МакедонијаЖбогар: Ниту една земја не е имуна на корупција, разликата е во политичката волја да се спречи тоаИскушението да се вклучиме во корупција е исто во сите земји, разликата е во тоа дали постојат институции што ќе ја спречат корупцијата, дали имате законодавство, политичка волја, или доволно јавен притисок за да ја спречите. Токму тука лежи разликата меѓу земјите. Затоа, најмногу зависи од политичката волја на владејачката елита, да се направи јавен притисок од страна на граѓанските организации или од организации што вршат мониторинг. Ова денеска го изјави евроамбасадорот Самуел Жбогар на региналната конференција за состојбите во јавните набавки „Антикорупциски механизми и улогата на засегнатите страни", во организација на „Балкан тендер воч", коалиција на граѓански организации од државите на Западен Балкан. Истакна дека јавните набавки се едно од првите поглавја во преговорите за членство со ЕУ и кога станува збор за набавките, инвестирањето во јавни проекти е од клучно значење за економскиот и социјалниот развој на секое општество, под услов парите на граѓаните да се вложуваат во инфраструктурни проекти што ним ќе им служат. – Кога ќе прошетате низ Скопје ќе видите дека тоа беше случај во последните години. Тоа се однесува на училиштата, болниците, или пак изградба на брани. Овие проекти се со големи буџети и што подразбираат комплексни планови за нивна испорака. Но од друга страна, овие проекти, имајќи го предвид буџетот, обезбедуваат голем број можности за корупција. Оттука истрагите на СЈО даваат голем број примери за тоа како корупцијата била направена во рамки на јавни набавки, дека некои компании или фирми биле доделувани договори поради нивни блиски врски со партиите што се на власт, или како некои компании меѓусебе си ја договарале конкуренцијата, за да си го поделат „колачот", рече Жбогар. Наведе дека една од последиците во корпуцијата во јавните набавки е зголемениот трошок за услугите и загуба на јавните средства во интерес на поединци, како и намалување на квалитетот во услугите. Оцени дека недоволната доверба на граѓаните во институциите како последица на копруцпијата, го блокира целокупниот развој на општествата, наведувајќи го примерот со земјава, за тоа како лошата борба против корупцијата, како што рече, доведе до недоволна доверба и до политичка криза во земјата, што траеше долги години. – Јавните набавки треба да бидат следени и мониторирани од граѓанските организации, и токму затоа нивната улога е многу важна. Во таа насока ЕК обезбедува поддршка на различни проекти и во исто време презентираше шест приоротетни области за подобрување на системот за јавни набавки – соодветно планирање на потребите и навремено истражување на пазарот за цените и достапноста, луѓето кои работат на јавни набавки да не бидат поврзани со политички партии, јавните набавки треба да се дигитализираат за полесно да се спречуваат злоупотребите, процесите да бидат потранспарентни и да бидат предмет на мониторинг од релеватните институции, а исто така и законот да ги заштити свиркачите кои укажуваат на корупција во институциите. Министерот за финансии Драган Тевдовски рече дека во изминатата година и пол Министерството работело на ново законско решение што ќе соодвевствува со европската пракса и ќе обезбеди транспарентен и ефикасен систем за јавни набавки. – Затоа изготвивме нов закон за јавни набавки, и исто така правевме дебати во кои го слушавме гласот на невладините организации а дел од нивните предлози беа преточени во решенија. Променети се многу работи во новиот закон, воведовме економски најповолна вредност, како критериум за доделување на договорите и на тој начин добиваме најдобра вредност за средствата што ги вложуваме, работиме и на подобрување на транспарентноста, тоа значи дека институциите се задолжени и пред законот да стапи во сила, да објавуваат повеќе елементи и податоци што се важни за јавните набавки, во целост мора да ги објават склучените договори и анекси на електронскиот систем за јавни набавки, а порано јавноста немаше увид во тоа, посочи тој. Истакна дека со новиот закон се воведуваат и низа антикорупциски правила со кои ќе се спречи судирот на интереси при вршењето на јавни набавки, а законот ќе вкучува и повеќе можности за малите и средни претријатија во набавките, да ги штити подизведувачите, како и вработените кои учествуваат во договорот. – Ако сакаме да одиме чекор напред треба да работиме целосно на обезбедување транспарентност бидејќи јавноста, граѓанските организации, медиумите се многу подобар контролор за тоа како се трошат парите на граѓаните што се собираат преку даноци, отколку некоја комисија или институција, и ако сакаме да одиме напред треба целосно и да ги отвориме податоците и да работиме на финансиската писменост, заклучи Тевдовски. На конференцијата беше дистрибуиран и извештај за јавните набавки „Извештај во сенка – Јавните набавки во Македонија: меѓу старото и новото", изработен од Балкан тендер воч и Центарот за граѓански комуникации. Во извештајот се наведува дека состојбата со јавните набавки во Македонија во 2018 се уште се наоѓа меѓу се уште важечкиот „стар" и многу критикуван Закон за јавни набавки и изработениот „нов" закон, што би требало да ги поправи работите, но се уште чека на усвојување во Собранието. Податоците од Електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН), владината он-лајн платформа преку која се спроведуваат јавните набавки, покажуваат рекорден пад од 35 отсто на вредноста на јавните набавки во Македонија во 2017, во однос на претходната година. Ако во 2016 достигнувале 962 милиони евра, во 2017 паднале на само 625 милиони евра и се намалиле за 337 милиони евра. Досега нема официјално објаснување за ова огромно намалување на вредноста на јавните набавки во 2017 – ниво, кое според досега расположливите податоци ќе се задржи и во 2018, се наведува во извештајот. На конференцијата учествуваат релевантни чинители од државните институции, приватниот сектор, медиумите и граѓанските организации од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Косово и Црна Гора. Конференцијата е дел од проектот финансиран од ЕУ чија цел е зголемување на влијанието на граѓанските организации од Западен Балкан врз антикорупциските политики и практики во јавните набавки преку искористување на процесот на европските интеграции како трансформативна агенда. /МИАКрадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.Претплатете се на нашиот newsletter
МетеоУтре променливо облачно време со температура до 23 степени Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, информираат од УХМР.МАКСИМАЛНА ТЕМПЕРАТУРА (во оС) 5 Попова Шапка, 9 Маврови Анови, 10 Крушево, 15 Прилеп, Битола, 16 Претор, Берово, Тетово, 17 Крива Паланка, Охрид, Скопје-Зајчев Рид, 18 Штип, Виница, 19 Велес, Скопје-Петровец, 20 Демир Капија, Струмица, Кавадарци, 22 Гевгелија. КОЛИЧИНА НА ВРНЕЖИ за изминатите 9 часа до 17 часот во (l/m2) 5 Битола, 2 Крушево, 1 Берово, Кавадарци, Велес, Претор. Забелешка: Дадените вредности за количината на врнежи се измерени на дождомерните места на УХМР. Поради локалноста на процесите, паднатата количина воден талог многу варира и на различни места може да е многу поголема од измерената. ВРЕМЕТО ДЕНЕСКА И ДО КРАЈОТ НА ДЕНОТ Утрото беше врнежливо и облачно, а во текот на денот претежно облачно наместа со слаби врнежи од дожд. Дуваше слаб до умерен ветер претежно од северен правец. До вечерните часови облачноста постепено ќе се намали. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. ВРЕМЕТО УТРЕ Променливо облачно со сончеви периоди. Наместа ќе има зголемена облачност и услови за слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 14, а максималната ќе достигне од 17 до 23 степен. Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 11, а максималната ќе достигне до 22 степени. ВРЕМЕТО ВО НАРЕДНИТЕ ДЕНОВИ Следува период на променливо облачно време со сончеви периоди во текот на денот. Наместа повремено ќе има услови за краткотраен дожд. До крајот на периодов ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец.Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.Претплатете се на нашиот newsletter
МакедонијаСиљановска – Давкова ја одликуваше Светлана Мојсов со Орден „8 Септември“Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, на свечена церемонија во „Вила Водно“, денеска ја одликуваше Светлана Мојсов со Орден „8 Септември“ за извонредниот придонес во биохемијата како врвна светска научничка и истражувачка.Примајќи го ова високо признание, Мојсов преплавена од емоции и со трепет во гласот, се заблагодари за укажаната чест. „Јас сум без зборови. Многу Ви Благодарам“, рече таа. Говорејќи за импресивната биографија на Мојсов, претседателката истакна дека иако судбината ја однела во САД, со гордост кажуваме дека е Македонка, родена во Скопје. „Нејзиното потекло го потврдува принципот дека судбината и космичката мудрост никого не дискриминираат, па и на малите заедници им подаруваат големи луѓе“, додаде Сиљановска-Давкова. Таа ѝ се заблагодари на Мојсов, искажувајќи наклон за нејзиното грандиозно дело од значење за светската наука. „Денес, со ова највисоко државно одликување – Орденот „8 Септември“ ѝ оддаваме признание и благодарност за нејзиниот фундаментален придонес кон развојот на македонската наука во светски рамки и кон македонската афирмација во највисоките меѓународни интелектуални кругови. Со своето научно дело и меѓународно признание, таа даде непроценлив придонес и нè задолжи како држава“, истакна претседателката на денешната церемонија. Светлана Мојсов е родена на 8 декември 1947 г. во Скопје каде што завршила основно и средно образование. Високото образование го завршува на Природно-математичкиот факултет, насока физичка хемија, на Универзитетот во Белград каде што дипломирала во 1971 г. Во 1972 г. се запишала на докторски студии на Рокфелеровиот универзитет во Њујорк. Работела под менторство на нобеловецот Брус Мерифилд. Работела на синтеза на пептиди. Методата која ја развивала со нејзиниот ментор придонела во созревањето на биохемијата како наука којашто во тоа време сè уште не е доволно етаблирана. Но, како резултат од нејзината повеќегодишна макотрпна научно-истражувачка работа произлезени се дури 10 значајни патенти. Таа е добитничка на бројни светски награди и признанија. Во земјава, таа ја доби Светската награда на хуманизмот на градот Охрид, прогласена е за почесен професор на Универзитетот „Американ колеџ“ во Скопје, а предложена е и за почесен професор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и почесен член на Македонската академија на науките и уметностите. Во продолжение е интегралниот говор на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. Еден од многуте дарови со кои е благословен човекот е способноста да се биде зачуден пред мистеријата на сопствената егзистенција и пред тајната на животот и на постоењето воопшто. Бидувајќи бескрајно љубопитен, во човекот постои инхерентна потреба за истражување, за разбирање на светот околу себе и во себе. Тој внатрешен порив, пред сè, е од епистемиолошка природа – човекот сака да знае, осознае, разбере, а попатно, тој порив има и телеолошка компонента – тоа знаење е корисно за неговиот опстанок. Оттука, опремен со силата на сопствениот ум, со способност за интуиција, имагинација, логика и креативност, веројатно од самиот почеток на свесното битисување, човекот оформува претстави за стварноста, улогата и смислата на постоењето – мистични, религиозни, филозофски, а во последниве неколку векови, отприлика од ренесансата и од просветителството наваму, неговата свест, користејќи ја главно силата на рационалниот ум и оставајќи ги зад себе и онака нерешливите аспекти на метафизичката природа на стварноста, ја насочи својата енергија кон разбирање на физичкиот свет во нас и околу нас, со што се роди модерната наука. Таа, заедно со уметноста и литературата, денес е една од најкреативните човечки дејности. Денес живееме најдолго и најкомфорно во однос на сите генерации во милениумите зад нас. Тоа се директни плодови на науката. Во ова модерно време на расцут на научниот и на технолошкиот развој, како и од памтивек, повторно е важен митот за херојот, како основен архетип на развојот на индивидуалната и на колективната свест. Така, големите научни откритија се изнедруваат низ работата на поединецот, низ индивидуалната свест, низ делото на „научниот херој“ – на оној кој ги поместува границите, кој прави видливи чекори напред, кој го трасира патот на идниот развој. Денес, ние имаме голема среќа и помалку незаслужена чест да се заблагодариме за големото дело на една научна хероина – Светлана Мојсов, професорка на Рокфелеровиот универзитет во Њујорк, во САД. Судбината решила таа да биде и „наша“ – Македонка, родена во Скопје, во Македонија. Нејзиното потекло го потврдува принципот дека судбината и космичката мудрост никого не дискриминираат, па и на малите заедници им подаруваат големи луѓе. Нејзините први претстави за стварноста, сензибилитетот за животот, се формирале овде, во овие простори во кои, наспроти сегашната скромна состојба, сè уште трае одекот на една длабока интелектуална, духовна и просветителска традиција. Затоа, ние мислиме дека имаме право да ја наречеме и „наша“, и да ѝ се заблагодариме и да се гордееме со неа и со нејзиното грандиозно дело од значење за светската наука. Светлана Мојсов е хемичарка-биохемичарка – основно училиште завршила овде, во Скопје, а дипломирала на Природно-математичкиот факултет во Белград, на насоката физичка хемија. Докторирала на Рокфелеровиот универзитет во Њујорк во биохемиската лабораторија под менторство на Брус Мерифилд, кој развивал методи за синтеза на пептиди на цврста фаза од полимерна подлога (пептидите се едни од основните молекули на животот). И покрај тогашната скепса во научната јавност за ефективноста на синтетичката метода на Мерифилд, Светлана му предложила на својот ментор да работи на синтеза на глукагон, хормон на панкреасот што го регулира метаболизмот на шеќерите во нашиот човечки организам. Како резултат на нејзината луцидност и креативност, самопрегорната и макотрпна работа, во 1981 г. успеала да ја изврши синтезата и да добие доволни количества од овој важен хормон, глукагонот. По нејзината успешна работа, во 1984 г. на Мерифилд, нејзиниот ментор, самостојно (за жал) му била доделена Нобеловата награда за хемија за развојот на методологија за хемиски синтези на биомолекулите. Во 1983 година, Мојсов со сопругот се сели во Бостон и започнува работа во Одделението за ендокринологија на Општата болница на Масачусетс, а наскоро потоа почнува соработка со Лабораторијата за молекуларна ендокринологија на Џоел Хабенер. Треба да се нагласи дека Мојсов, уште пред да ја почне соработката со групата на Хабенер, веќе извршила синтеза на аналози на т.н. „пептид сличен на глукагон“, создала антитела за различните пептиди, оптимизирала радиоимунолошки тестови и хроматографски методи за разделување на пептидите сродни на пептидот сличен на глукагон. Мојсов самостојно ги идентификувала секвенците на аминокиселините, што подоцна се покажало дека се од клучно значење за развојот на биомедицината на овој пептид. Во пресвртен труд којшто го напишала и се темелел на нејзините експерименти, великодушно поканила за коавтори неколкумина од групата на Хабенер. Во 1990 година, Мојсов се враќа на Рокфелеровиот универзитет кадешто е избрана за вонреден професор. Работи со групата на Ралф Стајнман во областа на дендритските клетки, којшто во 2011 г. ја добива Нобеловата награда за физиологија или медицина. Се чини дека оние со кои ќе почне да соработува Светлана, потоа добиваат Нобелова награда. Мојсов веќе била на Рокфелеровиот универзитет кога почнале да се објавуваат клинички трудови за благодатите на пептиди што таа лично ги синтетизирала. Меѓутоа, без да биде информирана, Општата болница во Масачусетс поднела барање за патенти и тоа само на името на Хабенер. Големата корпорација „Ново нордиск“ ги откупува правата, а лековите базирани на нејзините сознанија за дијабетес и слабеење стануваат едни од најпродаваните и најпрофитабилните во поново време. За жал, комерцијалниот аспект на денешната наука ја прави жртва на човечкиот грев, слично како и сите останати човекови дејности. Кога започнаа да се доделуваат признанија за овие фундаментални откритија во областа на синтезата на биомолекулите, и покрај нејзината исклучителна скромност и чесност, таа конечно презеде чекори за исправување на оваа неправда. По објавувањето напис во водечкото научно списание „Science“, постепено започна да ѝ се оддава признание за нејзиниот темелен придонес во оваа област. Следуваа низа врвни научни признанија, какви што во светот на науката им се доделуваат само на малкумина: 2023 – VinFuture, Иноватори со извонредни достигнувања во новите научни области – Јенс Јуул Холст, Џоел Францис Хабенер и Светлана Мојсов; 2023 – Nature, 10 највлијателни научници на годината; 2024 – Pearl Meister Greengard Prize на Рокфелеровиот универзитет; 2024 – Time, 100 највлијателни луѓе, иноватори; 2024 – Princess of Asturias Awards, Технички и научни истражувања – Даниел Џ. Друкер, Џефри М. Фридман, Џоел Ф. Хабенер, Јенс Јуул Холст и Светлана Мојсов; 2024 – Tang Prize, Биофармацевтски науки – Џоел Ф. Хабенер, Светлана Мојсов и Јенс Јуул Холст (оваа награда во Азија добива репутација како Нобеловата награда во Европа); 2024 – Lasker-DeBakey Clinical Medical Research Award – Џоел Хабенер, Светлана Мојсов и Лоте Бјере Кнудсен; 2024 – BBVA Foundation Frontiers of Knowledge Award, Биологија и биомедицина – Даниел Џошуа Друкер, Џоел Хабенер, Јенс Јул Холст и Светлана Мојсов; 2025 – Warren Triennial Prize – Џоел Хабенер, Даниел Џ. Друкер, Јенс Холст и Светлана Мојсов. Затоа македонската научна јавност, во знак на длабока благодарност и на признание за нејзиното научно дело, ѝ ја додели Светската награда на хуманизмот на градот Охрид, ја прогласи за почесен професор на Универзитетот „Американ колеџ“ во Скопје, ја предложи за почесен професор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и за почесен член на Македонската академија на науките и уметностите. Денес, со ова највисоко државно одликување – Орденот „8 Септември“ – ѝ оддаваме признание и благодарност за нејзиниот фундаментален придонес кон развојот на македонската наука во светски рамки, но и кон македонската афирмација во највисоките меѓународни интелектуални кругови. Со своето научно дело и меѓународно признание, таа даде непроценлив придонес и нè задолжи засекогаш како држава. Ја чувствувате ли светлината на Светлана во овој простор? Јас ја чувствувам., рече претеседателката Сиљановска Давкова. Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.Бидете информирани следете не на Facebook
СветПродолжува војната на Трамп со медиумите: Блокиран пристапот на Си-Ен-Ен до претседателскиот авионБелата куќа му забрани на Си-Ен-Ен да патува со авионот „Ер Форс Уан “, попречувајќи ги обврските на телевизиската новинарски пул, што претставува најнова ескалација на судирот меѓу администрацијата и медиумите.Си-Ен-Ен требаше да патува со Доналд Трамп во Тенеси на натпревар во колеџ-фудбал, соопшти мрежата во петокот. Белата куќа ја потврди исклученоста на Си-Ен-Ен кога не ја вклучи мрежата во известувањето испратено до новинарскиот кор во врска со распоредот на Трамп за саботата. Инцидентот се случува една недела откако Трамп, гласен критичар на она што тој го нарекува „медиуми за лажни вести“, им го укина пристапот до Белата куќа на Си-Ен-Ен, МС Нау и „Политико“.Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.Бидете информирани следете не на Facebook