Зошто ги славиме светите браќа Кирил и Методиј? - Канал 5

Зошто ги славиме светите браќа Кирил и Методиј?

Светите Кирил и Методиј во Православната црква се прославуваат како „Свети рамноапостолни Кирил и Методиј, учители словенски“.

Зошто ги славиме светите браќа Кирил и Методиј?

Кои се Светите Кирил и Методиј? Тие се еден владика и еден калуѓер: Кирил бил монах, а Методиј епископ и архиепископ. И двајцата биле многу учени луѓе. Вброени се меѓу најучените во цела Византиска империја.

Нивното потекло било од Македонија. Тие го познавале својот народ и мајчиниот јазик. Затоа, на тој јазик го создале и првото писмо, азбуката и ги поставиле правилата за пишување.

Зошто создале азбука и писмо? Браќата го направиле тоа, со мисла за подобро да ја исполнат својата желба, а нивната желба била да Му служат на Бога, проповедајќи го Неговото спасително учење меѓу својот народ и тоа, на разбирлив народен јазик и писмо. Само така може да се објасни и да се сфати делото што го правеле овие Свети мажи.

И прво нешто што напишале со новите букви било Евангелието. Тие го превеле Светото писмо на мајчин јазик, на старомакедонскиот словенски јазик со македонско наречје. А по Библијата, ги превеле и богослужбените книги, за да воведат богослужби на словенски јазик и да го зајакнуваат народниот дух на словенскиот род.

Кон тоа можел да ги повлече само патриотизмот, како родољубиви Словени. Дека, пак, Светите Кирил и Методиј својата родна земја Македонија ја чувствувале како своја татковина, а Македонците за свој род, говорат и текстовите од Службата на Свети Методиј, во која се вели дека „остави род и татковина“ и замина да живее со „светите отци“.

Константин или со монашкото име Кирил, поради големата ученост бил наречен филозоф, а станал и учител во тогаш најпознатата Магнаурска школа во Цариград, а царицата кај него го дала на школување царскиот син.

Тој високо се издигнал и во богомудрието. Затоа бил назначен и за библиотекар на Патријаршијата во Цариград, што подразбира хартофилакс, односно доверлив секретар на патријархот, со големи права и овластувања. Што би значело, уста и рака на патријархот. Знаел многу јазици: грчки, латински, словенски, еврејски, самарјански и други.

Застанал во одбрана на иконите и бил против иконоборците. Кога требало да се брани христијанството и од другите вери, во земјите близу до Византија, и таму биле испраќани Светите браќа Кирил и Методиј. Нивната прва верска и политичка мисија била кај Хазарите, која ја завршиле успешно и се вратиле триумфално во Цариград.

Таму, на островот Крим, Свети Кирил и Методиј ги пронашле моштите на Свети Климент Римски папа и ги зеле со себеси. Свети Климент Римски бил ученик на Свети апостол Петар и римски епископ, кој умрел во прогонство на Крим, каде бил фрлен в море, со котва околу вратот.

Неговите мошти, на чуден начин Бог им ги открил на Светите браќа, кога се почувствувал мирис на „големо благоухание – како од многу кандила и потоа се појавиле светите мошти.“ Тогаш Свети Кирил напишал поетска творба со која го опеал Свети Климента.

И на Кримјаните им станал мил кога им кажал дека во Библијата е запишано нивното име и дипломатски ги придобил луѓето.

Претходно, Свети Кирил имал и уште една мисија кај Сарацените и ја завршиле со успех.

Од секаде, како се враќале, си оделе в манастир, каде што главна работа им била: „да се молат на Бога, беседејќи само со книгите“.

Се смета дека заедно со нив во манастирот бил и Свети Климент и таму ја започнале подготовката за третата и најважна мисија меѓу Словените.

Тогаш, Моравскиот кнез Ростислав, побарал од Византија мисионери кои ќе го шират зборот Божји и ќе богослужат на словенски јазик, бидејќи проповедниците од Запад им служеле на латински јазик, а проповедале на германски.

Во писмото се вели: „Кај нас се дојдени мнозина учители, христијани од Италија, од Грција и од Германија, кои нè учат различно… За нашите луѓе, кои се откажаа од паганството и го примија христијанството, потребен ни е таков учител, кој ќе им ја објасни вистинската христијанска вера на наш јазик, па и другите земји кога ќе го видат тоа, да постапат како нас. Затоа, господару, испрати ни таков епископ и учител…“

Ростослав, всушност, сакал независноста на својата држава да ја осигура преку формирањето на независна црква во Моравија и затоа правел сè да дојде до формирање на словенска народна црква. Мудро сакал мечот да го замени со крст, па затоа побарал во својата земја да доведе мисионери од словенски род кои ќе му проповедаат на народот Евангелие на мајчин јазик. Со тоа би ја остварил замислата за независна моравска држава и самостојна народна црква.

Веројатно тој чул дека Христовата вера веќе се проповеда меѓу Македонските Словени на свој јазик. Имал некои известија за тоа дека некаде на југ, меѓу Словените богослужбата или барем дел од неа, се врши на словенски јазик и се проповеда на јазикот на народот. Убеден бил дека Цариград има учени луѓе кои зборуваат словенски јазик и затоа такви побарал оттаму.

Византискиот цар и цариградскиот патријарх со радост ја прифатиле молбата и веднаш ги определиле браќата Кирил и Методиј за мисионери во Моравија.

По една година, во 863 Господово лето, Свети Кирил и Методиј веќе тргнале за Моравија, а претходно, ги превеле потребните книги и одбрале соработници и ученици. Тие отишле кај Моравските Словени (денешните Чеси и Словаци), во Панонија, кај Панонските Словени и кај (најзападните Словени – Словенците или Словинците).

Што направиле во Моравија? Во беседите, и во богослужбата го вовеле словенскиот говорен јазик. Тоа претставувало голема радост за Моравските Словени и вистинско доближување на Христа и Неговата наука до душите на луѓето. Постапно, се ширела употребата на словенскиот јазик, освен во црковната служба и во проповедта, и во учителството и во просветата.

Народот го засакал тоа и со љубов ги слушал богослужбите, проповедниците и учителите. Набргу, црквите на латинското царство почнале да се празнат, а црквите на словенските мисионери да се полнат со луѓе жедни да го слушнат богослужението и поуката на свој словенски разбирлив јазик.

Свети Кирил и Методиј гледале, што е можно повеќе, да подготват луѓе учени за учители и за свештенослужители од тамошното население, бидејќи знаеле дека без тоа, словенскиот јазик и словенското писмо брзо ќе исчезнат. Тие сакале да создадат трајни услови за своето дело за да се задржи словенската писменост во Божјите храмови и да се формира Словенска црква.

Браќата имале голем успех, но се зголемувала и зависта и злобата кон нив, па ги обвинувале дека се еретици, затоа што богослужат на несвештен, варварски јазик, каков што го сметале словенскиот. Тие велеле дека Светото писмо – Божјото слово, христијанската вера и молитвите – богослужбите, можат да се извршуваат само на три јазици: грчки, еврејски и латински, на јазиците на кои бил испишан текстот на Христовиот крст на Голгота. Ги обвинувале и дека се агенти на Цариград и најпосле, дека богослужеле во област, која не била под јурисдикција на Цариградската патријаршија, туку на Римската црква.

Појавата на Светото писмо и богослужението на новиот словенски јазик за нив станал необичен настан, бидејќи од почетокот на Црквата Христова, до Свети Кирил и Методиј, Евангелието и христијанството се распространувало меѓу елинизираните и латинизираните народи, за кои не бил потребен нов превод. Отпорот на тријазичниците, наречени Пилатовци, се зголемил особено по заострувањето на односите меѓу Рим и Цариград.

Кон нив Свети Кирил го пројавил целиот свој полемички дар и своето боговдахновено остроумие, па, покажувајќи го и сето свое знаење и познавањето на христијанството, прекрасно ги одбранил ортодоксните вистини. На тријазичниците, меѓу другото, им рекол: „Не врне ли дожд од Бога еднакво врз сите? А сонцето не грее ли исто така за сите? Зар не дишиме воздух сите еднакво? Па тогаш, како не се срамите да признаете само три јазика, а сите други народи сакате да бидат слепи и глупави?“

Со овие зборови Свети Кирил јасно и убедливо ја докажал потребата на секој народ да му се овозможи со Господа да разговара на својот јазик. „Кажете ми, дали Господа го сметате толку немоќен тоа да не може да го даде, или завидлив, па тоа да не го сака?“, им велел тој. А Господ рекол: „Одете и научете ги сите народи…“ (Матеј 28,19). Апостол Павле, пак, вели: „В црква повеќе сакам да кажам пет збора разбирливи, за да поучам и други, отколку илјадници зборови на непознат јазик“ (1. Кор. 14,19).

Со победата над тријазичниците, Светите Кирил и Методиј ја заштитиле словенската мисија, го одбраниле словенското богослужение, словенската писменост и правото на секој народ да пишува и да Му се моли на Господа на својот мајчин јазик.

Тријазичништвото, всушност, било користено како орудие за да не се создаде нова црква и самостоен црковен живот на словенски јазик.

Во мисијата, пак, на Светите браќа ќе им било многу полесно, доколку имале со нив и епископ. Тогаш ќе можеле да ракополагаат тамошни ученици за свештеници и на тој начин, ќе ги поставеле основите на словенската Црква, а потоа, заедно со тамошното свештенство полесно ќе се бореле со непријателите. Но, епископ немале, туку само свештеномонаси.

Сфаќајќи ја тешкотијата во која се наоѓале, Свети Кирил и Методиј отишле во Рим. А таму биле свечено пречекани од новиот папа Адријан Втори и од римските граѓани, затоа што ги носеле со себе и моштите на Свети Климент Римски. Папата дури одобрил да се постави словенското Евангелие во олтарот на Катедралата „Свети Петар“. А во црквата „Света Дева Марија“, која и денес постои под името Санта Мариа Маџиоре, била отслужена и света Литургија на словенски јазик.

Папата се сретнал со основачите на словенската литургија, писменост и книжевност. Ги примил како светии, со голема почит, го одобрил и го благословил нивното дело и ги осветил словенските книги. Со тоа, тој го признал словенското писмо за свето и допуштил да се употребува на богослужбите.

Тој им го исполнил и барањето некои нивни ученици да бидат ракоположени, а Свети Методиј бил хиротонисан за епископ. Најстариот од мисионерите станал владика. Но, таа радост ја следела и жалоста, затоа што во тоа време во Рим починал Свети Кирил.

Откако ја одржал последната служба за Божик, тој легнал в постела и по еден месец, се упокоул, на 14 февруари 869 лето Господово. Погребан бил во базиликата „Свети Климент Римски“, каде што и денес се наоѓа неговиот гроб. Таму, Македонската православна црква и држава оди катагодина на поклонение пред Светиот Учител.

По смртта на Свети Кирил мисионерите се вратиле во Панонија. Папата Адријан го испратил Свети Методија „за учител од Бога“ во сите словенски области. Тој станал архиепископ на тие земји и во диецезата на неговата епархија влегувале: Панонија, Словачка, Славонија, Моравија и дел од Хрватска.

Ова е значаен историски и црковен факт во културата и во историјата на Словените бидејќи во западните словенски земји првпат се основа народна словенска Црква.

Како благословен од папата и канонски киријарх на Панонско-моравската архиепископија, архиепископот Методиј, прво си поставил за задача насекаде во Панонија да постави свештенослужители и учители и да воведе богослужение на народен, мајчин, словенски јазик. Затоа, веднаш почнал да подготвува ученици-клирици од тамошното население.

Како архиепископ Моравски и Панонски Свети Методиј поминал 12 години. Во тоа време делото Божјо во Моравија растело и давало значајни плодови.

Но, непријателите се побуниле и Свети Методиј бил одведен в затвор, дури во најзападниот дел на Баварија, во градот Елванген, само за да биде што подалеку од границата на својата диецеза. Затворот почнал од есента 870, па до почетокот на 874 година.

На 6 април 885 година и Свети Методиј се упокоил, оставајќи во Моравија околу 200 свои ученици: свештеници, ѓакони и ипоѓакони.

На крајот од житието на Свети Методиј се вели: „Почина на рацете од свештениците…“

И покрај сè, мисионерското дело успеало таму да опстои четвртина век.

Од Светите Кирил и Методиј, сите Словени го примија Господа Исуса Христа на свој остана близок на словенската душа, јазик и на сопствен начин.

А што пишувале Светите Кирил и Методиј и какво е нивното книжевно дело? Тоа се само црковни книги: Библија, Евангелие, Апостол, Псалтир, Номоканон и „Избрани служби“, односно Молитвослов што ги содржи молитвите од Служебникот и Требникот. Со нивното дело старомакедонскиот словенски јазик стана првиот книжевен јазик на сите Словени.

Македонската православна црква на Свети Кирил и Методиј им посветила многу храмови низ Македонија и во странство, меѓу иселениците во Америка, Канада, Австралија и Европа.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Ужас на теренот: Фудбалерка со цела сила ја клоца противничката по глава (ВИДЕО)

Првиот натпревар од општинското првенство во футсал за жени во Еузебио, во бразилската држава Сеара, беше засенет од инцидент и голема толпа на теренот.

Ужас на теренот: Фудбалерка со цела сила ја клоца противничката по глава (ВИДЕО)

За време на натпреварот помеѓу екипите RDJ Sport и As Resenhas, според извештаите и снимките што кружат на социјалните мрежи, една фудбалерка направила сериозен прекршок што ја турнал противничката на теренот. После тоа, со силни удари со нога ја удира по главата.

Овој инцидент предизвикал жестоки реакции кај играчите и навивачите, а ситуацијата брзо ескалирала во општ конфликт меѓу двата тима. Судијата бил принуден привремено да го прекине натпреварот поради хаосот што настанал.

Сепак, натпреварот бил завршен, а тимот RDJ Sport победил со 1:0.

Организаторите на натпреварот, како и Секретаријатот за спорт на Еузебио, сè уште не коментирале за можни казни или дисциплински мерки по инцидентот, иако многу спортски фанови бараат најстроги санкции против оваа играчка.

Покрај тоа, се бара казна што оди подалеку од опсегот на спортот, имено истата фудбалерка да биде кривично одговорна за обид за нанесување сериозни телесни повреди.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Индискиот министер за образование поднесе оставка по големите протести на младите

Индискиот министер за образование, Дармендра Прадан, во саботата се поклони пред јавниот притисок од студентското „движење на лебарки“ и поднесе оставка.

Индискиот министер за образование поднесе оставка по големите протести на младите

„Имам големо почитување за легитимните очекувања на младите во оваа земја“, напиша Прадан на социјалната мрежа X, додавајќи дека ја поднел својата оставка до премиерот Нарендра Моди.

Клучното барање на партијата

Овој потег беше клучно барање на Партијата на лебарки (CJP) и нејзините млади поддржувачи, кои веруваат дека министерот треба да преземе политичка одговорност за скандалот со протекување на документи за приемен испит на факултет.

На неодамнешните протести во индискиот главен град, Њу Делхи, имаше насилни судири меѓу поддржувачите на CJP и полицијата, а многу луѓе беа повредени.

Сатирично движење од интернет

CJP беше основано во мај, откако Врховниот суд ги нарече невработените млади лебарки. Опишано е како „сатирично политичко движење“ и ги организира своите активности главно преку интернет.

Набљудувачите велат дека протестното движење се претвори во голем предизвик за владата, која понуди разговори со своите претставници.

Договорен крај на демонстрациите

Младите демонстранти се согласија да ги прекинат демонстрациите, што им го потврди на новинарите портпаролот на движењето „лебарки“ по разговорите со владата во саботата.

Младите бараа финансиска компензација и одговорност за животите на младите луѓе кои извршија самоубиство под притисок предизвикан од откажувањето и повторувањето на приемните испити.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Езеро што умира 60 години: Аралското Море стана пустина, тоа е закана за целиот свет (ФОТО)

Аралското езеро или море страда од суша веќе 60 години.

Езеро што умира 60 години: Аралското Море стана пустина, тоа е закана за целиот свет (ФОТО)

Се наоѓа на границата меѓу Казахстан и Узбекистан. Според анализата на податоците, во 1960 година, езерото било четврто најголемо езеро во светот, со површина од 68.000 квадратни километри, објави РТС.

Ако некогаш сте поминале покрај суво езерско дно среде лето, можеби сте забележале многу непријатен мирис што се издига од калта. Овој остар мирис е мешавина од гасови што се ослободуваат од почвата додека огромни количини органска материја - богата тиња, алги, растенија, распаѓачки животински остатоци и други материјали - се распаѓаат додека езерото се суши.

На поголем обем, овој феномен е многу посериозен проблем од само непријатниот мирис.

Во многу делови од светот, езерата толку многу се сушат што научниците предупредуваат дека би можеле да испуштаат доволно стакленички гасови за да се натпреваруваат со емисиите од согорувањето на фосилните горива.

Во нова студија објавена во списанието „Наука“, научниците велат дека Аралското Море - најголемото исушено езеро во светот - испуштило дури 204 мегатони (околу 225 милиони американски тони) јаглерод диоксид откако почнало да се суши во 1960-тите.

Но, можеби не е предоцна да се промени плимата

Денес, Аралското Море е солена пустелија, повеќе пустина отколку море. Но, не било секогаш така.

Неговото ниво на водата почнало нагло да опаѓа дури кога реките Аму Дарја и Сир Дарја биле пренасочени за да снабдуваат вода за брзорастечката индустрија за памук во Узбекистан.

До 1990-тите, езерото, некогаш четврто по големина во светот, било речиси непрепознатливо.

На негово место сега се наоѓа огромна солена пустина - поранешното езерско дно кое полека еродира под сонцето.

Студијата проценува дека помеѓу 1960 и 2022 година, исушеното море испуштило 204 мегатони јаглерод диоксид во атмосферата. Проценката се базира на истражувања на повеќе локации и анализа на примероци од јадрото собрани од исушеното езерско дно.

Исто така, постојат знаци на закрепнување на север, каде што казахстанската влада усвои мерки за управување со водите за да се осигури дека Сир Дарја продолжува да тече во Северното Аралско Море.

Нова студија сугерира дека повторното поплавување на целиот слив може да донесе огромни еколошки придобивки, не само за самото езеро, туку и за глобалната животна средина.

„Постои скриено јаглеродно богатство под Аралското Море“, вели биогеохемичарот Рафаел Марке од Шпанскиот национален истражувачки совет.

„Ако овие седименти останат изложени, јаглеродот ќе продолжи да се ослободува во атмосферата. Ако морето повторно се поплави, истиот тој јаглерод би можел од извор на емисии да стане дел од климатското решение.“

Според пресметките на истражувачите, повторното поплавување на езерското дно би можело да спречи ослободување на околу 165 мегатони јаглерод што сè уште е заробен во седиментите.

Студијата, исто така, откри дека речиси една петтина од емисиите на јаглерод од Аралското Море се ослободуваат затоа што ветерот ги носи седиментите од исушеното езерско дно - фактор што истражувачите претходно не го земале предвид.

„Кога езерото се суши, не се соочуваме само со хидролошки, еколошки или социоекономски проблем“, вели екологот Нурија Каталан од Шпанскиот национален истражувачки совет.

„Јаглеродниот циклус се менува и на начини кои досега во голема мера беа изоставени од климатските пресметки.“

Во меѓувреме, климатските промени ја зголемуваат загриженоста за иднината на водоснабдувањето на Аралското Море.

Аму Дарја и Сир Дарја се хранат со вода од топењето на глечерите во планините Тиен Шан и Памир. Како што овие глечери се повлекуваат поради затоплувањето на климата предизвикано од емисиите на фосилни горива, снабдувањето со вода веројатно ќе се намали, а преостанатата вода ќе испари долго пред да стигне до Аралското Море.

Иронично, подоброто управување со водата и обновувањето на езерата што се исушија поради човечки активности би можеле да станат важен дел од стратегијата за ублажување на климатските промени и зачувување на преостанатите глечери.

Аралското Море не е единствената внатрешна водна површина што луѓето ја исцрпиле во потрага по економска добивка. Исто така, тука се и Големото Солено Езеро и Солтонското Море во Соединетите Американски Држави, Каспиското Море, Урмија во Иран, Попо во Боливија и многу други.

Сите изгубени езера потенцијално придонесуваат за емисиите на јаглерод

„Нашата студија покажува дека заштитата на овие огромни резерви на јаглерод закопан во седименти, исто така, има значајна климатска вредност, што би можело да се вклучи во механизмите за финансирање базирани на јаглерод“, велат авторите на студијата.

„Ова дава нова перспектива, изразена на јазикот познат на климатските финансии и пазарите на јаглерод, и отвора нова дебата за тоа како би можело да се финансира повторното поплавување на овие езера“, веруваат научниците.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер