Живковиќ: Нема да дозволиме злоупотреба на мерките за помош, тие се за спас на работните места погодени од кризата со коронавирусот

Го дочекавме празникот на трудот, Први мај, во услови како никогаш досега, рече на прес-конференција Милан Живковиќ, претседател на Комисија за труд и социјална политика на СДСМ.

Целиот свет се бори со невидливиот непријател наречен Ковид-19. Прекинати се работните процеси на голем број на фирми - милиони работнички и работници ширум светот седат дома и се придржуваат на правилата за социјално дистанцирање.

Како држава реагиравме брзо, а институциите одлучно и дисциплинирано се носат со одговорноста за справување со ризиците кои ги носи Ковид-19. И кај нас дел од преземените мерки беа во насока на прекинување на работните процеси – во некои сектори тоа значеше целосен прекин на функционирањето а во некои само парцијално. Некои од компаниите го трансформираа начинот на работење и воведоа „работа од дома" – некои од компаниите отпочнаа проекти за реновирање на своите капацитети или пак за трансформација на постоечкото производство во она што е сега есенцијално за пазарот во моменти на криза – а некои од компаниите покажуваат и раст во своите приходи.

Граѓанките и граѓаните со почитување на мерките за социјално дистанцирање се солидаризираа со сите оние кои се во првите линии на борба со вирусот. Многу фирми од технолошкиот сектор изнајдоа креативни начини како да изработат заштитна опрема за нашите здравствени работнички и работници и многумина од нив тоа го направија бесплатно. Голем број на фирми и индивидуи донираа храна за најзагрозените семејства. Државата се погрижи секторите кои беа најмногу погодени да добијат соодветна помош со која ќе се задржат работните места а компаниите ќе успеат да се вратат во нормала со повторното заживување на економијата. Се подржаа и лицата со нетипичните форми на вработување (уметниците од независната сцена, спортистите) а одлучно се пристапи и со обезбедување на финансиска поддршка во висина на минимална плата во секторите кои беа најпогодени од кризата.

Наша цел како одговорна партија е сите работодавачи да успеат да ги задржат сите работнички и работници и покрај отежнатите услови на функционирање. Во јавноста познати се многубројни примери на работодавачи кои и со приходи од нула денари во овој период, објавуваат дека нема да го намалат бројот на вработените – и тоа е за почит. Успешните работодавачи знаат дека работничките и работниците се тие кои се лицето на фирмите – успешните работодавачи знаат дека работничките и работниците се тие кои се двигателите на напредокот во фирмите – успешните работодавачи знаат дека само со заемна поддршка може да има одржлив развој во фирмите. Добрите и прогресивните работодавачи свесни се дека без разлика дали ќе добијат помош од државата, фирмите треба да им останат верни на своите работнички и работници и во услови на криза! А државата дополнително ќе им помогне на оние кои вложуваат во човечките ресурси во своите фирми!

Но тоа не значи дека нема да има работодавачи кои ќе се обидат да ги злоупотребат мерките за финансиска поддршка на фирмите вклучувајќи го и делот за евентуалното намалување на бројот на вработените. Синдикатите и здруженијата на граѓани кои се борат за работничките права веќе ја посочија опасноста од можни негативни ефекти од овие одредби – од прекинување на договори за вработување на неопределно време до присилно префрлање на договори за вработување со неполно работно време. Тука сме да им кажеме на сите дека злоупотребите нема да се толерираат! ЗАЕДНО ќе застанеме против искористувањето на трудот и ЗАЕДНО ќе се бориме против нехуманиот однос на мал број на работодавачи кои се лош пример за сите оние кои ја покажуваат солидарноста во овие тешки времиња. Нема да дозволиме отпуштања за фирмите да ги намалат трошоците – нема да дозволиме отпуштања за фирмите да го зголемат профитот.

Почитувани сограѓанки и сограѓани,

Во овие тешки денови, сакаме да ви се заблагодариме за напорите што ги правите, за истрајноста што ја покажувате и за солидарноста која ве краси. Да продолжиме заеднички да се справуваме со кризата што го опфати целиот свет и сигурно ќе ја извојуваме најголемата победа со тоа што ќе ги задржиме работните места на сите.

Нека ни е честит Празникот на трудот!, рече Живковиќ.

Трудница е убиена во својот дом во Лос Анџелес, требало да роди близнаци

Во Лос Анџелес е во тек истрага откако бремена жена била пронајдена избодена до смрт во нејзиниот дом, соопштија локалните власти.

Замениците на шерифот на округот Лос Анџелес одговорија на повикот во Палмдејл пред два дена.

„По пристигнувањето на местото на настанот, полицајците насилно влегле во домот каде забележале крв на подот од дневната соба“, се вели во соопштението од канцеларијата на шерифот.

Жртвата била пронајдена со убодни рани и била констатирана смрт на местото на настанот, известија од кабинетот на шерифот.

Според информациите кои за ABC News ги потврди шерифот Мајк Гомез, жртвата била бремена околу шест до седми месец и носела близнаци. За убиството се уште нема уапсен.

"Светот е суров. Не можам да го разберам ова. Таа беше добра личност", изјави за KABC Лос Анџелес Алексис Армстронг, пријателка на несреќната трудница.

По четири децении светлоста на денот ќе ја види заборавен докуметарен филм за „Битлси“ (ВИДЕО)

Заборавениот документарен филм за Битлси „Let It Be“, кој го носи името на големиот хит на групата, повторно ќе ја види светлината на денот, по реставрацијата, на 8 мај на платформата „Дизни плус“.

Инаку, документарниот филм „Let It Be“ првично бил објавен во 1970 година. Бил недостапен четири децении. Последното издание било на VHS во осумдесеттите години на минатиот век.

Според извештаите, зад новата верзија на документарецот стои Питер Џексон, кој претходно работеше на уште еден документарец на Битлси „Get Back“.

„Let It Be“ е многу различен од биографиите контролирани од уметникот што вообичаено ги гледаме денес. Битлси беа длабоко незадоволни од тоа како изгледаа на екранот во тоа време, што делумно објаснува зошто филмот толку долго беше недостапен.

Сепак, „Нека биде“ денес може да се смета за класика, некои го пофалија, некои го критикуваа. Она што е сигурно е дека станува збор за документарец кој на Битлси првенствено гледа како на музичари.

„Let It Be“ пренесува не само голема енергија, туку и дел од свечената мистерија што ја придружуваше милениумската соработка на Битлси, пишува Techradar.com.

НАТО ги осуди кибер нападите насочени против демократските институции

Северноатлантскиот совет (НАК) денеска изрази солидарност со Германија по злонамерната кибер кампања против Социјалдемократската партија на Германија (СПД) и со Чешка, која се соочува со злонамерни кибер активности против нејзините институции.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, во соопштението на НАК се наведува дека одговорноста за овие злонамерни кибер активности, Германија и Чешка му ја припишаа на актерот АПТ28, кој е спонзориран од Русија, а пред се од руската воена разузнавачка служба - Главната дирекција на Генералштабот на руските Вооружени сили (ГРУ).

НАК додава дека со загриженост забележува дека истиот актер упатува закани насочени и кон други национални владини ентитети, оператори со критична инфраструктура и други ентитети низ Алијансата, вклучително и во Литванија, Полска, Словачка и Шведска.

- Силно ги осудуваме злонамерните кибер активности насочени кон поткопување на нашите демократски институции, националната безбедност и слободното општество. Злонамерните кибер активности насочени против Германија и Чешка потврдуваат дека кибер просторот е под ризик во секое време. Актерите на кибер заканата упорно се обидуваат да ја дестабилизираат Алијансата, се наведува во соопштението на Северноатлантскиот совет.

Во реакцијата натаму се посочува дека НАТО останува посветени на спротивставување на суштинската, континуираната и зголемена кибер закана, вклучително и кон демократските системи и критична инфраструктура на неговите членки.

- Ние сме решени да ги искористиме потребните потенцијали со цел да го одвратиме, да се одбраниме и да се спротивставиме на целиот спектар на кибер закани со меѓусебна поддршка, вклучително и со разгледување на координирани одговори. Промовираме слободен, отворен, мирен и безбеден кибер простор. Ги повикуваме сите земји, вклучително и Русија, да ги почитуваат своите меѓународни обврски и меѓународното право и да дејствуваат во рамката на одговорно однесување на една држава во кибер просторот, како што е потврдено од сите членки на Обединетите нации, се додава во соопштението на НАК.

притисни ентер