Се претпоставува дека пропаднало планираното предавање на шверцерите на море, пишува ДВ.
Онаму каде што Северното Море вообичаено исфрла отпад од дрво и пластичен отпад, деновиве може да се најде нешто друго. Имено, на плажите на германските острови Фер, Зилт и Амрум бранови во последните три дена исфрлиле неколку пакувања со кокаин. Досега се откриени вкупно 150 килограми дрога, која се прави од листови кока од Јужна Америка.
Надлежната Царинска управа во Хамбург соопшти дека тоа што толку големо количество нелегална стока се појавило на брегот на германската сојузна покраина Шлезвиг-Холштајн, можеби е поврзано со морските струи. Потрагата продолжува, особено на Зилт. Германските служби контактирале и со своите колеги во Данска, северниот сосед на Германија. Но, во моментов на тамошните плажи не е пронајдена дрога.
Царината на Хамбург соопшти дека во тек се истраги за потеклото на пакетот и транспортните средства, како и за потенцијалните шверцери. Можеби имало неуспешно предавање на море, изјави портпаролот на Царинската управа. Но, додаде тој, исто така е можно кокаинот да бил прикачен на надворешната страна на чамецот од страна на дилерите и случајно да се изгубил во силните струи и бранови.
Инспекторите најавија натамошна потрага по плажите во наредните денови. Дополнително, тие бараат од посетителите на плажите да се држат настрана од пакетите што може да ги исфрлат на брегот од морето или сомнителните предмети и веднаш да ја известат царината или полицијата.
Одвреме-навреме се случува шверцерите да губат дрога на море. На источнофризискиот брег на Северното Море во последниве години веќе се исфрлени вреќи со дрога. Минатиот април, турист откри нешто спектакуларно на островот Боркум во Германија: неколку сомнителни торби закачени на појас за спасување биле исфрлени на плажата од брановите. Државното обвинителство подоцна потврдило дека во нив имало речиси еден тон кокаин.
Окружниот суд во Олденбург на крајот на ноември осуди двајца мажи на затворски казни. Тие биле уапсени додека трагале по изгубениот кокаин во близина на источнофризискиот остров Спикеруг.
Според сознанијата на судот, непознати лица го фрлиле тој товар од бродот во морето, но очигледно не во договореното време, поради што пропаднало преземањето на дрогата на отворено море. Пресудата се уште не е правосилна. Не се знае каде завршил кокаинот.
Неодамна пакувања со кокаин биле откриени и на брегот на Балтичкото Море, на плажата во германскиот град Хајлигенхафен. Царинската управа до средината на ноември немала конкретни податоци за потеклото на кокаинот.
Шверцот на кокаин во Европа значително се зголеми во последните години. Надлежните служби во пристаништата често пресретнуваат пратки со дрога со тежина од неколку тони. Во септември, истражителите во Хамбург пронашле околу 2,1 тони дрога во контејнер за ладење со банани од Јужна Америка. Во ноември, речиси 600 килограми кокаин во кутии со банани биле откриени во складиште за овошје во Саксонија.