„Нема да се откажеме. Знаеме што треба да направиме и можете да сметате на Украина и се надеваме дека ќе можеме да сметаме на вас во иста мера“, рече Зеленски во своето обраќање на Универзитетот за национална одбрана на САД.
Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден го предупреди Конгресот дека неизгласувањето на воената помош за Украина може да ја насочи речиси двегодишната војна во корист на Русија, создавајќи закани за националната безбедност за Западот.
Зеленски е поканет утре на средби во Белата куќа и со конгресмени. Многу републикански пратеници се сомневаат во продолжувањето на помошта за Украина.
Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин предупреди дека Путин се уште се надева дека ќе постигне победа во Украина. Остин, исто така, понуди гаранции за „непоколебливата“ американска поддршка за земјата.
„И покрај неговите злосторства и покрај неговата изолација, Путин сè уште верува дека може да ја надживее Украина и да ја надживее Америка. Но, тој греши“, рече Остин за што доби аплауз.
„Американските обврски мора да се почитуваат“, додаде тој, очигледно апелирајќи до Конгресот.
Конгресот одобри повеќе од 110 милијарди долари за Украина од руската инвазија во февруари 2022 година, но не одобри никакви средства откако републиканците го презедоа Претставничкиот дом од демократите во јануари.
До средината на ноември, Министерството за одбрана искористи 97 отсто од дополнителните финансирања од 62,3 милијарди долари за Украина, а Стејт департментот ги искористи сите 4,7 милијарди долари воена помош за Украина што му беа доделени, изјави минатата недела директорката на Канцеларијата за управување и Буџет на Белата куќа, Шаланда Јанг.