Во други три министерства ќе назначат и заменици министри од партијата на Гаши – во министерствата за образование, култура и најверојатно во земјоделство. Директорски позиции Алтернатива ќе преземе во над 40 институции, меѓу кои Мепсо, ПИОМ, Агенцијата за странски инвестиции, бројни функции со кои во моментов раководат кадри од СДСМ и ДУИ.
Од имињата за кои деновиве се споменуваат, засега само е извесно дека генералниот секретар на Алтернатива, Беким Сали, е блиску да седне на министерската функција во министерството во здравство. Со ова, по 4 години од ресорот заминува Венко Филипче, но премиерот Заев останува на оценката дека тој бил најдобирот министер за здравство досега.. Дали во новиот владин состав тој ќе добие друга функција, ќе се чека одлуката на новиот мандатар.
Заев не крие дека негов фаворит за победник на изборите во СДСМ и негов наследник на премиерската позиција е Димитар Ковачевски. Верува дека новата влада ќе го истера мандатот до 2024 година и вонредни избори нема да има..
Оставката, рече Заев, ќе ја депонира за неколку недели, откако ќе помине самитот на ЕУ од кој се очекува конечно да добиеме датум за преговори..
Парламентарното мнозинство сега брои 64 пратеници, со најава од Заев дека ќе порасне на 66. Во договорот за проширување на владината програма, Гаши бара од Владата засилен ангажман за девет теми. Најголемо внимание предизвика иницијативата да повикуваат експерти од ЕУ кои би направиле ревизија на неколку судски случаи, меѓу кои и Монструм и Диво Насеље..