Зошто имаме потреба на другите да им покажеме дека имаме совршен живот? - Канал 5

Зошто имаме потреба на другите да им покажеме дека имаме совршен живот?

Фасадата на совршенството како параван за проблемите

Зошто имаме потреба на другите да им покажеме дека имаме совршен живот?

Идеализираните слики кои прикажуваат убавина и успех некогаш ги гледавме во списанијата и рекламите, а денес таквите прикази често ги гледаме на профилите на социјалните мрежи кај пријателите и врсниците, наведува Child Mind Institute.

Најчесто, тинејџерите на профилите ги споделуваат најубавите моменти, додека обичните денови остануваат надвор од кадарот, па „совршениот“ туѓ живот честопати нè поттикнува да ја преиспитаме сопствената вредност.

Фасадата на совршенството како параван за проблемите

Според клиничкиот психолог Џил Емануеле, прикажувањето на животот погламурозен одошто е, само по себе не е проблем... но кога лицата се кријат зад социјалните мрежи глумејќи совршенство, тоа може да создаде фрустрација и потиштеност поради јазот помеѓу она што го претставуваат и она што навистина се.

Порталот YourTango наведува 11 работи кои најчесто се кријат зад таквата фасада.

Ниска самопочит

Лицата со ниска самопочит понекогаш се обидуваат да ја скријат сопствената несигурност прикажувајќи пред другите речиси совршен живот. Искреноста за сопствените тешкотии би значела тргање на параванот.

Перфекционизмот, како и претераната потреба за постигнување, може да произлегува од чувството дека личноста не е доволно вредна, па се труди околу секоја ситница за да се чувствува прифатено.

Зависност од туѓото одобрување

Ниската самопочит може да се појави како силна потреба за туѓо одобрување. Таквите личности сакаат да остават впечаток дека животот им изгледа подобро одошто се чувствуваат. Комплиментите, пофалбите и туѓите коментари се важен извор на потврда. Проблемот е што самодовербата почнува да зависи од тоа како другите ги доживуваат.

Потребата за потврда

Социјалните мрежи нудат лесен начин за добивање потврда од другите. Со објавување внимателно избрани фотографии и моменти, луѓето можат да создадат слика за животот што сакаат другите да го видат. Коментарите и реакциите дополнително ја зацврстуваат таа претстава, дури и ако поединецот не сака да открие колку мислењето на другите всушност му значи.

Стравот од неуспех

Зад потребата сè да изгледа совршено понекогаш се крие страв од неуспех. Поединецот може да стравува дека не е доволно успешен, способен или интелигентен, па затоа се обидува да прикаже спротивна слика. Таквиот страв може да влијае и врз подготвеноста на личноста да проба нешто ново или да преземе ризик.

Емоционална затапеност

Некои луѓе ги кријат своите вистински чувства зад сликата „безгрижен живот“. Иако внатрешно може да се чувствуваат празно, осамено или емоционално исцрпено, пред другите тие прикажуваат слика дека сè е во најдобар ред. Таквата фасада може краткорочно да помогне во прикривање на проблемите, но истовремено може да го засили чувството на изолација.

Занемарување на сопствените потреби

Совршениот живот на социјалните мрежи не секогаш ја одразува реалноста зад сцената. Некој може да објавува фотографии од дружења, патувања или миленици, а истовремено да ги занемарува одморот и сопствените потреби поради огромен притисок. Социјалните мрежи главно прикажуваат внимателно одбрани моменти, додека она што се случува надвор од камерата често останува скриено.

Проблеми во врската

Некои врски може да изгледаат идеално на социјалните мрежи, дури и ако реалноста зад објавите не е таква. Паровите може често да објавуваат заеднички фотографии и да споделуваат романтични пораки за да ја истакнат својата среќа. Сепак, социјалните мрежи сами по себе не можат да ја откријат вистинската природа на врската кога камерата е исклучена.

Желба за внимание

За некои луѓе, прикажувањето на совршен живот може да биде начин да привлечат внимание. Пофалбите за нивниот изглед, постигнувања, кариера или начин на живот можат да им пружат чувство на важност и задоволство. Сепак, во основа на таквото однесување понекогаш може да лежи осаменост, несигурност или потреба за подлабока поврзаност со другите.

Психолошки предизвици

Луѓето кои се соочуваат со емоционални тешкотии не секогаш сакаат другите да забележат низ што минуваат. Наместо да ја покажат својата ранливост, тие може да се трудат да остават впечаток дека сè е во ред. Сепак, криењето на проблемите и избегнувањето барање помош можат дополнително да го отежнат справувањето со она што ги мачи.

Синдром на измама

Дури и успешните луѓе понекогаш имаат чувство дека не го заслужуваат она што го постигнале или оти другите ќе откријат дека всушност не се толку способни колку што изгледаат. Ова чувство се поврзува со таканаречениот „синдром на измама“. На социјалните мрежи, таквите поединци може дополнително да ги истакнуваат своите успеси за да ја прикријат сопствената несигурност.

„Прегорување“

Некои луѓе однадвор изгледаат како да немаат проблеми и без напор ги усогласуваат работата, семејството, хобито и социјалниот живот. Сепак, одржувањето на таква слика може да бара огромен напор. Постојаната потреба да се остави впечаток на совршенство може да донесе стрес, исцрпеност и, на крајот, прегорување.

Споредување со туѓото „совршенство“

Д-р Емануеле укажува на уште еден чест проблем: за тинејџерите, социјалните мрежи можат да поттикнат негативни чувства кон самите себе. Децата кои се сомневаат во сопствената вредност, во објавите на другите луѓе го гледаат токму она што сметаат дека им недостасува. Ако веќе се борат со недостиг на самодоверба, сликите од врсниците кои се забавуваат можат да делуваат како потврда за нивниот сопствен неуспех.

„Знаеш дека тоа не те прави среќен, но сепак гледаш“

Саша и нејзиниот пријател Џејкоб (15) се согласуваат дека изложувањето на социјалните мрежи влијае на тоа како се доживуваат себеси и другите. „Знаеш дека тоа не те прави среќен, но сепак гледаш“, вели Џејкоб. Дури и сознанието дека зад тие внимателно одбрани фотографии се кријат проблеми од реалниот живот, не го намалува притисокот што го чувствуваат.

Саша се сеќава на едно девојче кое страдало од нарушување во исхраната. „Сите знаевме, состојбата беше толку сериозна што таа заврши во болница, а сепак, секогаш кога ќе објавеше фотографија од плажа на која изгледаше преслабо, сите стискавме „лајк“. Иако знаела дека девојчето е болно, Саша признава дека чувствувала љубомора и посакувала да изгледа така – а потоа се згрозила од сопствената помисла.

Како социјалните мрежи влијаат врз менталното здравје на тинејџерите?

Постојаното споредување со другите може да ја намали самодовербата. Покрај тоа, сопствениот „совршен“ профил може да стане маска за вистинските проблеми како анксиозноста или депресијата, што го отежнува барањето и добивањето помош.

Што можат да направат родителите?

Клучно е да не се потценува важноста на онлајн светот за тинејџерите. Разговарајте отворено со вашето дете за тоа како се чувствува додека користи социјални мрежи и охрабрете го да престане да следи профили поради кои се чувствува лошо. Пред сè, понудете му поддршка и разбирање.

Како можат да помогнат родителите?

Разговарајте со вашите деца за социјалните мрежи, поттикнувајте критичко размислување и потсетувајте ги дека она што го гледаат онлајн не секогаш е верен одраз на реалниот живот. Научете ги дека е нормално да прават грешки, поттикнувајте рамнотежа помеѓу времето поминато пред екранот и активностите во реалниот живот, и обрнете внимание на промените во нивното расположение.

Најважно од сè, погрижете се да знаат дека се прифатени и ценети, без оглед на тоа како изгледаат или што објавуваат онлајн.

Извор: index.hr

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Новата снимка од Мараја Кери предизвика загриженост, фановите коментираат

Снимка од Мараја Кери во Бразил предизвика загриженост кај нејзините обожаватели.

Новата снимка од Мараја Кери предизвика загриженост, фановите коментираат

На социјалните мрежи, луѓето почнаа да се прашуваат дали сè е во ред со 57-годишната пејачка, откако видео од нејзино јавно појавување покажа дека таа се движи малку нестабилно додека излегува од автомобил.

За време на престојот во Бразил, пејачката делеше автограми и се фотографираше со фановите кои се собраа да ја поздрават, држејќи транспаренти. Иако изгледаше добро расположена, некои гледачи забележаа дека ѝ треперат рацете и дека чекори несигурно. Снимката беше објавена на „TikTok“.

Фановите се прашуваат дали сè е во ред

„Дали треба да се грижиме?“ – праша еден корисник на „TikTok“. „Изгледа како да чувствува болка“, напиша друг, додека трет ѝ посака добро здравје на пејачката: „Се молам за неа и ѝ испраќам убави желби на нашата Божиќна кралица“.

Сепак, не сите ја протолкуваа оваа ситуација како причина за загриженост. Некои укажаа на конкретните услови во кои се движеше пејачката: врнеше дожд, теренот беше закосен, а Кери носеше високи потпетици.

„Како прво, врне дожд. Второ, теренот е закосен. Трето, таа носи високи потпетици. Четврто, не сака да падне“, напиша еден корисник. На снимката се гледа и како нејзиниот асистент ја држи околу половината додека таа поминува покрај фановите. Засега нема информации кои укажуваат на тоа дека Мараја Кери има некакви здравствени проблеми, а самата снимка не е доволна за да се донесе таков заклучок.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

„Microsoft“ и големиот прекин – што навистина се случи?

Услугите на „Microsoft“ конечно работат правилно по повеќе од 24 часа –што навистина тргна наопаку?

„Microsoft“ и големиот прекин – што навистина се случи?

„Microsoft“ го реши големиот проблем што предизвика повеќе од 24 часа застој на „Microsoft 365“, тоа предизвика сериозни прекини во работењето на бизнисите и владините агенции низ целиот свет.

Проблемите започнаа на 12 ноември околу 17:17 часот по средноевропско време, кога услугата „Exchange Online“ падна. Малку повеќе од два часа подоцна, проблемите се проширија на остатокот од платформата „Microsoft 365“.

Што го предизвика тоа?

„Microsoft“ првично се сомневаше дека невообичаено големиот сообраќај е причина за проблемите. Сепак, последователната истрага покажа дека неколку серверски системи неочекувано престанаа да работат, оставајќи ги преостанатите сервери неспособни да се справат со зголеменото оптоварување.

Обидите за рестартирање на серверите беа неуспешни, бидејќи тие повторно престанаа да реагираат откако се врати сообраќајот. Компанијата на крајот утврди дека проблемот е поврзан со претходно надградување на капацитетот на мрежата, предизвикано од последователна промена во мрежната инфраструктура.

Потоа инженерите применија поправка на компонента одговорна за автентикација и насочување на сообраќајот. Обновувањето беше спроведено постепено, со обработка на заостанати е-пораки.

„Microsoft“ нагласи дека нема докази за злонамерна активност и дека вештачката интелигенција не е причина за проблемот.

Кој беше засегнат?

Покрај „Outlook“ и „Exchange Online“, прекините влијаеја на календарите на „Teams“, закажувањето состаноци, „Copilot“, „SharePoint“ и „Intune“. Некои функции продолжија да работат за време на прекинот.

Влијанието се почувствува надвор од технолошкиот сектор. Националната здравствена служба на Велика Британија (NHS) мораше да се потпре на алтернативни системи, додека индиските авиокомпании „Air India“, „IndiGo“ и „Akasa Air“ пријавија проблеми со поддршката за е-пошта.

Проблемите влијаеја и на финансиските институции. Една тајванска компанија дури мораше да користи факс за да ги потврди трансакциите со акции.

Според „Downdetector“, имало повеќе од 7,4 милиони пријави за проблеми низ целиот свет. Сепак, овој број не го претставува вкупниот број на индивидуални корисници погодени од прекинот.

Извор: Б92

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Франција на нозе: 200.000 луѓе на улиците

Француската полиција уапси 121 лице за време на протестите одржани низ целата земја, објави француското Министерство за внатрешни работи.

Франција на нозе: 200.000 луѓе на улиците

Според Министерството, околу 106.000 луѓе учествувале во демонстрациите, додека синдикатите проценуваат дека околу 200.000 граѓани се собрале на улиците.

22 лица се приведени во Париз, вклучувајќи тројца малолетници. Апсењата се главно за носење оружје од категорија Д, навреди и кршење на забраните за посетување одредени места или учество во демонстрации, објавува „BFMTV“.

Според полициските податоци, околу 24.000 луѓе протестираа во француската престолнина, додека младинските синдикати проценуваат дека на улиците имало близу 100.000 демонстранти.

Низ цела Франција се одржаа повеќе од 60 протестни собири. Во Париз истовремено се одржаа три одделни демонстрации - против предлог-закон за претпоставка за легална употреба на оружје од страна на безбедносните сили, меѓународен марш против насилството врз децата и протест на движењето „Жолти елеци“ против зголемувањето на трошоците за живот.

Тензии беа пријавени во Париз, Бордо, Нант, Лион и Руан. На Плоштадот на нацијата во Париз, полицијата употреби солзавец за да ја растера толпата, што предизвика први знаци на паника кај демонстрантите.

Во Нант, полицијата употреби водени топови, додека во Бордо беа пријавени судири за време на кои некои демонстранти фрлаа предмети кон полицијата.

Во Тулуз, според организаторите, протестираа 6.000 луѓе, додека полицијата соопшти дека имало 1.800. Собирот помина без инциденти.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер