Британскиот турист во Грција кој се водеше како првиот сомнителен случај на мајмунски сипаници во земјата, има варичела, а не мајмунски сипаници, покажаа испитувањата направени во Лабораториите за микробиологија на Универзитетот во Солун и во атинската болница каде што е хоспитализиран мажот, пренесува МИА.
Националната организација за јавно здравје на Грција доцна синоќа соопшти дека „при лабораториските испитувања на примерокот од сомнителниот случај кај мажот хоспитализиран во болницата „Атикон“, не е откриен вирус на мајмунски сипаници додека примерокот беше позитивен на два повторени теста за вирусот варичела “.
Туристот во саботата вечерта беше хоспитализиран и се водеше како прв сомнителен случај на мајмунски сипаници во Грција, а според грчките медиуми, 29-годишниот Британец, заедно со неговата пријателка биле на одмор на Кефалонија, каде што му се појавиле првите симптоми, меѓу кои и осип на кожата.
Од локалниот здравствен центар на островот, со авион итно бил пренесен во атинската болница „Атикон“, каде што беше изолиран и под надзор на лекарски тим, додека се чекаа резултатите од испитувањата.