Зетото на идниот унгарски премиер Маѓер се повлече од министерската функција - Канал 5

Зетото на идниот унгарски премиер Маѓер се повлече од министерската функција

Мартон Мелетеј-Барна, кој беше номиниран од идниот унгарски премиер Петер Маѓар за министер за правда, ја повлече својата кандидатура. 

Зетото на идниот унгарски премиер Маѓер се повлече од министерската функција

Мелетеј-Барна, кој е зет на Маѓар, ја објави својата одлука на социјалните мрежи, велејќи дека не сака да фрли сенка врз новата влада, објавува Euronews.

-„За да не фрлам ни најмала сенка врз промената на владата, се консултирав со Петер Маѓар и се согласивме дека е во најдобар интерес на земјата и на владата на Tisza премиерот да номинира способен и посветен професионалец за министер за правда, кој ќе биде оценуван од јавноста исклучиво според неговите постапки“, напиша тој.

Мелетеј-Барна е адвокат и универзитетски колега на идниот премиер на Маѓар. Тој е еден од десетте основачи на партијата Tisza, основана во 2020 година, каде што беше правен директор. Тој, исто така, имаше голем број други партиски позиции што бараа правна експертиза, како што се водење на разни поткомитети и претставување на партијата во Државната изборна комисија за време на изборите за Европскиот парламент во 2024 година.

Маѓар беше принуден да го брани својот избор за шеф на Министерството за правда токму поради семејната врска. Мелетеј-Барна е во брак со сестрата на Маѓар, Ана Илона, што, како што самиот Маѓар призна, „создало сериозна дилема“ за него.

Номинацијата донесе остри критики кон идниот премиер, првенствено од сега опозициската партија Фидес, која ја загуби власта откако Тиса на Маѓар оствари убедлива победа на парламентарните избори на 12 април.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Мицкоски од Брвеница: Во недела ве повикувам да го заокружите бројот 1

На Македонија ѝ требаат нови успеси, резултати и проекти, а не поделби, затоа во недела ве повикувам да го заокружите бројот 1.

Мицкоски од Брвеница: Во недела ве повикувам да го заокружите бројот 1

Почитувани граѓани на Брвеница, драги пријатели, браќа и сестри, почитувани домаќини,

Денес сум овде со една едноставна, но силна порака. Една Брвеница за сите.

Брвеница заслужува развој, заслужува сигурност, заслужува иднина во која младите ќе остануваат, семејствата ќе напредуваат, а секој човек, без оглед на неговата национална, верска или политичка припадност, ќе чувствува дека ова е неговиот дом, неговата општина и неговата држава.

Затоа што силата на една општина не се мери само со бројот на изградени улици, водоводи и училишта. Таа се мери и со довербата меѓу луѓето. Со чувството дека никој не е заборавен, дека никој не е оставен сам и дека институциите постојат за да му служат на граѓанинот, а не граѓанинот да им служи на институциите.

И токму затоа денес сакам да зборувам за една Брвеница која не се дели. За Брвеница која ги обединува своите луѓе. За Брвеница во која различностите не се причина за поделби, туку богатство што треба да го чуваме.

Драги пријатели, браќа и сестри,

Во политиката постојат два вида луѓе. Едните доаѓаат пред граѓаните кога им треба нивниот глас, а другите остануваат со граѓаните и тогаш кога ќе завршат изборите, кога ќе се изгаснат камерите и кога ќе започне вистинската работа.

Јас верувам во вторите. Верувам во луѓето што не бараат изговори, туку решенија. Во оние што не ја гледаат функцијата како привилегија, туку како обврска. Во оние што знаат дека зад секоја одлука стои нечиј живот, нечија мака, нечија надеж.

И затоа е Брвеница важна. Важна е не само за луѓето кои живеат овде, туку и за цела Македонија. Затоа што овде се покажува карактерот и ставот на народот, неговата решителност и неговата јасна определба за тоа каква иднина сака, каква држава посакува и за каква Македонија сме подготвени да се бориме. А изборот е јасен и појасен не може да биде.

Од една страна се оние кои сакаат да нè вратат назад, во времето на поделбите, политичките пазарења и личните интереси, а од другата страна се луѓето кои веруваат дека Македонија мора да оди напред, дека државата им припаѓа на сите нејзини граѓани и дека иднината не смее да биде заложник на ничии политички калкулации.

И затоа сакам да ви кажам нешто многу важно. Кога некој постојано продава етнички магли, кога отвора национални прашања секогаш кога нема што да понуди, кога поважно му е нечие име или презиме отколку неговиот карактер, кога етничката припадност ја става пред трудот, чесноста, енергијата и љубовта кон Македонија, тогаш имате сериозна причина да се запрашате какви се неговите вистински намери.

Затоа што патриотизмот не се докажува со националистички пароли, туку со дела. Со чесна работа, со одговорност и со човечко почитување. А оние што најгласно зборуваат за национални интереси, многу често најмногу мислат на сопствените лични интереси. Колку повеќе зборуваат за народот, толку повеќе треба да ги гледаме нивните дела. И колку повеќе се кријат зад национализмот, толку повнимателно треба да се прашаме дали зад него стои вистинската грижа за граѓаните или само желба за власт и привилегии. Овде, во Брвеница, политички се соочуваме со коалицијата којашто ја предводи ДУИ. А нив добро ги познавате. Ги знаете како буквар. Тоа се истите оние политичари кои со години ја имаа власта повеќе од две децении, и наместо да се занимаваат со проблемите на граѓаните, јавноста ги гледаше како играат фудбалчиња и кошаркарски партии во кабинетите.

Оние чие владеење го одбележаа бројни прашања за тендери, привилегии и блискоста со одредени бизнис-кругови. Оние кои постојано зборуваа за правата на Албанците, а денес треба да одговараат што конкретно направиле за подобар живот на обичниот Албанец, на обичниот Македонец или на било кое друго семејство коешто живее во оваа држава. Затоа што сиромаштијата нема националност. Корупцијата не прашува на кој јазик зборувате. А кога политичарите работат за себе наместо за народот, штетата тогаш ја плаќаат сите. И токму затоа е време да се стави крај на политиката која ги дели луѓето за да може полесно да владее со нив.

Драги пријатели, браќа и сестри, за да успееме во тоа, мораме да бидеме обединети. Не обединети против некого, туку обединети за нешто поголемо од сите нас. Обединети за подобар живот, за посилна Брвеница, за Македонија во која ќе има место и можности за секој човек.

Брвеница има вредни луѓе, земјоделци кои секое утро стануваат пред сонцето, стопанственици кои создаваат работни места, наставници кои ја градат иднината на нашите деца, лекари, работници, пензионери, млади луѓе со идеи и амбиции, семејства кои со чесна работа и многу откажувања создавале домови и иднина. Тие луѓе не бараат невозможни работи. Бараат пристојни услови за живот. Бараат патишта по кои безбедно ќе се движат, чиста вода во своите домови, уредени училишта, функционални јавни услуги и институции кои ќе им служат. И тоа не е луксуз. Тоа е право на секој граѓанин.

Драги пријатели,

Сакам посебно да им се обратам на младите луѓе од Брвеница. Знам дека многумина од вас размислуваат за заминување. Знам дека има и такви коишто гледаат кон Германија, Швајцарија, Австрија и некои други западноевропски земји, барајќи подобра плата, повеќе можности и поголема сигурност. И никого нема да осудувам поради тоа. Секој човек има право да бара подобар живот.

Но како претседател на Владата имам обврска да работам за Македонија, да се борам за Македонија да стане земја во која заминувањето нема да биде нужност, туку избор. Земја во која млад човек ќе може да успее со сопствениот труд. Земја во која вреди да се формира семејство, да се инвестира, создава и да се остане. Затоа е важно да се обединиме. И затоа денес ве повикувам сите заедно, жителите на Брвеница да го поддржиме Стојанче Радичевски нашиот Цоки.

Тој е кандидатот на сите граѓани. Тој е изборот кој може да донесе подобар живот, живот за сите. За членовите и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ, на нашата коалиција, на СДСМ, на ВРЕДИ, на ДУИ, за политички определените и неопределените, за секој човек кој ја сака Брвеница и кој сака Брвеница да оди напред. Изборот овде е јасен: иднина или назадување.

Да покажеме дека можеме да бидеме различни, а сепак обединети. Дека можеме да имаме различни ставови, а сепак да ја сакаме нашата заедничка татковина Македонија. Дека можеме да се натпреваруваме во политиката, а да бидеме заедно кога се работи за иднината на нашите деца. Сакам овде да испратам и една многу важна порака којашто мислам дека е добро да се каже денеска на овој последен и завршен митинг. Кажав веќе во мојот говор, во моето излагање дека Стојанче Радичевски нашиот Цоки е човекот којшто очекувам жителите на оваа преубава општина Брвеница да го поддржат и тоа без разлика на етничката, политичка, и верска припадност.

Имав многу пати можност да поминам време овде во оваа општина во различни населени места, последниот пат за мене беше исклучително впечатлив кога поминавме неколку населени места коишто во суштина се мултиетнички и повеќе конфенсионални. Во едно населено место во Теново едно прекрасно, убаво место една до друг беа и џамијата и црквата. Еден човек од луѓето коишто беа присутни тука ми повлече за раката и ми рече: Дојди да ти кажам нешто. Се повлеков неколку чекори заедно со него, ми вели ја гледаш џамијата, да велам ја гледам, ја гледаш црквата? Да, велам ја гледам, е ние овде се поздравуваме, се молиме на ист Бог во различни верски храмови. Муслиманите влегуваат во џамијата, а христијаните православни влегуваат во црквата. И така е со години, така е со децении и така е со векови. И така ќе биде со децении, со векови, но има политичари коишто изминативе денови па и денес се обидуваат да ве делат.

Се обидуваат да ве делат и по етничка и по верска и по било каква линија. Тоа се луѓе коишто во својот скромен политички опус нема да останат по ништо запознати освен по поделбите. По ништо нема да ги запомниме, само по поделбите. Треба да знаете дека ќе помине 1 Ноември, ќе дојде 2 Ноември, тие ќе заминат и прашање е дали некогаш повторно ќе се вратат овде. А, вие и во Теново и во Радиовце и во Брвеница и во Седларце и во Милетино и во Челопек и во сите други населени места ќе продолжите да живеете еден покрај друг. Ќе си бидете поддршка еден на друг.

И кога вашите најмили поради тоа што некој одлучил да ве дели ќе одлучат да заминат некаде, вашите деца, вашите внуци, без разлика каде дали тоа ќе биде миграција внатрешна или ќе заминат надвор тогаш подеднакво ќе боли солзата на мајката Албанка и на мајката Македонка, подеднакво ќе боли солзата на старата мајка Албанка и на старата мајка Македонка. Сетете се ова што ви го зборувам, тие нема да бидат тука со вас, повторно ќе бидеме ние, оваа Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата.

Зошто ова го зборувам? Затоа што тие беа причината илјадници млади луѓе да заминат, и сега без трошка каење, без трошка срам, ги молат да се вратат и повторно да ги делат, без притоа да понудат ниту малку иднина и проекти. Тие не зборуваат за проекти, тие не го знаат тој речник, имаше градоначалници и градоначалници. Имаше влада во којашто беа повеќе од 2 децении, колку проекти направија за Брвеница? Нула, нула проекти. Сакате проекти? Нула. Сакате по тоа да се мериме? Денеска се прават спортски сали, училишта се реновираат, спортски игралишта, патни делници се асфалтираат. Тоа е разликата меѓу оваа Влада на ВМРО-ДПМНЕ и владата во којашто повеќе од две децении беше Демократската унија за интеграција. Освен поделби, ништо.

Сакате за правда да збориме? Ајде да збориме за правда. Сетете се на модуларната болница, сетете се како луѓе живи гореа и сетете се на одлуката на врховниот суд, видете ги судиите коишто ја донесоа таа одлука на 22 октомври, овој месец, кога ги ослободија тие луѓе. Истите тие луѓе. Зашто? Затоа што се блиски до раководството на ДУИ. Сакаме ли таква правда? Тоа ли е иднината на Македонија? Тоа ли е нашата заедничка иднина и на Македонците, и на Албанците и на останатите заедници коишто живееме едни покрај други со векови. Затоа ве повикувам масовно да излеземе и да го заокружиме бројот 1. Да заокружиме за Стојанчо. Да ги поразиме овие политичари на минатиот век. Овие луѓе не се политичари на иднината.

Затоа што на Македонија не и се потребни нови поделби, и се потребни успеси. Не и се потребни изговори, потребни се резултати. Не и се потребни политичари кои ќе кажуваат зошто нешто не може да се направи, туку луѓе кои ќе најдат начин тоа да се направи.

И таа наша обврска, таа наша борба е борба од која не смееме да се откажеме. Една Брвеница за сите, една иднина што ќе ја градиме заедно. Една Македонија што ќе оди напред. Одиме на убедлива победа.

Нека ни е жива Брвеница.

Бог да ни ја благослови Македонија, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на завршниот митинг во Брвеница.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Радичевски: Општината е на сите граѓани од Брвеница до Челопек без разлика на етничка и политичка припадност

Општината е на сите граѓани од Брвеница до Челопек без разлика на етничка и политичка припадност, затоа во недела да излеземе сплотени и да заокружиме број 1.

Радичевски: Општината е на сите граѓани од Брвеница до Челопек без разлика на етничка и политичка припадност

„Овој поглед ме прави горд и ми дава дополнителна сила да продолжиме да ја негуваме и да ја сочуваме силата на единството. Кога ве гледам пред мене сите сплотени и обединети е порака дека Брвеница сака развој, напредок и подобри услови за живот. Таа е и обврска резултатите да продолжат, а и доверба што треба да ја оправдаме со конкретни дела“, рече кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на општина Брвеница, Стојанчо Радичевски на денешниот завршен митинг пред вториот круг од локалните избори кои ќе се одржат во недела на први ноември.

„Вечерва ви се обраќам како ваш пријател, познаник и сосед, како човек кој ја сака Брвеница и сака нашата општина да биде успешна. Во изминатиот период со многумина од вас ја споделив својата визија за иднината на општината, секој разговор, секоја средба, секоја искажана потреба се одговорност, а таа одговорност бара посветеност, присуства на терен и конкретна работа. Во наредните години, пред нас се важни предизвици, тоа се проблеми со водоснабдувањето, локални патишта, зимско одржување, условите во училиштата и можностите за младите. Сите овие прашања бараат сериозен пристап, планирање и решенија што ќе го подобрат секојдневието на граѓаните“, истакна Радичевски.

Тој упати порака дека Брвеница не припаѓа ниту на една партија, ниту на една етничка заедница, туку припаѓа на сите граѓани од Брвеница до Челопек без разлика на етничката, верската или политичката припадност.

„Сакам да бидам јасен, оваа општина не припаѓа на една партија, ниту на една етничка заедница. Брвеница е на сите што живеат овде во Брвеница, Седларце, Стенче, Волковија, Блаце, Милетино, Радиовце, Челопек и Гургурница, на сите без исклучок. Никој не треба да биде исклучен, потценет или заборавен, ќе продолжиме да живееме едни покрај други, да ги споделуваме истите предизвици и да работиме за подобра иднина. Нашето заедништво е вредност што треба да го чуваме. Брвеница има потреба од дијалог, меѓусебна почит и заедничка одговорност. Македонци, Албанци, Турци и припадници на сите други заедници треба да имаат еднакви можности, достоинствени услови за живот и перспектива на своите семејства. Нашата визија треба да биде насочена кон иднината, кон развојот, кон конкретни резултати. Развојот на општината не смее да познава поделби. Секое населено место заслужува внимание, секој граѓанин заслужува почит, а секоја добра идеја заслужува поддршка“, потенцираше Радичевски.

Радичевски истакна дека можностите за младите, квалитетно образование, подобра инфраструктура и создавањето на услови за економски развој се приоритетите што бараат долгорочна посветеност, затоа што младите треба да имаат можност да ја градат својата иднина покрај своите родители и покрај своето семејство и на своето огниште, да имаат можност да работат, да создаваат, да ги градат своите домови во општината во која пораснале.

Една Брвенца за сите, додаде Радичевски, е визија на долгорочен и рамномерен развој, тоа е идејата што ги опфаќа сите населени места, сите генерации и сите граѓани, зошто Брвеница има потреба од заедничка одговорност, соработка и конкретни проекти што ќе донесат подобар живот и нашата иднина ќе ја градиме со јасни приоритети, со посветеност и со почит кон секој човек.

„За нашата општина, за нашите деца и за нашите идни генерации, во недела ве повикувам да ја продолжиме идејата за една Брвеница за сите, да гласаме за бројот 1, да ја заокружиме заедничката победа, да ја сочуваме силата на единството. Една Брвеница за сите“, повика на крај кандидатот за градоначалник, Стојанчо Радичевски, се наведува во партиското соопштение.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Марсовскиот метеорит, пронајден во Сахара е стар 4,1 милијарди години: Ова е камен од Розетата за Црвената планета

Кога во Сахара во 2022 година беше пронајден розов метеорит, никој не знаеше колку е стар или од каде доаѓа. 

Марсовскиот метеорит, пронајден во Сахара е стар 4,1 милијарди години: Ова е камен од Розетата за Црвената планета

Дури кога научниците од американската вселенска агенција НАСА го датираа минералот и сфатија дека карпата од 800 грама е дел од Марс кој се формирал пред повеќе од 4,1 милијарди години. Тоа го прави метеоритот најстариот досега пронајден од Црвената планета, соопшти НАСА.

Именуван Тегаза 001 по висорамнината во Мали каде што е откриен, тој е еден од околу 435 марсовски метеорити што досега се пронајдени на Земјата.

Во студија објавена во списанието Science, истражувачите ги опишаа карактеристиките на Тегаза 001, редок поглед во древната кора на Марс и како таа се формирала.

Она што научниците ќе го откријат од карпата во иднина би можело да одговори на многу прашања за Марс, особено за тоа како водата комуницира со карпите. Посебна студија објавена ова лето во Science Advances го детализираше составот на метеоритот и количината на вода во него.

„Дури откако почнавме детално да го проучуваме, сфативме дека овој метеорит е навистина уникатен. Еден од рецензентите го нарече Камен од Розета за Марс“, рече Јанг Лиу, главен автор на студијата и научник во Лабораторијата за млазен погон (JPL) на НАСА.

Тегазу 001 се разликува од другите марсовски метеорити по својата текстура и возраст, како и по уникатноста на неговите минерали. Тој е еден од трите најстари марсовски метеорити на Земјата. Меѓу нив се ALH84001, кој има само еден минерал и е приближно на иста возраст како Тегазу 001, и „Црната убавица“, која се формирала пред околу 2,1 милијарди години.

Тегазу 001 е мешавина од минерали што дава слика за тоа како се формирала кората на планетата додека магмата се ладела.

- Ова е навистина првото парче марсовска кора од дел од Марс од кое никогаш порано не сме имале примерок. Снимено е интеракција со вода и карпи, а можеби дури и има атмосферски отпечаток кога се губи вода, рече Ли Сапер, постдокторски соработник во JPL во времето на пишување на трудот, а сега научник во истражувачкиот центар „Ејмс“ на НАСА.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер