Зеленски: Пешадијата на фронтот би можела да заработува до 6.000 евра месечно - Канал 5

Зеленски: Пешадијата на фронтот би можела да заработува до 6.000 евра месечно

Украина ќе ги зголеми платите на војниците и ќе се обиде да привлече повеќе борци од странство, објави во петок претседателот Володимир Зеленски.

Зеленски: Пешадијата на фронтот би можела да заработува до  6.000 евра месечно

Овие потези доаѓаат во време кога армијата се соочува со сериозен недостиг на персонал по четиригодишната војна со Русија, објави Ројтерс.

Владата на Зеленски објави во мај дека ќе разгледа можни мерки за зголемување на бројот на војници, откако разговорите со Русија за завршување на војната беа во застој. По состанокот со клучните министри, Зеленски во своето дневно обраќање рече: „Се договоривме како финансиски да ја зајакнеме нашата одбрана и да продолжиме со трансформацијата на украинската армија“. Тој додаде дека владата ќе одобри специфичен механизам и дека првите нови исплати треба да започнат уште во јуни.

Зголемени трошоци за одбрана

Украина обезбеди заем од 90 милијарди евра од Европската Унија, што ѝ овозможува на владата да ги зголеми трошоците за одбрана оваа година на рекордни 4,4 трилиони гривни (околу 82,5 милијарди евра), а средствата се очекува да почнат да пристигнуваат овој месец. Зеленски објави дека владата ќе ја зголеми основната воена плата за една третина, за 30.000 гривни (околу 600 евра).

Воените аналитичари и економисти велат дека овој потег има за цел да ја усогласи со просечната месечна плата во земјата, која постојано растеше поради недостиг на работна сила за време на војната. Пешадијците на фронтовската линија ќе добиваат просечна месечна плата од 300.000 гривни (околу 6.000 евра), во однос на сегашните 100.000 до 150.000 гривни. Исто така, ќе им биде понуден нов вид договор на одредено време за борбени мисии, со времетраење од 10, 14 или 24 месеци.

Потрагата по странски борци

Киев, исто така, сака да регрутира повеќе странски борци. „Наредив да се создадат значително повеќе можности за регрутирање странски волонтери во украинската армија и да се отворат повеќе канали за регрутирање во оваа смисла“, рече Зеленски.

Според проценките на украинските воени публикации, околу 10.000 странски волонтери од повеќе од 70 земји се приклучиле на украинската армија од почетокот на војната.

Извор: Индекс.хр

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

МОН и ЕБОР ќе соработуваат за развој на програми за обука, вештини и квалификации за зелени работни места

Министерството за образование и наука и Европската банка за обнова и развој потпишаа Меморандум за разбирање со цел да го поддржат развојот на квалификации и програми за обука за секторите за управување со отпад и циркуларна економија.

МОН и ЕБОР ќе соработуваат за развој на програми за обука, вештини и квалификации за зелени работни места

Партнерството ќе придонесе за подготовка на стандарди за занимања и квалификации, наставни планови, наставни програми и програми за обука, во согласност со Националната рамка на квалификации во Македонија. Соработката ќе ги зајакне капацитетите на образовните институции и давателите на обуки за спроведување програми што ќе им ги обезбедат на луѓето потребните вештини за современ, безбеден сектор за управување со отпад, усогласен со стандардите на Европската Унија.

Воспоставувањето на оваа соработка е дел од програма финансирана од Европската Унија, поврзана пак, со Регионалниот проект за цврст отпад, финансиран од ЕБОР. Проектот ја поддржува изградбата на санитарни депонии усогласени со европските стандарди, претоварни станици и набавка на нова опрема во регионите Пелагонија/Југозапад, Полошкиот и Вардарскиот/Југоисточниот Регион.

Современиот систем за управување со отпад не зависи само од новата инфраструктура, туку и од квалификувана работна сила способна ефикасно да управува со системот, да го одржува и да го користи. Во таа насока, иницијативата ќе поддржи креирање нови образовни патеки за учениците во средните училишта, наставниците, невработените лица, работниците кои сакаат да стекнат нови вештини и возрасните со соодветно техничко искуство, вклучително и лицата кои се соочуваат со пречки во пристапот до формалното образование и вработување.

„Со воспоставувањето на оваа соработка ќе дадеме значителен придонес кон развојот на систем за правилно управување со отпадот и дефакто придонес кон намалување на загадувањето на средината. Важна е инфраструктурата, но подеднакво важен е и кадарот. Ќе создадеме стручен кадар кој е потребен за постојните, но и за многу нови т.н. зелени работни места што во иднина ќе се отворат“, рече министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска по потпишувањето на меморандумот.

„Современата инфраструктура за управување со отпад бара квалификувана и инклузивна работна сила за да се остварат целосните еколошки, економски и социјални придобивки. Ова партнерство ќе помогне Регионалниот проект за цврст отпад да се преточи во долгорочни можности за луѓето, почнувајќи од основни обуки за оператори за управување со отпад, па сè до квалификации за технички и раководни позиции. Инвестирањето во вештини е од суштинско значење за развој на циркуларна економија усогласена со стандардите на ЕУ и за обезбедување директни придобивки за заедниците од оваа значајна инвестиција“, изјави Фатих Туркменоглу, раководител на ЕБОР за Македонија.

Шефот на Секторот за соработка при Делегацијата на Европската Унија, Стефано Елеро истакна: „Транзицијата кон модерен, одржлив систем за управување со отпадот, усогласен со стандардите на Европската Унија, подразбира многу повеќе од изградба на инфраструктура – таа значи создавање можности за луѓето и обезбедување услови сите да имаат придобивки од зелената транзиција. Преку ова партнерство инвестираме во вештините, знаењето и капацитетите потребни за развој на квалификувана работна сила, истовремено промовирајќи инклузивни и општествено одговорни можности за вработување. Со поврзување на образованието и обуките со потребите на секторот за управување со отпадот, кој е во развој, како и со интегрирање на принципите на општествена одговорност во процесите на јавни набавки, можеме да обезбедиме оваа инвестиција да донесе долгорочни еколошки, економски и социјални придобивки. Нашата амбиција е зелената транзиција да биде не само одржлива, туку и инклузивна, при што никој нема да биде изоставен.“

Министерството, ЕБОР и релевантните партнери од областа на образованието, обуките и секторот ќе формираат заедничка работна група за развој на квалификации и програми за обука што ќе одговорат на оперативните, техничките и менаџерските потреби на новиот регионален систем за управување со отпад.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Дај остави ја таа Југославија: Јанг Дади во ново издание заедно со Сеад Зеле Липовача, легендарниот гитарист од Дивље Јагоде

Што сè е подготвен да направи еден скопски „парти манијак“ за да освои девојка која повеќе верува во југословенскиот рокенрол отколку во современите љубовни тактики? 

Дај остави ја таа Југославија: Јанг Дади во ново издание заедно со Сеад Зеле Липовача, легендарниот гитарист од Дивље Јагоде

Во случајот на Јанг Дади - речиси сè. Вклучително и промена на имиџот, перика, кожна јакна, прстени и обид да се совлада една стара Лада. Во оваа музичка приказна му се придружува и Сеад Зеле Липовача, легендарниот гитарист на „Дивље Јагоде“.

Резултатот е „EX YU“, неговата нова песна, направена заедно со Андреј Ник и придружена со видео приказна во која носталгијата, хуморот и рокенролот возат во ист автомобил. Буквално.

Во центарот на приказната е Кики, ликот што го толкува Катарина Ивановска - паметна, самоуверена девојка со посебна фасцинација за Југославија и културата на едно време кое, очигледно, сè уште има што да понуди. Наспроти неа е Дади, човек на современиот скопски ноќен живот, кој брзо сфаќа дека неговиот вообичаен шарм нема да биде доволен. За да ја освои Кики, ќе мора да го напушти сопствениот стил и да се претвори во класичен југословенски рокер, со сериозни амбиции да наликува на легендарниот Зеле Липовача.

Во песната гостува токму Сеад Зеле Липовача, легендарниот гитарист на „Дивље Јагоде“, кој го отсвири гитарското соло, а се појавува и во видео спотот. Во меѓувреме, Дади се соочува со предизвиците на новиот рокерски идентитет - од совладување на старата Лада што не знае ни како да ја отвори, до нејзино туркање низ скопските улици, во кое Кики повторно мора да ја преземе работата во свои раце.

Судирот меѓу современиот стил на Дади и југословенскиот ретро-изглед е пренесен и преку изгледот на спотот. Старата Лада, архитектурата и препознатливите скопски предели не се само сценографија, туку важен дел од приказната за едно поинакво Скопје. Со доза хумор и многу рокенрол, „EX YU“ потсетува дека некои музички времиња никогаш навистина не излегуваат од мода, дури и кога автомобилите од нивното време одбиваат да „запалат“.

Проектот е издание на Авалон Продукција, а видео спотот е реализиран во продукција на Такат студио.

По новата песна, Јанг Дади го очекува и голем концерт на 30 декември во Т Арената во рамките на Спортскиот центар „Борис Трајковски“.

Влезниците се достапни преку продажната мрежа на Авалон Продукција и онлајн преку Avalon Booking.

Линк за карти за концертот:

YouTube video

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Ѓорѓиевски: Младите заслужуваат свој дом - ослободување од комуналии за млади брачни парови до 40 години

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави посебна мерка за полесен почеток и поддршка на младите семејства во Скопје. 

Ѓорѓиевски: Младите заслужуваат свој дом - ослободување од комуналии за млади брачни парови до 40 години

Со оваа мерка, младите брачни парови до 40 години и самохраните родители што сакаат да изградат свој дом ќе бидат ослободени од делот од надоместокот за уредување на градежното земјиште што му припаѓа на Град Скопје - односно 60% од вкупните комуналии, за објекти во рамките на Генералниот урбанистички план на градот.

- Сопствениот дом е темел врз кој се гради едно семејство. Место каде што почнуваат заедничките планови, каде што растат децата и каде што иднината добива своја адреса. Затоа, младите што сакаат да го изградат својот дом заслужуваат силна и конкретна поддршка од Град Скопје. Успешната практика што ја воспоставивме во Кисела Вода, првпат во историјата на државата, сега ја пренесуваме и во Град Скопје. Она што го ветив во мојата програма го претвораме во реална помош за семејствата – изјави Ѓорѓиевски.

Градоначалникот Ѓорѓиевски истакна дека доколку сите скопски општини се приклучат со ослободување и од својот дел, оваа поддршка ќе достигне 100% ослободување од комуналии.

- Ги повикувам сите мои колеги градоначалници да застанеме заедно зад оваа цел и да им го олесниме патот до сопствен дом на што повеќе семејства. Имаме можност да оставиме нешто вредно зад себе - повеќе семејства со сопствен покрив над главата и со поголема сигурност за утрешниот ден. Помал финансиски товар при изградбата значи повеќе средства за уредување на домот, за потребите на децата и за посигурен почеток на заедничкиот живот. Како што ветив, младите ќе имаат подадена рака од мене и од Град Скопје. Ќе ја имаат поддршката што им е потребна токму кога ги прават најважните животни чекори. Сакам младите тука да го градат својот дом, тука да ги растат своите деца и тука да ја гледаат својата иднина. Наша обврска е да создадеме услови за тоа. За Скопје во кое младите имаат иднина – рече Ѓорѓиевски

Градоначалникот Ѓорѓиевски нагласи дека оваа мерка е директна инвестиција во младите, во сигурноста на семејствата и во иднината на Скопје.

Мерката ќе стапи во сила веднаш по објавувањето во службените гласила, а барањето за аплицирање ќе биде достапно на веб-страницата на Град Скопје.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер