ЗОИ 2018: Гизин триумфираше во алпска комбинација, Вон отпадна

Швајцарката Мишел Гизин ја освои олимписката титула во алпска комбинација на Игрите во Пјонгчанг.

Светската вицешампионка Гизин заврши за 2:20.90 минути по трето време во спуст со 1:40.14 минути и солидно возење во слалом за 40.76 секунди. Така таа го освои првиото олимписко одличје во својата кариера.

Среброто го заслужи Микаела Шифрин од САД, која остана на 97 стотинки од секундата зад шампионката. Во Пјонгчанг таа веќе ја зеде титулата во велеслалом, а тоа е вкупно трет олимписки медал во кариерата, по златото во слалом во Сочи 2014. Трета на 1,44 секунда финишираше светската шампионка во комбинацијата Венди Холденер (Швајцарија). Таа беше десетта по спустот, но со најбрзо време во слаломот обезбеди второ олимписко одличје во Република Кореја по среброто во индивидуалниот слалом.

Американската ѕвезда Линдзи Вон, трикратната светска шампионка во дисциплината, беше лидерката по првата трка во спуст, но пропушти врата во слалом и отпадна. Ова најверојатно беше последниот старт на Вон на Олимписки игри. Рагнхилд Мовинкел (Норвешка), која беше втора по спустот, остана четврта во крајниот пласман на 1.73 секунда и не успеа да земе нов медал по сребрените признанија во спуст и во велеслалом во Пјонгчанг.

Ски-алпски дисциплини, комбинација, жени:

1. Мишел Гизин (Швајцарија) - 2: 20.90 (1: 40.14 минута во спуст и 40.76 секунди во слалом)

2. Микаела Шифрин (САД) - 2: 21.87 (1: 41.35 и 40.52)

3. Венди Холденер (Швајцарија) - 2: 22.34 (1: 42.11 и 40.23)

4. Рагнхилд Мовинкел (Норвешка) - 2: 22.63 (1: 40.11 и 42.52)

5. Петра Влахова (Чешка) - 2: 22.99 (1: 42.58 и 40.41)

6. Валери Грение (Канада) - 2: 23.44 (1: 41.79 и 41.65).

Буркина Фасо ги забрани Би-Би-Си и Гласот на Америка поради известување за масовни гробници

Буркина Фасо ја забрани работата радио станиците Би-Би-Си и Гласот на Америка на две недели поради нивното известување за масовни гробници.

Би-Би-Си и Гласот на Америка објавија податоци од извештајот на Хјуман рајтс воч за масовни убиства на цивили од страна на вооружените сили на земјата.

Според извештајот објавен од ХРВ вчера, војската убила околу 223 цивили, меѓу кои 56 деца, во селата за кои верувале дека соработуваат со бунтовниците.

Портпаролот на владата на Буркина Фасо, Тонсир Мирјан Корин Сану, рече дека двете радио станици ќе бидат суспендирани на две недели и ги предупреди другите медиуми да избегнуваат известување за тие случувања.

ЕК го прогласи веб сајтот за е-трговија „Шејн“ за „многу голема онлајн платформа“

Европската комисија донесе одлука за прогласување на веб страницата за електронска трговија со седиште во Сингапур, „Шејн“ за „многу голема онлајн платформа“ согласно Законот за дигитални услуги (ДСА) на ЕУ. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, ваквата одлука е донесена откако е утврдено дека „Шејн“ во просек месечно има над 45 милиони корисници во ЕУ, што е услов една интернет страница да добие статус на „многу голема онлајн платформа“.

Согласно оваа одлука, најдоцна до крајот на август „Шејн“ ќе мора да се усогласи со строгите правила што важат за „многу големите онлајн платформи“ согласно Законот за дигитални услуги, како што се засилување на мерките за заштита на корисниците, вклучително и на малолетниците и соодветна проценка и ублажување на сите можни системски ризици кои произлегуваат од нејзините услуги, како што се ширење на илегални содржини, продажба на фалсификувани или забранети стоки и заштита на брендови и интелектуална сопственост.

Врз основа на ДСА, Европската комисија на 25 април минатата година прогласи 19 веб страници, социјални мрежи, пребарувачи и сајтови за е-трговија за „многу големи онлајн платформи“, кои до крајот на август мора целосно да се усогласат со строгите правила на Законот што се предвидени за платформите со ваков статус .

Дополнително, ист статус Еврокомисијата на 20 декември 2023 година им го додели на уште три сајтови, кои треба да се усогласат со ДСА до крајот на месецов.

Со најновата одлука, статус „многу големи онлајн платформи“ имаат вкупно 23 сајтови, социјални мрежи, пребарувачи и страници за е-трговија и тоа „АлиЕкспрес“, „Амазон“, „Бинг“, „Букинг“, „Википедија“, „Гугл Мапс“, „Гугл Плеј“, „Гугл Срч“, „Гугл Шопинг“, „Еп Стор“, „Заландо“, „Икс“, „ИксВидеос“, „Инстаграм“, „Јутјуб“, „Линкедин“, „Пинтерест“, „Порнхаб“, „Снепчет“, „Стрипчет“, „ТикТок“, „Фејсбук“ и „Шејн“.

Шведските клубови се изјаснија против ВАР технологија

Шведската елитна лига нема да воведе систем за видео анализа (ВАР) откако фудбалските клубови го изразија своето противење на технологијата, изјави денеска претседателот на Фудбалската федерација на Шведска (SvFF), Фредрик Рајнфелд.

ВАР постојано е во центарот на контроверзи во лигите каде е воведен, со поплаки поврзани околу обемната анализа и одложувањата кои често траат неколку минути.

Во јули 2023 година, шведската професионална фудбалска лига, која ги претставува клубовите во првите две дивизии, порача дека мнозинството клубови во земјата „активно се противат“ на воведувањето на ВАР.

„Ако броев правилно, имаме 18 елитни клубови и две области кои рекоа дека не сакаат да воведат ВАР“, изјави денеска Рајнфелд, кој е поранешен премиер на Шведска, за весникот Афтонбладет.

„Ние го почитуваме тоа. Затоа на претходниот состанок на Претставничкиот комитет воопшто не изнесовме предлог за ВАР и не го предвидувам тоа ниту во иднина. Јас сум за почитување на демократските правила на игра“, истакна првиот човек на шведскиот фудбал.

притисни ентер