлагање да усвојат пакет реформи насочени кон трансформација на глобалниот систем на подготвеност, алармирање и одговор на пандемијата.

За ова, извештајот сугерира неколку патишта, вклучително и создавање на Светски совет за борба против здравствените закани, како и воспоставување на нов глобален систем за надзор заснован на „целосна транспарентност". Овој систем ќе му даде на СЗО моќ да објави веднаш информации за епидемии кои можат да доведат до пандемија без да бараат одобрување од земјите.

Извештајот, исто така, дава низа препораки за непосредна примена за спречување на ширењето на коронавирусот, вклучително и повикување на богатите земји да обезбедат повеќе од две милијарди дози вакцини до средината на 2022 година, особено најмалку една милијарда до септември.

притисни ентер