Здравствените власти апелираат пациентите да кажуваат точни податоци и да се почитуваат препораките

Околу 70 проценти од активните случаи и новозаразените со коронавирусот се во рамките на познатите кластери, но има и нови, изјави вчера министерот за здравство Венко Филипче. 

Филипче потенцира дека појавата на нови случаи е секогаш поради истата причина, а тоа непочитувањето на мерките. Тој посочи дека меѓу новите кластери се лица заразени на две свадби во Охрид и Скопје.

– На семејна прослава во Охрид со околу 200 присутни, досега се потврдени осум позитивни пациенти, 40 контакти се во изолација, додека на свадба во Скопје, на која имало стотина луѓе, досега се потврдени се 14 позитивни на вирусот. Голем проблем на епидемиолозите и инспекторите на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) им создава несоработката на присутните на таа прослава, рече Филипче, кој потенцира дека и покрај забраната, луѓето прават масовни собири, а згора на тоа не се кажуваат точни информации и не ги почитуваат препораките на Комисијата за заразни болести.

Министерот Филипче изјави дека кој било настан, вклучувајќи ги и изборите, доколку е организиран според протоколите и препораките на Комисијата за заразни болести, не претставува ризик по граѓаните.

Во однос на штипските конфекции, Филипче информира дека се земени се 778 бриса, од кои потврдени се 126 позитивни случаи и хоспитализирани во болницата се 24 лица. Сите останати се на домашно лекување или во самоизолација, во зависност од симптомите. Од решенијата вкупно издадени од ДСЗИ, 400 лица се контакти.

Тој рече дека состојбата во Штип, и во тетовско постепено се смирува, но останува жариштето во Скопје, особено населбата Чаир, каде има најголем број потврдени случаи.

Од вчера регистрираните 175 случаи, 131 се во Скопје, од кои 14 се од Чаир. Оваа скопска општина и натаму останува со најголем број заразени. Заклучно со завчерашната бројка, вкупно заразени во Чаир се 209, по што следат Бутел со 76, Аеродром и Гази Баба со по 75, Центар со 73, Карпош со 72, Сарај 64, Кисела Вода 43, Ѓорче Петров 35, Шуто Оризари 26 и Студеничани и Арачиново со по 24 заразени. Илинден има вкупно 19 заразени со КОВИД-19, Петровец шест, Чучер Сандево четири, Сопиште два, а двајца од заразените се странци.

Со вчерашните 175 заразени, вкупната бројка на заразени се искачи на 3.538, од кои активни се 1.687, а оздравени 1.682. Од почетокот на епидемијата починаа 169 лица, од кои вчера пет. Тројца од Скопје, на возраст од 59, 60 и 64 години, еден пациент од Гостивар (72) и еден од Прилеп (72).

Министерот за здравство Филипче истакна дека не е загрозена работата на ниту една јавна здравствена установа во државата и дека болниците сè уште имаат капацитет да ги згрижат заболените. Тој информира дека од понеделник медицински персонал од државата ќе се приклучи на тимовите во Градската општа болница „8 Септември". Се работи за 10 лекари и исто толку медицински сестри.

Поради големиот број на новозаболени, се одложува за една недела нормализирањето на работата на клиниките, од претходно договореното.

Матичните лекари засега не се планирани во таргетираниот скрининг на одредени критични категории на пациенти за Ковид-19, но тие можеби ќе бидат опфатени подоцна, изјави вчера Филипче.

Над 30 проценти од смртните случаи се од првиот до петтиот ден од хоспитализацијата, што е доказ дека пациентите, за жал многу доцна доаѓаат во болница. Многу е тешко да се утврди причината.

Во однос на тоа дали е почната постапка против матични лекари кои не веруваат во вирусот и не ги упатуваат граѓаните на лекување, според информација на Лекарската комора, и дали од хоспитализираните има нивен пациент, министерот Филипче рече дека има пациенти, кои многу доцна се јавуваат во болница и тоа го покажала анализата на смртност.

Филипче упати апел сите пациенти во болниците да кажуваат точни податоци, а за давањето неточни рече дека ќе инсистира тоа да се санкционира. /МИА

Ужас во Аризона: Татко си ги пронашол двете тригодишни близначки удавени во базен

Полицијата ги објави имињата на близначките кои трагично загинаа откако нивниот татко ги извлекол нивните безживотни тела од базенот во дворот.

Тригодишните девојчиња, Валентина и Пеналапи Руиз, починале во четвртокот во болница во Феникс, Аризона, соопштија официјални лица, пишува Daily Mail..

„Прелиминарните информации сугерираат дека дошло до случајно давење“, соопшти вчера полицијата.

„Во овој момент, нема ништо што откриле иследниците што изгледа сомнително“, рече пожарникарот на Феникс, Роб Мекдејд, за таткото на близнаците кој се јавил на 911.

Мекдејд додаде дека децата биле под вода „неодредено време“ пред да пристигне помошта околу 15:30 часот во четвртокот.

Девојчињата биле итно пренесени во блиската болница каде што биле прогласени за мртви, соопштија официјални лица.

Воздушните снимки од домот покажале базен во облик на бубрег што немал ограда околу него.

Расте бројот на жртвите во поплавите во Бразил- најмалку 57 загинати, 67 исчезнати (ВИДЕО)

Бројот на загинати од поројниот дожд во јужната бразилска држава Рио Гранде до Сул се искачи на 57, соопштија локалните власти, додека десетици се уште не се пронајдени, пренесува Ројтерс.

Цивилната заштита на Рио Гранде до Сул соопшти дека 67 лица се уште се водат како исчезнати, додека повеќе од 32.000 луѓе се раселени поради невремето, кое зафати речиси две третини од 497-те градови во државата, која граничи со Уругвај и Аргентина.

Поплавите уништија патишта и мостови во повеќе региони во земјата. Невремето предизвика и лизгање на земјиштето и делумно уривање на брана во мала хидроцентрала. Друга брана во градот Бенто Гонкалвес исто така е во опасност од уривање, соопштија властите.

Во Порто Алегре, главниот град на Рио Гранде до Сул, езерото Гуаиба се излеа, поплавувајќи ги улиците. Меѓународниот аеродром во Порто Алегре ги укина сите летови на неодредено време.

Во следните 36 часа се очекуваат врнежи од дожд во северните и североисточните предели на државата, но количината на врнежи се намалува и би требало да биде далеку под врвот забележан претходно оваа недела, соопшти државната метеоролошка служба.

Сепак, „нивото на водата во реките треба да остане високо неколку дена“, изјави денеска гувернерот Едуардо Леите во видеото на неговите социјални мрежи, додавајќи дека е тешко да се каже колку долго.

Рио Гранде до Сул се наоѓа на географската точка меѓу тропската и поларната атмосфера, што создава метеоролошка шема со периоди на интензивен дожд и други со суша.

Локалните научници веруваат дека оваа шема се интензивира поради климатските промени.

Обилните дождови веќе го погодија Рио Гранде до Сул во септември минатата година, кога екстратропски циклон предизвика поплави во кои загинаа повеќе од 50 луѓе. Ова се случи по повеќе од две години постојана суша поради феноменот Ла Ниња, со само слаби дождови.

Најбогатата актерка на светот има 3 милијарди долари, но ретко кој ја знае (ВИДЕО)

Кога ќе помислите на најбогатите актерки во светот, веројатно ви паѓаат на ум познати имиња како Џулија Робертс, Сандра Булок, Анџелина Џоли или Џенифер Анистон, но големи се шансите никогаш да не сте го чуле името на најбогатата актерка на светот.

Имено, оваа титула ѝ припаѓа на американската актерка Џејми Герц, чие богатство се проценува на 3,2 милијарди долари. Ако се прашувате која е, не сте единствените затоа што изгледа дека луѓето не можат да се сетат на неа.

58-годишната ѕвезда ја започнала својата кариера во 1981 година со улога во „Бескрајна љубов“ и оттогаш се појавила во голем број филмови, вклучувајќи ги „Изгубените момчиња“, „Твистер“, „Крстопат“, „Помалку од нула“, „Квиксилвер“ и „Шеснаесет свеќи“.

Покрај тоа, таа се појави во хит сериите Seinfeld, The Neighbors, Modern Family и This is Us, а неодамна глумеше во филмот „I Want You Back“ од 2022 година, но таа ретко се појавува на екранот.

Сепак, нејзиното богатство не се должи само на нејзината актерска кариера. Актерката е во брак со милијардерот и инвеститор Тони Реслер, со кого е косопственик на НБА тимот Атланта Хокс. Имаат четири деца, а интересно, кога се венчале во 80-тите, Џејми била хранителка бидејќи компанијата на нејзиниот сопруг пропаднала, но тој подоцна се опоравил и заработил милијарди.

Инаку, официјално најбогатата актерка на светот е холивудската ѕвезда Дина Мерил, чие богатство се проценува на 5 милијарди долари. Мерил починала во 2017 година, со што Џејми сега стана најбогатата жива актерка на светот.

притисни ентер