„Ла Тераца“ концесионер на комплексот „Македонско село“ - Канал 5

„Ла Тераца“ концесионер на комплексот „Македонско село“

Комплексот „Македонско село“ треба да биде отворено во јуни годинава, а нов концесионер е фирмата „Ла Тераца“. Овој комплекс не работи веќе седум години. 

„Ла Тераца“ концесионер на комплексот „Македонско село“

На јавниот повик што го распиша Службата за општи и заеднички работи, се пријавиле две компании, а понудата на „Ла Тераца“ била најповолна. Информацијата за „360 степени“ ја потврди директорот на СОЗР Ивица Томовски.

Согласно договорот, сè што ќе се инвестира ќе остане во сопственост на државата. Цената за месечна кирија изнесува околу 3 500 евра.

-По седум години запуштеност, Македонско село повторно ќе заживее! Денеска ја потпишав одлуката за избор на најповолен понудувач за комплексот „Македонско село“. После години на затворање и уништување на сè што претставува културно наследство, идентитет и историја – конечно започнуваме ново поглавје. Со оваа одлука правиме сериозен чекор кон враќање на животот во еден уникатен простор кој ќе биде отворен за сите граѓани, туристи и љубители на традицијата. „Македонско село“ ќе стане повторно жив центар на култура, автентична архитектура и македонска традиција. Време е за обнова. Време е за гордост, објави Томовски вчера на Фејсбук.

СОЗР вчера соопшти дека Томовски ја потпишал одлуката за концесионер на комплексот, кој, како што се наведува во соопштението е избран на законски и транспарентен начин, по пат на електронско јавно наддавање, преку системот со кој управува и оперира Министерството за финансии.

Концесионерот има обврска да ги преземе сите потребни активности за оспособување на комплексот за почеток со работа од 1 јуни додаваат од СОЗР.

- После години на затворање и уништување на сè што претставува културно наследство, идентитет и историја – конечно започнуваме ново поглавје. Комплексот „Македонско село“ не функционира речиси седум години, откако претходните концесионери се повлекоа поради финансиски загуби, а во меѓувреме, СОЗР редовно ги исплатуваше трошоците за осигурување и обезбедување и практично имаше финансиски загуби од над 300.000 евра. Со изборот на концесионер, правиме сериозен чекор кон враќање на животот во еден уникатен простор кој ќе биде отворен за сите граѓани, туристи и љубители на традицијата, се наведува во соопштението од СОЗР.

Комплексот „Македонско село“, кој се наоѓа на падините на Водно, блиску до селото Нерези, се состои од 12 автентични куќи, со простории каде се претставени македонските занаети, делови се користат како хотелски соби, а некои имаат и ресторански дел.

Со реотворањето на комплексот, ќе бидат создадени услови за поттикнување на развојот на туризмот и зајакнување на локалната економија, отворање на нови работни места, а ќе биде унапреден и туристичкиот капацитет во Скопје што ќе влијае на зголемен број туристи не само во Скопје, воопшто и во земјава, истакнуваат од СОЗР.

Нафтена индустрија на Србија доби трето одложување на воведување санкции од САД

Нафтена индустрија на Србија (НИС) доби трето одложување на воведување санкции од САД поради мнозинскиот руски капитал во таа компанија. 

Нафтена индустрија на Србија доби трето одложување на воведување санкции од САД

Овојпат, воведувањето на санкции беше одложено за дури два месеца, односно до 27 јуни. Рокот на претходно одложените санкции изминува в понеделник - 28 април.

„Добри вести за граѓаните на Србија. Србија успеа да добие ново одложување на санкциите за НИС, овојпат за два месеца, до 27 јуни. Благодарност до нашите американски партнери за разбирањето на ставот на Србија“, напиша Вучиќ на својот Инстаграм профил buducnostsrbijeav.

Во средата, компанијата НИС поднесе ново барање до Министерството за финансии на САД за издавање посебна лиценца со која се одложува целосното спроведување на санкциите, а целта е да се овозможи компанијата непречено да работи и по 28 април.

Прв пораз сезонава на ПСЖ во Франција

 Надежите на ПСЖ дека ќе ја заврши актуелната сезона во француското фудбалско првенство без пораз завршија, откако синоќа претрпе шокантен пораз од Ница на домашен терен со 3-1.

Прв пораз сезонава на ПСЖ во Франција

Гостите поведоа преку Морган Сансон (34 минута), а Фабијан Руиз до крајот на полувремето израмни за ПСЖ (41), но Ница во продолжението постигна два гола преку Сансон (46) и Јусуф Ндајишимије (70).

Со ова заврши серијата на ПСЖ од 30 натпревари без пораз во француското првенство, во кое клубот од Париз веќе ја одбрани шампионската титула.

Пораз од Ница за составот предводен од Луис Енрике доаѓа пред полуфиналниот дуел против Арсенал во вторник во Лигата на шампиони. /МИА

Повторно престрелка помеѓу индиската и пакистанската армија во Кашмир

Индиската армија соопшти дека синоќа имаше престрелка помеѓу индиската и пакистанската армија на фактичката граница помеѓу двете земји во Кашмир.

Повторно престрелка помеѓу индиската и пакистанската армија во Кашмир

- Неиспровоцирани истрели од лесно оружје од страна на пакистанската армија регистрирани се на повеќе пунктови долж целата конторлна линија во Кашмир. Индиските сили соодветно одговорија, се наведува во соопштението на индиската армија.

Во пограничниот инцидент нема повредени војници.

Тензиите помеѓу двете нуклеарни сили се зголемија по терористичкиот напад во Пахалгам, во индискиот дел на Кашмир, при што загинаа 26 цивили. Индија го обвинува Пакистан за нападот.

Индиската армија вчера уништи две куќи, кои биле во сопственост на семејствата на напаѓачите.

Парламентот на Пакистан вчера едногласно усвои резолуција, со која се отфрлаат индиските обвинувања како неосновани и предупредува дека Исламабад е подготвен да се заштити.

Советот за безбедност на Обединети нации вчера апелираше до Индија и Пакистан на максимална воздржаност.

Индија и Пакистан контролираат дел од хималајската територија Кашмир, а двете полагаат право на цела територија. Спорната граница меѓу двете земји вооружени со нуклеарно оружје вклучува област долга 740 километри на Хималаите наречена контролна линија.

Индија и Пакистан се во тензични односи откако се стекнаа со независност во 1947 година. Кризата во Кашмир датира уште од 1947 година кога Велика Британија го напушти тоа подрачје без да го реши статусот на регионот. Муслиманите сочинуваат 90 отсто од популацијата на Кашмир, а по повлекувањето на Британците побараа тој регион да се присоедини на Пакистан. Тогашниот гувернер сепак одлучи Кашмир да го присоедини кон Индија. Пакистан и Индија во 1947 година ја водеа првата војна за Кашмир, а потоа војуваа повторно во 1965 и 1999 година. Индија контролира околу 45 отсто од Кашмир, Пакистан околу 35 проценти, додека Кина 20 отсто./МИА

притисни ентер