Борисов чија партија ја предводи новата бугарска влада порача дека Софија не треба да посветува големо внимание на ваквите пораки на Мицкоски, кој вчера отвори јавна дилема - зошто Македонија треба да го промени својот устав, но не и Албанија каде на последниот попис имаше двојно повеќе Бугари.
-Апсолутна провокација и едноставно не треба да им се посветува внимание. Министерството за надворешни работи реагираше добро, така што тие тоа го можат.- Бојко Борисов – Претседател на ГЕРБ.
Во синоќешната реакција на Бугарското МНР се вели дека последните изјави на Мицкоски ја искривуваат реалноста и ги поткопуваат напорите за градење добрососедски односи и за европска интеграција.
-Сакаме да нагласиме дека прашањето за правата на Бугарите во Македонија не е билатерален спор меѓу нашите две земји, туку е прашање кое влијае на темелните европски вредности. Напредокот во процесот на европска интеграција на Македонија е можен само преку целосна и сеопфатна имплементација на европскиот консензус, чиј важен дел се измените на македонскиот устав.- МНР на Бугарија.
Се вели меѓудругото во реакцијата на бугарското МНР. Премиерот Мицкоски пак, од собраниската говорница, одговарајќи на пратеничко прашање, праша зошто има различни услови за Македонија и Албанија, кога и во двете земји има граѓани кои се идентификуваат како Бугари.
-Зошто во Македонија околу седум, осумстотини Бугари кои декларираат дека мајчин јазик им е бугарскиот треба да ги ставиме во устав, а зошто Албанија го нема тој услов, да овие осум илјади не ги стави во уставот. Тоа е суштинското прашање. Јас би сакал ние да разговараме како граѓани, Македонци и останати, не само Македонци и Албанци и Турци и Срби и Роми и Бошњаци и Власи, но да видиме зошто дозволивме ова да се случи. Тоа е суштинското прашање.-Христијан Мицкоски – Претседател на владата.
И под безмалку еден месец од формирањето на новата бугарска влада, се уште нема контакти меѓу Скопје и Софија. Очејкувањата се дека шефовите на дипломатите Муцунски и Георгиев да се сретнат на маргините на безбедносната конференција во Минхен која започнува утре.