Жизел Бундхен доби трето дете, прво со седум години помладиот џиу-џицу тренер

Бразилската манекенка Жизел Бундхен (44) го роди своето трето дете.

Ова е нејзиното прво дете со нејзиниот партнер Хоаким Валенте, а според пишувањата на Пејџ Сикс, и мајката и бебето се добро. Полот и името на бебето се уште не се познати на јавноста. Извори блиски до парот велат дека Жизел и нејзиниот партнер во текот на целата бременост не сакале да знаат дали ќе имаат момче или девојче.

Бундхен има две деца од бракот со поранешниот американски фудбалер, а сега коментатор на FOX, Том Брејди. Двајцата се разведоа во 2022 година по 13 години брак.

Жизел и тренерот по џиу-џицу Хоаким Валенте се во врска од јуни 2023 година. "Тие беа добри пријатели на почетокот. Таа е многу внимателна во врска со тоа и сакаше да држи сѐ во тајност додека не се запознаат. Тој ѝ беше голема утеха додека поминуваше низ развод. Нивното пријателство прерасна во нешто повеќе по нејзиниот развод", изјави извор за странските медиуми.

Тие првпат станаа насловни страници во февруари 2022 година, кога манекенката сподели видео од тренингот со Валенте на Флорида. Подоцна истата година, тие поттикнаа гласини за врска за време на посетата на провинцијата Пунтаренас во Костарика, само две недели откако беше финализиран разводот на Жизел од НФЛ ѕвездата Том Брејди.

Во текот на следните неколку месеци, парот беше виден како излегува заедно. Меѓутоа, Жизел потоа негираше дека има романтична врска со Хоаким. „Мислам дека сите ќе ме поврзат со некого во овој момент, бидејќи сум разведена“, изјави тогаш манекенката за Vanity Fair.

Изложба на фотографии „Вечни тела“ на Жарко Стојчевски и Искра Шукарова

Изложбата на фотографии во рамки на проектот „Вечни тела“ од фотографот Жарко Стојчевски и кореографот Искра Шукарова вечер ќе биде отворена во Културно-информативниот центар – Скопје.

Проектот, како што информира КИЦ-Скопје, е осмислен од кореографката Искра Шукарова и фотографот Жарко Стојчевски, споделувајќи ги своите заеднички гледишта за возрасното тело на изведувачот, во соработка со петмина балетски уметници кои биле дел од ансамблот на Македонски народен театар, a потоа во Македонска опера и балет (денес Национална опера и балет- НОБ), а кои се наоѓаат во различни фази од својата кариера и животно искуство.

Проектот е инспириран од работата на Шукарова со Екрем Хусеин во проектот „Црвениот лебед“ (2008) и има за цел да отвори простор за дискусија и нови визии за тоа што значи да се старее во тело кое е активно, моќно и значајно. Жарко Стојчевски, пак, е фотограф кој е инспириран од возрасното тело, прикажувајќи го доблесно и достојно за почит.

Изложбата вклучува фотографии на денес пензионирани балетски уметници од Националната опера и балет- НОБ: Емилија Џипунова (р.1935 год.), претставничка на првата генерација балетски уметници, истакната солистка, педагог и критичарка; Снежана Шијак (р.1949), солистка; Зоица Пуровска-Велевска (р.1956 год.), првенка и педагог репетитор; Зоран Талев (р.1953 год.), солист и Ирена Лозинска (р.1961 год.), солистка, педагог и кореографка.

Проектот е поддржан од Културно-информативниот центар – КИЦ - Скопје. Реализацијата на фотографските сесии е во Photo Factory. Соработници на проектот се: Сашка Костовска Длака, Емил Шулајковски и Кристина Стојчевска. Изведба на движења: Мила Блажевска, студент на катедра за балетска педагогија - ФМУ.

Изложбата ќе биде отворена до 2 март 2025 година.

Земјотреси од 4,9 и 5 степени регистрирани во близина на Санторини

Двата земјотреси беа во период од нешто помалку од час и половина, најсилниот беше во 6.46 часот, на кој му претходеше еден од 4,5 степени, додека кусо по 8 часот утрово беше регистриран уште еден, од 4.9 степени според Рихтер.

Два земјотреси со јачина од 5 и 4,9 степени беа регистрирани утрово во морскиот дел меѓу грчките острови Санторини и Аморгос, во рамките на серијата земјотреси од изминатите најмалку три седмици, јави дописничката на МИА од Атина.

Двата земјотреси беа во период од нешто помалку од час и половина, најсилниот беше во 6.46 часот, на кој му претходеше еден од 4,5 степени, додека кусо по 8 часот утрово беше регистриран уште еден, од 4.9 степени според Рихтер.

Најсилниот земјотрес во морскиот дел меѓу Санторини и Аморгос беше регистриран минатиот понеделник и беше со јачина од 5,3 степени според Рихтер.

Според податоците од Интердисциплинарен комитет за управување со опасности и кризи при Атинскиот Универзитет од почетокот на серијата земјотреси во морскиот дел меѓу Санторини и Аморгос, односно од 26 јануари заклучно со 15 февруари, биле регистрирани над 20.000 земјотреси, од кои над 17.400 биле посилни од 1 степен.

Поради сеизмичка активност, училиштата на островите Санторини, Иос, Аморгос и Анафи и оваа седмица, трета по ред, се затворени.

Украинскиот претседател пристигна во Турција, денеска средба со Ердоган

Украинскиот претседател Володимир Зеленски и првата дама Олена Зеленска синоќаа пристигнаа во официјална посета на Турција.

„Официјална посета на Турција заедно со првата дама. Средби со претседателот Реџеп Таип Ердоган и првата дама Емине Ердоган. Продолжуваме со сите напори за размена на воените заробеници – нашите луѓе мора да се вратат дома“, објави Зеленски на социјалните мрежи.

Тој додаде дека со турските власти ќе разговараат и за прашањата поврзани со сигурноста за обезбедување храна, додека неговата сопруга ќе се фокусира на образовната и културната дипломатија.

Шефот на Дирекцијата за комуникации на турското претседателство, Фахретин Алтун, најави дека Зеленски ќе престојува во официјална посета на Турција и дека турскиот претседател Ердоган денеска ќе го прими во Претседателската палата во Анкара.

Се очекува двајцата лидери да разговараат за стратешкото партнерство меѓу Турција и Украина, со фокус на зајакнување на односите во сите аспекти и договор за чекорите што треба да се преземат за натамошно зајакнување на соработката.

Хакан Фидан: Турција е подготвена да биде домаќин на украинско-руските мировни преговори

За време на разговорите на Минхенската безбедносна конференција, турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан му соопштил на американскиот специјален претставник за Русија и Украина Кит Келог и на државниот секретар Марко Рубио дека Анкара е подготвена да прифати мировни преговори за Украина.

Како што пренесува весникот Туркије, повикувајќи се на извори, Фидан за два месеци остварил четири телефонски разговори со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

Фидан се состана и со новиот американски државен секретар Марко Рубио на Минхенската безбедносна конференција.

На средбата се разговарало за прашања поврзани со украинско-руската војна и се разговарало за случувањата во врска со можноста за воспоставување мир меѓу двете земји.

Шефот на турската дипломатија, кој се сретна со специјалниот претставник на Трамп за Украина и Русија, Кит Келог, шефот на кабинетот на украинскиот претседател Андриј Јермак и со украинскиот министер за одбрана Рустам Умеров во Минхен, како и со Рубио, рече дека Турција треба да биде дел од мировниот процес.

Турција го покренала прашањето да може да биде домаќин на прекин на огнот или мировни преговори, а, како што пишува весникот, се дознава дека Анкара изјавила дека има блиски врски со двете земји и може да придонесе повеќе од многу други актери.

притисни ентер