„Предизборно протерување“ на Тито од Белград - Канал 5

„Предизборно протерување“ на Тито од Белград

„Ајде да градиме училишта, болници и детски игралишта. Минатото не можеме да го избришеме, ниту да го промениме“.

„Предизборно протерување“ на Тито од Белград

Радио Слободна Европа на српски јазик

„Ајде да градиме училишта, болници и детски игралишта. Минатото не можеме да го избришеме, ниту да го промениме“, вака Лана од Белград одговара на иницијативата на градоначалникот на главниот град на Србија, која одекна и во соседството.

Александар Шапиќ, кандидатот на владејачката Српска напредна партија за истата позиција на претстојните избори во Белград, се залагаше Музејот на Југославија да стане „музеј на српската историја“.

Тој ја најави и иницијативата за враќање на гробот на Јосип Броз Тито, кој се наоѓа во музејскиот комплекс, во Кумровец, Хрватска, каде е роден доживотниот претседател на поранешната Социјалистичка Федеративна Република Југославија (СФРЈ).

„Шапиќ води кампања на популистички и националистички бран и сигурно ќе има уште слични предлози. Не се ни сеќавам на тој период, но сето тоа има големо значење како споменик на културата“, изјави Немања од Белград за Радио Слободна Европа (РСЕ).

Залагањето за „преместување“ на гробот на Тито било дел од програмата на повеќето десничарски партии во Србија, но ова е првпат да дојде од претставник на власта.

Уште во раните 1990-ти, радикалите на хашкиот осуденик Воислав Шешељ го бараа истото.

„Не знам какви политички поени може да добие и каква политичка програма е тоа каде го уништувате културното наследство на еден град?“, прашува историчарката Бранка Прпа.

Додека српското Министерство за култура не одговара на прашањата на РСЕ за иницијативата за преместување на гробот на Тито и укинување на еден од најпосетуваните музеи во земјата, реагираат градоначалниците од соседните држави.

Челниците на главниот град на Босна и Херцеговина порачаа дека наследството на водачот на антифашистичката борба во Втората светска војна е добредојдено во тој град.

На ист начин реагираше и градоначалникот на Цетиње во Црна Гора, а идејата Јосип Броз да се врати во родниот Кумровец ја поддржа и градоначалникот на таа општина во Хрватска.

Јосип Броз Тито почина на 4 мај 1980 година во Љубљана.

Четири дена подоцна, тој беше погребан во зимската градина на неговата белградска резиденција на Дедиње, која подоцна беше наречена „Куќа на цвеќето“.

Речиси четири децении раководење на доживотниот претседател на СФРЈ ги одбележа антифашистичката борба, комунистичката револуција, оттргнувањето од сталинова Русија и балансирањето меѓу Истокот и Западот за време на Студената војна.

Што рече Шапиќ?

„Ќе покренам иницијатива Јосип Броз да се врати во Кумровец, од каде што дојде, и Куќата на цвеќето да биде место каде ќе почиваат најголемите српски великани, да биде музеј на српската историја“, ја објави Шапиќ на Инстаграм на 3 април неговата изјава од гостувањето на телевизијата Информер.

Историскиот музеј на Србија, за кој се залага Шапиќ, постои во Белград од 1963 година.

„Тој го зачувува тоа културно наследство кога станува збор за артефакти. А кога станува збор за документи, тоа е зачувано од Архивот на Србија“, потсетува за РСЕ историчарката Бранка Прпа.

Што чува Музејот на Југославија?

Од Музејот не сакаат да ги коментираат изјавите на Шапиќ.

Под името Музеј на историјата на Југославија, основан е во 1996 година.

Во негов состав денес се наоѓа Куќата на цвеќето во која се гробниците на Броз и неговата сопруга Јованка, Стариот музеј со постојани поставки и Музејот „25 мај“ со тематски изложби.

Во склоп на комплексот е и „Паркот на скулптури“ со 20 дела од познати југословенски уметници, како Антун Аугустинчиќ, Фран Кршиниќ, Стеван Боднаров и други.

Повеќе од 200.000 експонати на Музејот ја илустрираат југословенската историја во текот на 20 век, со акцент на животот и делото на Јосип Броз Тито.

„Можеме да бидеме среќни што го имаме затоа што овој музеј, како и Архивот на Југославија, влезе во сукцесијата по распадот на југословенската држава. Се почитуваше принципот на провиниенција, односно таму каде нешто настанало треба да остане на територија на Белград“, вели Прпа.

„Тоа се меѓународни договори за сукцесија и други прашања и тоа не може да се реши како што мисли Шапиќ, пред се затоа што српската држава ја презеде одговорноста да го зачува тоа културно наследство“, вели Прпа.

Од нејзиното отворање во 1982 година, Куќата на цвеќето ја посетиле околу 20 милиони луѓе. Претежно странци од сите делови на светот, според информациите на Туристичката организација на Белград.

„Милошевиќ закопан како канаринец“

По објавата на Инстаграм, Шапиќ дополнително ја објасни иницијативата за „преселување“ на гробот на Тито.

„Не станува збор за тоа дека некој сака да ја уништи таа зграда или да заборави на тој период од нашата историја. Никогаш не треба да заборавиме на периодот на комунистичката историја, бидејќи тој е еден од најкатастрофалните за српскиот народ“, рече Шапиќ на 4 април за ТВ Пинк.

Тој го пофали водачот на четничкото движење во Втората светска војна, Драгољуб Михаиловиќ, кој во 1946 година беше осуден за воени злосторства и соработка со нацистичка Германија.

Во 2015 година, Високиот суд во Белград пресуди дека судењето на Михаиловиќ е „политичко-идеолошки процес на комунистичкиот режим“, но дека судот не е надлежен да ги утврдува фактите дали тој е воен злосторник.

Шапиќ се осврна и на поранешниот претседател на Србија, Слободан Милошевиќ, кој почина во 2006 година во притвор на Хашкиот трибунал, каде што му се судеше за злосторства за време на војните во 1990-тите во поранешна Југославија.

Погребан е во дворот на семејната куќа во Пожаревац.

„Милошевиќ го погребавме како канаринец, дури ни на гробишта не беше погребан, а овој (Тито) лежи овде на Дедиње“, додаде Шапиќ.

Во текот на својата политичка кариера, поранешниот ватерполист во два наврати се сликаше со осудениот воен злосторник Веселин Шљиванчанин.

Член на неговата партија, Српскиот патриотски сојуз - СПАС, која се спои во Српската напредна партија (СНС) во 2023 година, е Светозар Андриќ, кој е под истрага во Босна и Херцеговина за воени злосторства.

Во досегашната кампања Шапиќ како кандидат на СНС изјави дека на Белград му е потребен „српски градоначалник“ кој нема да дозволи „сецесионистичка и антисрпска политика“.

„Проблемот е што српското општество е подложено на рехабилитација на тези, личности и идеи кои ја доведоа оваа земја во војна и ужас во 1990-тите. А Шапиќ е дел од таа матрица“, вели историчарката Бранка Прпа.

На иницијативата на Шапиќ се спротивставија коалициските партнери на СНС од Социјалистичката партија на Србија.

Иницијативата беше критикувана и од партиите на опозициската коалиција „Србија против насилството“ - Зелено-левичарскиот фронт и Движењето на слободни граѓани.

Сите барања за „преместување“ на Тито

Гробницата на Јосип Броз Тито е мета на десничарските движења и партии од почетокот на деведесеттите и распадот на Југославија.

На единаесетгодишнината од неговата смрт, 4 мај 1991 година, радикалниот водач, а подоцна и хашки осуденик Воислав Шешељ и неговите приврзаници донесоа кол од глог пред „Куќата на цвеќето“ за да го спречат Тито да се „повампири“.

Тогаш Шешељ, како и Шапиќ, побарал посмртните останки на Тито да бидат преместени од Белград во неговиот роден Кумровец во Хрватска.

Жителите на поранешните југословенски републики се најбројни посетители секој 4 мај, на денот на смртта на Тито и на 25 мај, кога се славеше Денот на младоста (роденденот на Броз).

Истото барање во 2000 година го упати и лидерот на десничарското опозициско движење Двери, Бошко Обрадовиќ.

Иницијативата се уште е во предизборната програма на Движењето за возобновување на Кралството Србија, чиј лидер е внукот на Драгољуб Михаиловиќ, Воислав Михаиловиќ.

Што велат во Сараево?

Има место за наследството на Тито во главниот град на Босна и Херцеговина, изјави премиерот на кантонот Сараево, Нихад Ук по говорот на Шапиќ.

Тој го обвини градоначалникот на Белград за националистички изјави и историска релативизација.

„Постои антифашистички град кој се гордее со наследството на партизаните и едно од најголемите антифашистички движења во Европа за време на Втората светска војна, но и со антифашистичкиот отпор кон болните идеологии во блиското минато“, напиша УК на 3 април на својот Фејсбук профил.

Градоначалникот на Белград одговори дека не му е важно каде ќе биде преместен гробот на Тито.

„Сакам симболично да раскрстиме со тоа. Еве, ова девојче од Сараево се јавува, велат дека може и таму - немам никаков проблем, нека оди каде и да е“, изјави градоначалникот на Белград за Пинк на 4 април.

„Ова мало девојче од Сараево“, ја нарече Шапиќ својата колешка, градоначалничката Бенјамина Кариќ, која го поддржа ставот гробот на Тито да биде преместен во Сараево.

„Сепак, длабоко верувам дека Белград е многу повеќе од реториката и идеите на градоначалничката која моментално е на чело и дека антифашистите, кои ги има многу во Белград, нема да дозволат вакво сквернавење на симболот на антифашизам“, изјави Кариќ за РСЕ.

Ако градоначалникот на Белград ги спроведе своите идеи, „нека се знае дека Сараево никогаш не било, не е и нема да биде тесно, напротив!“, рече таа.

Сараевчани со кои разговараше РСЕ гледаат популизам во говорот на градоначалникот на Белград.

„Тоа е нашата историја и не треба да се чепка. Таму е погребан и претпоставувам дека треба да остане. Но, ако не сакаат, еве сме бујрум“, вели пензионерката Мелиха.

Пензионерите од Сараево, Мелиха и Сеад, велат дека биле пионери на Тито и дека би ја поддржале идејата неговиот гроб да биде преместен во Сараево, доколку „Белград не го сака тоа“.

Дваесетгодишниот Филип вели дека иницијативите да се премести гробот на Тито каде било, немаат смисла.

„Тито е ликот на антифашизмот и тие приказни за преместување на гробот се луди. Популизам е сето тоа и ја отсликува моменталната ситуација. Тито не го заслужи ова“, рече Филип.

„Тој е добредојден овде, но ништо не треба да се прави, освен да остане таму каде што е“, вели Филип.

„Сепак, Сараево е мултиетничко, мислам повеќе од Белград и Загреб. Сето тоа е борба, но јас сто проценти поддржувам да се пресели од Куќата на цвеќето во Сараево“, рече Аида од Сараево.

Одговор од Цетиње

Градоначалникот на Цетиње Никола Ѓурашковиќ изјави дека црногорскиот град секогаш ќе биде отворен за Тито, но и за сите антифашисти.

Тој додаде дека Белград, „далу му се допаѓа тоа на Шапиќ и неговите или не, бил ослободен од партизански трупи под команда на Пеко Дапчевиќ, кој до врховниот командант Тито доставил извештај за слободата на српската и југословенската престолнина“.

„Ако денес во Белград нема место за симболот на антифашизмот и ослободувањето од окупацијата, бидете уверени дека сигурно го има во Цетиње“, порача Ѓурашковиќ во соопштението на 4 април.

Иницијативата на белградскиот градоначалник ја поддржа и првиот човек на хрватската општина Кумровец, Роберт Шплајт.

„Ние на сето ова не гледаме преку некоја идеологија или враќање на некои стари времиња и системи, туку преку комерцијализација на целата приказна“, рече Шплајт на 4 април, а пренесе агенцијата Хина.

Статуа на Јосип Броз пред неговото родно место Кумровец, 13.09.2017

Тој потсети дека Кумровец годишно го посетуваат над 160.000 туристи.

Ако посмртните останки на Тито се вратат, вели тој, може да достигнат милион годишно.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Иран им го заплени имотот на 240 новинари и дисиденти, уапсени се над 6.000 луѓе

Иранските власти запленија имот на 240 дисиденти, новинари и јавни личности и замрзнаа 182 банкарски сметки, објави новинската агенција Мизан, блиска до судството. 

Иран им го заплени имотот на 240 новинари и дисиденти, уапсени се над 6.000 луѓе

Шефот на полицијата, Ахмадреза Радан, потврди дека повеќе од 6.000 луѓе се уапсени поради протестите во јануари, пишува Euronews.

Запленувања на имот и обвинувања за работа против државата

Поголемиот дел од запленувањата, 143 од нив, се извршени во Техеран. Агенцијата Мизан наведува дека лицата што се цел на мерките се обвинети за „пропагандни активности или активности против државата во корист на непријателски влади“. Се додава дека дел од имотот им припаѓа на новинари на опозициските медиуми на персиски јазик, како што се „Иран Интернешнл“ и „Маното“, како и на активисти и јавни личности што живеат во странство.

Еден од најзначајните случаи е оној на претприемачот Садег Саеди, чиј имот беше конфискуван и тој беше осуден на затвор. Покрај тоа, иранското судство испрати повеќе од 2.000 барања до Централната банка за сметките на обвинетите и најави нови запленувања и судски постапки.

Полицијата за протестите и новите апсења

Шефот на полицијата Радан изјави дека неговите сили уапсиле тројца членови на Моџахедин-е Халк (МЕК), протерана опозициска група која се стреми да го собори режимот. Според него, членовите на МЕК одиграле улога во настаните што иранските власти ги нарекуваат државен удар, а тој термин се однесува на протестите во декември и јануари.

„Нема да ги заборавиме бунтовниците и заговорниците на пучот. Продолжуваме да ги следиме и да преземаме мерки против нив“, рече Радан. Тој исто така рече дека безбедносните сили спречиле фестивалот на огнот Чахаршанбе Сури, персиски обичај што ја одбележува последната среда од годината, да се искористи за поттикнување понатамошни немири.

„Еден од обемните планови на непријателот беше да ја искористи последната среда од годината за да создаде сценарио слично на она од јануари, но тоа не се случи“, рече Радан.

Бројот на егзекуции е во пораст

Организацијата „Иран човекови права“, со седиште во Норвешка, објави дека Иран егзекутирал најмалку 532 лица од јануари. Меѓу нив има најмалку 29 лица поврзани со јануарските протести. Стапката на егзекуции е во пораст откако започна војната со САД кон крајот на февруари.

И покојниот ајатолах Али Хамнеи, кој беше убиен во американски напад врз неговата резиденција на почетокот на војната, јавно ги опиша протестите како обид за државен удар.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Скандал: „Револут“ на измамници им предал пасоши, селфи и банкарски сметки на своите корисници

Дигиталната банка „Револут“ претрпе скандалозен безбедносен пробив откако нејзините вработени ги предадоа своите пасоши, селфиња за верификација и цели банкарски сметки на измамници. 

Скандал: „Револут“ на измамници им предал пасоши, селфи и банкарски сметки на своите корисници

Масовното протекување на доверливи податоци се случи кога компанијата наседна на лажни барања за е-пошта, верувајќи дека комуницираат со владини агенции.

Хакерите не провалиле во серверите на банката ниту ги пробиле нејзините лозинки. Наместо тоа, тие искористиле дупка во е-пошта системот на владина агенција и испратиле барања од вистински владин домен. Вработените во банката не се сомневале во автентичноста на пораките, па им ги испратиле сите барани датотеки без проверка.

Обемот на компромитираните податоци варира од корисник до корисник, но обемот на штетата може да биде огромен. Измамниците добиле целосни имиња, датуми на раѓање, адреси и телефонски броеви, како и скенирани пасоши и возачки дозволи. Тие, исто така, добиле селфиња за верификација што корисниците ги прават при отворање сметки.

Огромен ризик од кражба на идентитет и уцена

Особено загрижувачки е фактот што напаѓачите, исто така, ги презеле и комплетните финансиски извештаи. Листата вклучува банкарски сметки, IBAN броеви, салда на сметки, па дури и детална историја на трансакции. Во некои случаи, измамниците преземале и податоци за трансакции со биткоин, директно поврзувајќи го идентитетот на сопственикот со нивните крипто паричници.

Revolut уверува дека биометриските модели не се украдени и дека парите на корисниците се безбедни. Сепак, комбинацијата од оригиналниот пасош и селфито им дава можност на напаѓачите да се претставуваат лажно и да отвораат сметки на други услуги низ интернет.

Целата измама беше откриена дури кога банката последователно контактираше со државна агенција за дополнителна верификација. Властите потоа потврдија дека никогаш не испратиле никакво барање ниту ја контролирале таа е-адреса. Банката брзо ја блокираше сметката и ги извести засегнатите корисници, но сè уште го крие точниот број на засегнати лица од јавноста.

Не верувајте на повиците „од банката“

Експертите за сајбер безбедност предупредуваат дека најголемата опасност од оваа кражба е во последователната измама. Криминалците повеќе не мора да измислуваат приказни за да ве измамат да платите. Тие сега ја знаат вашата точна адреса, број на пасош, IBAN и точниот износ на вашата последна купување.

Ако некој ве повика и ви ги диктира овие информации, тоа повеќе не може да биде доказ дека вработен во банката е всушност на другиот крај од линијата. На корисниците им се препорачува да не даваат никакви верификациски кодови и да ги проверуваат сите сомнителни пораки исклучиво преку официјалната апликација.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Муцунски: Секој кој учествува во структурите на ВМРО-ДПМНЕ, може да биде активен чинител на промените во општеството

Вечерва по повод 15 септември – Меѓународниот ден на демократијата, во организација на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ се одржа политичката платформа насловена „Повеќе учество, повеќе демократија“.

Муцунски: Секој кој учествува во структурите на ВМРО-ДПМНЕ, може да биде активен чинител на промените во општеството

Вечерва по повод 15 септември – Меѓународниот ден на демократијата, во организација на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ се одржа политичката платформа насловена „Повеќе учество, повеќе демократија“, во чиишто рамки се одржаа и две последователни панел дискусии.

Во рамките на првиот панел насловен „Учеството како двигател на демократијата“, се обрати и членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и министер за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, кој рече: „ВМРО ДПМНЕ е семејство, збир на луѓе коишто споделуваат многу повеќе од само политички вредности, луѓе коишто споделуваат визија за иднината на државата, субјект во којшто имаме секогаш време и простор да дискутираме за многу повеќе од секојдневните политики, туку како ја гледаме во државата во еден подолгорочен период“.

Муцунски укажа дека времето во коешто живееме денес е комплексно од повеќе аспекти и дека единственото нешто коешто го немаме, како што вели тој, е луксузот да бидеме рамнодушни, притоа истакнувајќи дека секој оној кој учествува во која било од структурите на ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија, давајќи го својот инпут може да биде активен чинител во општествените промени.

„Во ова време во коешто живееме, коешто е комплексно од многу повеќе прашања, и внатрешно и надворешно политички прашања, единствено нешто на коешто го немаме луксузот-е луксузот да бидеме рамнодушни, да кажеме ништо не зависи од нас, ништо не можеме да промениме. Напротив, тој што учествува во ВМРО-ДПМНЕ, во структурите на ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија, знае дека независно дали е тој или таа активен во месен комитет, во општински комитет, во централна комисија, во една од раководните структури на партијата, можете да бидете активен чинител во промени онаму каде што можете да дадете свој инпут“, истакна Муцунски и додаде:

„Во ова време во коешто живееме, е наша обврска, бидејќи работите навистина толку брзо се менуваат, имаме множност секој, зависно од тоа што најдобро го знаеме и најдобро го умееме, преку политички субјект да дадеме свој придонес“.

Муцунски напомена дека ВМРО-ДПМНЕ е политичкиот субјект кој има јасна слика за тоа каде треба да се движи државата и како треба да се гради Македонија во наредните години.

„ВМРО-ДПМНЕ е тој политички субјект којшто има јасна слика за тоа каде треба да се движи државата, независно дали е тоа економска, финансиска политика, независно дали е тоа политика насочена кон развојот на индустријата, на инфраструктурата, на надворешната политика, ние сме онаа структура којашто знае како треба Македонија да се гради за следните 10, 15 и 20 години“, посочи Муцунски.

На крај, Муцунски упати повик до сите амбициозни луѓе во државата, велејќи: „сите коишто сакаат заеднички да ја претвориме Македонија во подобро место за живеење да се приклучат, да станат дел од структурите на ВМРО-ДПМНЕ и да помогнат да изградиме држава каква што заслужуваме“.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер