„Алкалоид“: Рекордни консолидирани продажби од 79,9 милиони евра

АЛКАЛОИД со рекордни консолидирани продажби од 79,9 милиони евра, раст на консолидираниот извоз од 14 % и инвестиции од 4,8 милиони евра во периодот јануари – март 2024 г.

Приходи од продажби

Според единечниот биланс на успех, во периодот јануари – март 2024 година продажбите достигнуваат 3.419.742.486 денари, што е за 10 % повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Вкупните консолидирани продажби, пак, достигнуваат 4.925.260.049 денари, што е за 13 % повеќе во споредба со истиот период од минатата година.

Продажби според региони

Консолидираните продажби остварени на домашниот пазар се зголемени за 11 %, а вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за 14 %. Од вкупните консолидирани продажби 27 % се остварени на домашниот пазар, додека, пак, 73 % се остварени на странските пазари. Гледано според региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 26 %, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 24 %, во земјите од Источна Европа (ЗНД, УКР...) се остварени 22 %, а на другите пазари е остварен 1 % од вкупните консолидирани продажби.

Најголем пораст кај поголемите извозни пазари, во споредба со минатата година, бележат продажбите остварени во Велика Британија, во износ од 119.813.384 денари, кои се зголемени за 4-пати; потоа во Грузија, каде што се зголемени за 3-пати, како и во Украина, каде што се зголемени за 2,5-пати. Потоа следуваат оние во Унгарија (раст од 65 %), Романија (раст од 27 %), Албанија (раст од 27 %), во Полска (раст од 20 %), Италија (раст од 12 %), Хрватска (раст од 11 %), во Ерменија (раст од 10 %), Словенија (раст од 10 %), Србија (раст од 10 %), во Грција (раст од 10 %) итн.

Продажби според групи производи

Гледано според групи производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација, и тоа 91 %. Од нив поголем удел имаат антибиотиците со 31 %, препаратите ОТЦ со 19 %, кардиолошките препарати со 12 %, невролошките препарати со 11 % од вкупните консолидирани продажби итн. Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 9 % во вкупните консолидирани продажби, поточно хемија учествува со 2 %, козметика со 6 %, а билкарство учествува со 1 %. Вкупните продажби бележат пораст кај сите профитни центри во споредба со остварените во истиот период од 2023 година. Сегментот фармација бележи раст од 14 %, хемија раст од 3 %, козметика раст од 5 % и билкарство раст од 8 %.

Инвестиции

Во 2024 година, во насока на посветеноста за постојана модернизација и за проширување на производствените капацитети, производствените волумени и на асортиманот, АЛКАЛОИД АД Скопје ја комплетираше реализацијата на својот најголем инвестициски потфат во последните две децении – новиот погон за производство на цврсти фармацевтски форми Таблетно одделение 2.0 и придружните технички простории. Новиот техничко-технолошки капацитет, чија цел е повеќе од двојно зголемување на обемот и поголема флексибилност во производството на цврсти фармацевтски форми, зафаќа површина од 6.200 м2 (производствени и технички простории), а за него АЛКАЛОИД вложи вкупно 19,4 милиони евра. Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари – март 2024 година изнесуваат 298.250.975 денари.

Иновации

АЛКАЛОИД во изминативе години започна процес на редизајнирање на постојни генерички фармацевтски производи за нови индикации, со цел создавање лекови со додадена вредност кои овозможуваат третирање и задоволување на потребите на индивидуални или на специфични групи пациенти. Стратешките инвестиции за модернизација на производственото портфолио доведоа до успешен развој на првиот патентиран лек со додадена вредност на АЛКАЛОИД, наменет, пред сѐ, за третман на рефлуксен езофагитис и на гастроезофагеална рефлуксна болест (ГЕРБ). Лекови од прв избор во третманот на рефлуксен езофагитис и на ГЕРБ се т.н. инхибитори на протонска пумпа, група во која спаѓа и Омепразолот, кои најчесто се достапни во форма на гастрорезистентни таблети и капсули, како и на прашок за растворање. За првпат во историјата, од „Алкалоид“, е развиена течна форма на лекот Омепразол, готов за употреба.

За пероралниот раствор Омепразол „Алкалоид“ го доби првиот интернационален патент за лек со додадена вредност (Value Added Medicine – VAM), а првите одобренија за ставање во промет на овој иновативен лек веќе се доделени за македонскиот пазар и за пазарот во Обединетото Кралство. Во тек се регистрациските постапки за земјите во Европа и за пазарите на Европската Унија, при што се очекува добивање одобренија за ставање на лекот во промет и негово последователно лансирање.

Резултати од работењето

Единечната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА), која изнесува 659.500.874 денари, бележи зголемување од околу 10 %, додека, пак, единечната нето-добивка изнесува 390.910.925 денари и е зголемена исто така за 10 %.

Консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА) достигна 804.400.748 денари и бележи раст од 6 %, додека, пак, консолидираната нето-добивка во износ од 479.529.291 денари е зголемена за 9 %.

При извршувањето на оперативните активности АЛКАЛОИД АД Скопје ангажираше повеќе од 1.000 домашни добавувачи.

Вработени

Во периодот јануари – март 2024 година во АЛКАЛОИД АД Скопје се реализирани 90 нови вработувања во РС Македонија. Со одлука на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје, во март 2024 година е одобрен и исплатен регрес за користење годишен одмор за вработените во компанијата, во висина на нето-износот од 40.500 денари. Групацијата АЛКАЛОИД брои 2.910 вработени, од кои 2.215 се во земјава, а 695 се вработени во капитално поврзаните друштва во странство.

Податоци за акциите

Акциите на АЛКАЛОИД АД Скопје котираат на официјалниот пазар на Македонската берза за хартии од вредност од 2002 година и важат за едни од најтргуваните и најликвидните акции на Берзата. Цената на акцијата во периодот јануари – март 2024 година се движеше од 18.151,00 до 20.900,00 денари или просечно 19.602,82 денари за една акција. На 31.03.2024 година акциите на АЛКАЛОИД АД Скопје беа во сопственост на 5.596 акционери, физички и правни лица, a пазарната капитализација на компанијата изнесуваше над 29 милијарди денари.

На 1 април 2024 година, на Годишното собрание на акционерите, е одобрена пресметка и исплата на бруто-дивиденда за 2023 година, во износ од 772.931 илјади денари. Во согласност со дивидендниот календар, во мај 2024 година ќе започне исплатата на дивидендата во износ од 540 денари бруто, односно 486 денар нето за една акција. Дивидендата по акција за 2023 година е поголема за 10,2% во однос на исплатената дивиденда по акција за 2022 година.

Бизнис-план за 2024 година

Бизнис-планот за 2024 година, донесен со одлука на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје, на Седницата одржана на 27.12.2023 година, предвидува инвестирање на околу 10% од консолидираните приходи од продажби во материјални и во нематеријални средства, раст од 10% на консолидираните продажби во однос на реализираните во 2023 година, како и раст од 7% на консолидираниот профит пред оданочување во однос на 2023 година.

Бизнис-планот за 2024 година е базиран на очекувањата, проекциите и на можностите на тековните и на новите пазари и производи, достапни за компанијата во моментот на изготвување на планот. Околностите и настаните во 2024 година, а со тоа и остварените резултати, може да варираат од прикажаните во Бизнис-планот.

Очекувања за претстојниот период

Трендот на работење во отежнати економски услови кои беа актуелни во изминатите неколку години сосема е извесно дека ќе продолжи и во 2024 година. Доминанти предизвици беа инфлацијата и порастот на каматните стапки кои сепак, според сите очекувања, би требало да влезат во зоната на стагнација а можеби и благо опаѓање. Секако безбедносните глобални кризи го отежнуваат економскиот амбиент и предвидливоста што секогаш може да повлијае и на цените на енергенсите, да создаде потешкотии кај ланците на испораки но и да повлијае на достапноста на одредени материјали.

Очекуваме во 2024 година да продолжиме по патеката на континуираниот раст базиран на можностите од нашите тековни инвестиции во новите производни капацитети и опреми и вложувањата во развојно-истражувачките проекти, на тој начин создавајќи конкурентно портфолио и можности за ширење на пазарите. За остварување на овие цели ќе продолжиме и со нови вработувања во земјава но и на странските пазари, притоа континуирано вложувајќи во подигнување и усовршување на нивото на знаења и вештини на нашите вработени и градење на таленти.

АД „Алкалоид“

Вицепремиерот на Словачка: Фицо ќе преживее, моментално е вон животна опасност

Словачкиот вицепремиер Томаш Тараба изјави вечерва дека верува оти премиерот Роберт Фицо е надвор од животна опасност и оти ќе го „преживее“ обидот за атентат што се случи претходно денеска.

„За среќа, колку што знам, операцијата помина добро и мислам дека на крајот ќе преживее. Во моментов е надвор од животна опасност“, изјави Тараба за Би-Би-Си.

Тој истакнал дека напаѓачот пукал од непосредна близина.

„Тој беше тешко повреден. Еден куршум поминал низ стомакот, а другиот го погодил зглобот. Веднаш беше однесен во болница и опериран“, изјави Тараба.

Тој ја обвини опозицијата во земјата дека користи „лажни наративи“ и дека зборува за Фицо „речиси како чудовиште“, велејќи дека таквите коментари немаат место во демократијата.

Претходно денеска министерот за внатрешни работи, Матус Шутај Ешток изјави дека нападот врз Фицо е политички мотивиран и дека напаѓачот одлуката ја донел по претседателските избори пред повеќе од еден месец.

Тој ги повика луѓето „да не шират омраза“ на социјалните мрежи и додаде дека во наредниот период ќе се зајакне заштитата на државните функционери и политичките претставници на владејачката коалиција и опозицијата, како и на поединечни медиуми.

Министерката за здравство Зузана Долинкова претходно најави дека Фицо е „во најдобри раце“ кои се грижат за неговото здравје.

„Верувам дека сѐ ќе оди добро. Стискам палци и му посакувам многу сила не само на него, туку и на медицинскиот персонал кој во овој момент навистина се бори за неговиот живот“, изјави таа.

Претходно денеска, по седницата на Владата во градот Хандлова, беше убиен премиерот на Словачка кога напаѓачот испука неколку куршуми од непосредна близина.

Премиерот беше префрлен во болницата во Банска Бистрица во многу тешка состојба.

Франција прогласи вонредна состојба во Нова Каледонија по насилните протести

Франција денеска прогласи вонредна состојба на прекуморската територија Нова Каледонија по две ноќи немири во кои загинаа четири лица, меѓу кои и еден полицаец.

Вонредната состојба ќе им даде на властите дополнителни овластувања кога станува збор за забрана на собири на овој пацифички остров под контрола на Франција.

Франција испрати и неколку стотици припадници на полицијата и жандармеријата, изјави портпаролот на француското Министерство за внатрешни работи, пренесе Ројтерс.

Меѓу 500-те обучени членови се и полицајци за борба против нереди. Училиштата на островот се затворени, а во главниот град веќе е воведена вонредна состојба.

Елисејската палата денеска потврди три смртни случаи, без дополнителни детали, жандармеријата објави дека еден од нејзините членови, кој денеска се здобил со тешки повреди на главата, подоцна починал, јавуваат француските медиуми.

Нова Каледонија е потресена од бунт на сепаратистите кои се противат на долгонајавуваната изборна реформа изгласана од францускиот парламент утринава.

Националното собрание утрово со 351 глас за и 153 против го усвои предлогот за уставен закон за проширување на електоратот во Нова Каледонија.

Текстот на усвоениот предлог-закон предвидува право на глас на локалните избори за сите граѓани кои таму живеат повеќе од десет години.

Претседателот Макрон денеска ги покани претставниците на Нова Каледонија да продолжат со разговорите со државните институции.

Новиот Golf GTI пуштен е во продажба, позната е и цената (ФОТО)

Новиот Golf претставен неодамна доби и славеничко издание на GTI.

Иако специјалната верзија ќе биде претставена на крајот на месецот, Volkswagen одлучи да нѐ почести веќе сега со лансирањето на новото издание на GTI. Заедно со сите иновации што ги носи Golf 8.5, GTI добива и нови работи под лимот.

Иако се напојува со 2.0 TSI мотор, сега е помоќен за 20 КС. Развива 265 КС во опсег од 5250 до 6500 вртежи во минута и 370 Nm достапни од 1600 вртежи во минута. Како што е познато, мануелниот менувач повеќе не се нуди, а единствена опција е седумстепениот DSG.

Со погон на предните тркала како единствена опција, овој Golf достигнува 100 km/h за 5,9 секунди со ограничени максимални 250 km/h.

Новиот GTI ќе се препознае по редизајнираниот преден дел со нови светла и осветлено лого. Има и нови светла одзади, додека странично откриваат 19-инчни алуминиумски бандажи од Queenstown. Кабината е збогатена со спортска декорација во препознатливиот GTI манир. Да го споменеме и новиот волан и најновата генерација на инфозабава.

Списокот на нарачки е отворен во Германија, а почетната цена е 44.505 евра.

притисни ентер