До средината на јули Движењето ЗНАМ ќе ги објави своите кандидати за градоначалници, потврди партискиот лидер и актуелен градоначалник на Куманово, кој засега е единствено потврден дека ќе бара трет мандат од Кумановци, Максим Димитриевски. Пред денешната панел дискусија по повод една година Влада, Димитриевски посочи дека се уште траат преговорите со ВМРО-ДПМНЕ за меѓусебна поддршка на претстојните локални избори во некои општини, а штом тие завршат, ќе ги обелоденат имињата. Димитриевски кажа дека тие би поддржале кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Град Скопје, но тоа ќе зависи и од името на кандидатот за градоначалник и од политичкиот договор на партијата.
– Разговараме за поголем број на општини кои не се концентрирани во една изборна единица или во еден регион, туку пошироко низ државата и штом ќе заврши тој разговор, би ги обелодениле резултатите, Дополнително тоа би значело дека таму каде што ќе има ЗНАМ свој кандидат за градоначалник, нашите партнери од ВМРО-ДПМНЕ ќе преземаат обврска да го поддржат уште во првиот круг. На останатите места каде што нашите партнери би имале кандидат, ЗНАМ со своето членство и своите поддржувачи би ги поддржело нивните кандидати, рече Димитриевски.
Во текот на следната недела се очекува и од Вреди да објават дел од нивните кандидати за градоначалници. Актуелниот градоначалник на Желино, чие име се споменува како кандидат за нов мандат во оваа општина, Блерим Сејдиу, на денешната прес-конференција не откри кои ќе бидат нивните адути, но меѓу потенцијалните кандидати се поизвесни се и актуелните градоначалници од во Тетово и Чаир, Биљал Касами и Висар Ганиу.
-Во текот на првата недела од јули ние веќе ќе имаме некои имиња од градоначалници, а до крајот на јули, до 16-ти јули, ќе ги имаме сите градоначалници за изборите. Некои имиња ние веќе ги имаме, во Тетово, можеби Желино, Чаир, но сепак има внатрешна анкета додека не заврши таа нема да се изјасниме, изјави Сејдиу од Вреди.
Со кои кандидати ќе излезат политичките опоненти на Вреди, ДУИ се уште не е познато. Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ досега објавија повеќе од 30 имиња за кандидатити за градоначалници, најголемиот дел од нив се актуелни во општините. Од СДСМ соопштија 20-тина кандидати кои ќе трчаат за општинските фотелји. И дел од нив се актуелни градоначалници како на пример за Центар, Крушево, Чучер Сандево, Берово, Росоман и Крива Паланка.
За кандидат за градоначалник на Скопје партиите се уште немаат конечна одлука.