Арсовска: Еко Скопје со рамномерен развој, со јака администрација...

Еко Скопје со рамномерен развој, со јака администрација, регионален центар на културата.

Еко Скопје со рамномерен развој, зајакната администрација, регионален центар на културата и Скопје ИНОПАРК, се дел од проектите од изборната програма „За модерно Скопје", што независната кандидатка за градоначалник на Град Скопје Данела Арсовска ги презентираше на денешната прес-конференција.

Арсовска истакна дека нејзината визија е Скопје да биде модерна европска метропола, да биде град на кој што сите ние ќе бидеме горди, кој ќе комуницира директно и отворено со сите свои граѓани, кој ќе ги слуша нивните потреби и кој ќе испорачува решенија за сите нивни проблеми. Нејзината програма се состои од 15+1 проекти, со кои Арсовска очекува „брзо и ефикасно да го сменат начинот на живот на скопјани и да овозможат брз развој на градот".

– Оваа програма произлегува од скопјани за потребите на градот. Мојата визија е, преку брзи и сигурни решенија, Скопје да стане вистинска метропола каква што заслужува. 15+1 проекти треба брзо и ефикасно да го сменат начинот на живот на скопјани и да овозможат брз развој на градот. Веќе ги презентирав двата големи, стратешки проекти за достапен и еколошки јавен превоз: бесплатен јавен превоз и 250 нови еколошки автобуси. Тоа е еколошка алтернатива за автомобилите што треба да придонесе за намалување на загадувањето на воздухот и сообраќајниот метеж, изјави Арсовска, посочувајќи дека проектите во програмата се производ на работата на експерти од различни области направени според потребите на скопјани со реални проекции како да се спроведат.

Независната кандидатката за градоначалник на Град Скопје, која е поддржана од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНР, ги претстави и десетте клучните области во кои таа би дејствувала, нудејќи стратешки проекти за секоја област. Таа потенцира дека секој ден ќе претставува по еден проект од програмата.

Во областа на економијата, таа најави иницијатива за креирање на меѓународен проект за првиот информатичко-иновациски парк во државата, Скопје ИНОПАРК – современа и иновативна инфраструктура наменета за развој на високо технолошки компании и креативни тимски работни процеси на старт ап компании. Потоа е спроведувањето на идејата за дигитален град – SMART СКОПЈЕ, што опфаќа проширување на оптичката мрежа во градот, паметни системи за наводнување и осветлување на јавните простори.

Третата област е еколошката мобилност и креирањето модерна инфраструктура за велосипеди со креирање на нови велосипедски патеки за безбедно поврзување на сите делови од градот. Како четврта клучна област го постави образованието и фокусот на младите, со што кандидатката се обврза да биде предводник во изградба на модерна образовна инфраструктура и современи услови за учење според ЕУ стандарди.

Таа најави и еднакви можности за образование за сите, стипендии за ученици и студенти од социјално загрозените семејства, грижа за учениците со попречености, но и силни инвестиции во наставниот кадар. Во истата област, Арсовска најави и модернизација и реконструкција на постоечката градска библиотека „Браќа Миладиновци".

Арсовска истакна дека Зелениот план за Скопје опфаќа активности поврзани со расчистувањето на дивите депонии, проектот Водно како зелен штит на Скопје, но и реконструкција на парк шумата во Гази Баба и Матка, кои се оставени без грижа, инвестиции и без заштита. Таа рече дека нудат поддршка и за спортот, културата, каде спаѓа брзо решение за објектот на Универзалната сала во Скопје, отворање на нова концертна арена на отворено, заживување на чаршијата и занаетите се дел од проектите во програмата. Во истата област Арсовска најави и враќање на заборавените манифестации и фестивали, и организаирање најмалку еден фестивал за секој месец во годината.

Како клучна деветта област во програмата се предвидува социјална и здравствена заштита која ќе ја понуди градот на повозрасните, на лицата во ризик, лицата со попреченост, и сите на кои им е потребна помош и поддршка. Во програмата е предвиден и посебен дел за превенција од пожари и другите природни непогоди преку инвестиција во кадар, во нови противпожарни возила, во опрема и во „достоинствени услови за нашите херои од противпожарната бригада".

– Градот ќе креира нова и посебна програма за сите заборавени населби. И веднаш ќе почне да ги решава проблемите. Администрацијата во градот Скопје и јавните претпријатија уште првиот ден ќе добијат налог да ги утврдат сите конкретни проблеми, слабости и недостатоци, и за нив да дадат решенија. Неприфатливи се одговори дека е невозможно во 21 век делови од Скопје да ги немаат основните услови за живот – како што се канализација, вода, асфалт, автобуски превоз, најави Арсовска.

Осврнувајќи се на коментарите дека градот нема доволно средства за вакви проекти, таа изјави дека сите нејзини ветувања се базирани на пресметки, факти, извори на финансирање, конкретни параметри и индикатори, а на располагање се и европските фондови за финансирање на зелената транзиција во превозот на патници.

Борел повтори дека Рафа не смее да биде нападнат

Го повика Израел да се вклучи во мировниот процес.

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел денеска изјави дека партнерите на Израел и соседните земји имаат заеднички став дека градот Рафа на југот од Појасот Газа не смее да биде нападнат и ја повика израелската влада конструктивно да се вклучи во политичкиот мировен процес.

Борел на Х напиша дека меѓународната заедница, исто така, едногласно бара итно ослободување на сите заложници кои ги држи Хамас во Појасот Газа.

Тој истакна дека Израел не може да го уништи Хамас по цена на убиени илјадници палестински цивили и оти понатамошното раселување на повеќе од милион ранливи Палестинци би било „погубно“.

- Ја повикуваме владата на Израел да ги послуша повиците на меѓународната заедница и конструктивно да се вклучи во политичкиот мировен процес, наведе Борел. /МИА

Тухел го критикуваше Ким за примените головите на дуелот со Реал

„Беше премногу алчен и агресивен“.

Тренерот на Баерн Минхен, Томас Тухел го посочи Ким Мин за неговиот настап на натпреварот против Реал Мадрид.

Баерн вчеравечер одигра нерешено со мадридскиот клуб во првиот полуфинален натпревар од Лигата на шампионите (2:2).

- Тој двапати беше премногу алчен. При првиот гол против Винисиус премногу рано тргна во дуел па Тони Крос го искористи тоа со додавање. Вториот гол – за жал, тоа беше уште една негова грешка. Ние бевме петмина тие двајца. Немаше потреба да се брани толку агресивно против Родриго и без потреба направи пенал. Токму кога Ерик Дајер сакаше да помогне, Ким го фаулира Родриго. За жал, со оглед на квалитетот на противникот, овие грешки се казнуваат. Но, мораме да продолжиме понатаму, рече Тухел.

Реваншот во Мадрид е закажан за 8 мај. /МИА

Блинкен го посети Керем Шалом, преминот за хуманитарна помош меѓу Израел и Газа

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска го посети Керем Шалом, преминот за хуманитарна помош од Израел до Појасот Газа.

За време на посетата на Блинкен, десетина камиони чекаа да влезат во Појасот Газа додека неколку израелски тенкови беа паркирани во близина.

Посетата на американскиот државен секретар доаѓа во момент кога Израел изрази намера да изврши копнен напад врз Рафа, град на неколку километри од Керем Шалом, кој сега е дом на околу 1,5 милиони Палестинци, од кои огромното мнозинство се раселени поради војната. /МИА

притисни ентер