Заврши судскиот процес против Фатон Љури за смртната сообраќајка на кејот на Вардар, пресуда на 29 декември - Канал 5

Заврши судскиот процес против Фатон Љури за смртната сообраќајка на кејот на Вардар, пресуда на 29 декември

Пресудата ќе биде објавена на 29 декември.

Заврши судскиот процес против Фатон Љури за смртната сообраќајка на кејот на Вардар, пресуда на 29 декември

Со дополнување на доказната постапка и завршни зборови на обвинителството и одбраната, денеска во Основниот кривичен суд – Скопје заврши судењето против 25-годишниот скопјанец Фатон Љури, обвинет дека на 1 јули годинава управувајќи мотор „Кавасаки“ без возачка дозвола по пешачката патека на кејот на Вардар го прегазил 68-годишниот Југослав Николовски и го напуштил местото на несреќата. Пресудата ќе биде објавена на 29 декември.

Во текот на денешното рочиште одбраната достави дополнителни докази, меѓу кои медицинска документација, резултати од лабораториски анализи и радиолошки извештај, сите од 12 декември 2025 година. Бранителот на обвинетиот, адвокатот Гоце Ристески, изјави дека документацијата е обезбедена со дозвола на судот и доставена во фотокопии од Затворот Скопје.

По разгледувањето на новите докази, обвинителката Маја Џабирева Велков оцени дека тие не се спорни за ниту една страна. – Ги разгледав доказите и мислам дека се неспорни за обвинителството како и за судот, бидејќи на главната расправа што се одржуваше на 12 декември обвинетиот не се чувствуваше добро, така што оваа документација произлегува од тогаш, рече обвинителката.

Во завршниот збор обвинителката Џабирева Велков оцени дека станува збор за тешко кривично дело со висока општествена опасност и побара обвинетиот да биде казнет согласно законот.

– Наспроти силните докази во случајот, обвинетиот, свесен за стореното, даде изјава и признание на вина, поради што ќе побарам од Судот да го казни согласно законот. Со оглед на околностите на случајот, се работи за тешко кривично дело со висок степен на вина и општествена опасност, каде што казната треба да обезбеди правична сатисфакција за загубениот живот, да влијае врз спречувањето вакви постапки да се повторуваат во иднина и да претставува можност за сторителот да ја сфати сериозноста на последиците од своето несовесно и незаконско постапување, посочи Џабирева Велков.

Судската одлука, додаде таа, треба да ја има предвид запретената казна и јавниот интерес во заштитата на човечкиот живот, бидејќи, како што рече, сведоци сме на секојдневни сообраќајни незгоди со смртни последици, особено на улиците во главниот град. – Верувам дека никој од нас присутните, ниту останатите сограѓани, не се чувствува пријатно кога се движи по улиците поради сѐ почестите вакви настани, рече обвинителката.

Џабирева Велков подвлече дека казнената политика во вакви случаи треба да придонесе кон изградба на повисоки стандарди на лична одговорност кај учесниците во сообраќајот.

– Поради тоа, сметам дека Судот во овие случаи, преку заострена казнена политика, мора да влијае врз изградбата на високи стандарди за лична одговорност на секој учесник во сообраќајот, како и врз создавањето чувство на безбедност. За жал, не постои начин да се врати изгубениот живот. Со неговата ненадејна смрт, семејството претрпе тешка и ненадоместлива загуба. Сопругата и двете ќерки и денес се во длабока тага и траума поради настанот, рече Џабирева Велков.

Посебно ја нагласи и душевната болка на една од ќерките на починатиот, која по несреќата дознала дека го загубила своето бебе во третиот месец од бременоста.

– Ќе побарам од Судот обвинетиот да го огласи за виновен и да му изрече казна согласно законот, со санкција преку која сторителот ќе ја почувствува последицата што ја предизвикал и која ќе влијае тој, но и другите граѓани, во иднина да не извршат слично дело, рече подвлече обвинителката.

Во својот завршен збор, бранителот Гоце Ристески побара Судот да ги земе предвид и олеснителните околности што се однесуваат на обвинетиот и неговото семејство.

– Овој обвинет живее во вонбрачна заедница повеќе од три години, оваа околност се однесува на личните и семејните прилики. Избраничката на обвинетиот на 9 мај 2025 година исто така во сообраќајна несреќа го губи својот брат, Ален Цирковиќ. Трагедијата да биде уште поголема, по смртта на својот брат, вонбрачниот партнер прави сообраќајна несреќа и завршува во притвор. Таа поради тоа посегнала по својот живот, испила таблети и завршила на Токсикологија, но за среќа без последици, рече Ристески.

Додаде дека судот располага и со психијатриско вештачење од 10 декември 2025 година кое го потврдува влијанието на настанот врз психичката состојба на партнерката на обвинетиот.

– Оваа состојба има тешко и дестабилизирачко влијание врз вонбрачниот партнер на обвинетиот, при што настанот предизвикал нарушено секојдневно функционирање, истакна бранителот.

Во заклучок, тој наведе дека обвинетиот е свесен за својот чин, дал признание и изразил искрено жалење за последиците, додавајќи дека согласно претходната судска пракса, за вакви дела се изрекуваат казни од три и пол до пет години затвор.

Обвинителството го товари Љури за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот и за неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода. Според обвинението, тој управувал мотор без дозвола по пешачка патека со брзина од 35 километри на час, што се смета за небезбедно на локација предвидена исклучиво за пешаци. По несреќата, обвинетиот го напуштил местото на настанот.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Видео: Жестока тепачка по турското дерби меѓу фудбалерите

Најголемото дерби во Турција, помеѓу Фенербахче и Галатасарај, заврши со тепачка меѓу играчите на теренот.

Видео: Жестока тепачка по турското дерби меѓу фудбалерите

Најголемото дерби во Турција заврши со победа на Галатасарај над Фенербахче (2:1), но натпреварот го одбележа хаос што настана веднаш штом судијата го означи крајот – и тоа меѓу фудбалери.

Прво дојде до кошкање, а потоа и до физички судир меѓу Арчи Браун и Абдулкерим Бадакчи.

Тие почнаа да разменуваат удари, паднаа на земја, а соиграчите и членовите на стручниот штаб веднаш интервенираа за да спречат уште посериозни инциденти.

Во еден момент, ситуацијата целосно излегла од контрола. До тој степен што полицајци морале на влезат на теренот за да спречат уште поголема тепачка. Играчите никако не можеа да се смират – имаше шутирање, туркање, закани...

Јасно е дека федерацијата ќе отвори истрага и дека ќе следат строги казни. Што се однесува до самиот натпревар, Виктор Осимен постигна два гола за победничкиот тим, додека Ирфан Кавеџи беше стрелец за гостите.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Герасимовски: Центар е лидер во локалната енергетска транзиција, до крајот на мандатот сите образовни објекти ќе добијат фотоволтаични централи

„Веќе имаме поставено фотоволтаични централи на детската градинка „Корчагин“, клон „Пепелашка“, како и на основните училишта „Киро Глигоров“ и „Св. Кирил и Методиј“. 

Герасимовски: Центар е лидер во локалната енергетска транзиција, до крајот на мандатот сите образовни објекти ќе добијат фотоволтаични централи

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, учествуваше на панел-дискусијата „Кој ја обликува праведната зелена транзиција“, во рамки на Социо-еколошкиот форум во организација на Фондацијата „Фридрих Еберт“, каде ги претстави локалните политики и конкретните чекори што ги презема општината за енергетската транзиција, заштитата на зеленилото и унапредувањето на јавните простори.

Тој посочи дека општината со формирањето на „Енергија Центар“ во 2023 година, првото општинско претпријатие во државата за производство и продажба на електрична енергија од обновливи извори, стана лидер во процесот на енергетската трансформација.

„Веќе имаме поставено фотоволтаични централи на детската градинка „Корчагин“, клон „Пепелашка“, како и на основните училишта „Киро Глигоров“ и „Св. Кирил и Методиј“. Следен објект е ООУ „Димитар Миладинов“, каде по завршувањето на реконструкцијата на покривот ќе бидат инсталирани фотоволтаични централи. Наша цел е до крајот на мандатот сите образовни објекти под надлежност на Општина Центар да добијат фотоволтаични централи“, истакна Герасимовски.

Градоначалникот нагласи дека зелената транзиција подразбира и јавни простори што се пристапни за сите, вклучително и за постарите лица, лицата со попреченост и родителите со детски колички. Затоа, граѓаните треба да бидат вклучени уште во фазата на планирање, а не само да се консултираат откако проектите ќе бидат подготвени.

Општина Центар располага и со Зелен катастар и ГИС-портал, преку кои се евидентира, следи и планира зеленилото врз основа на конкретни податоци. Овие алатки овозможуваат подобар увид во состојбата со зелените површини и поодговорно планирање на нивната заштита и унапредување.

„Зелената транзиција не е само прашање на екологија и енергија. Таа е прашање на еднаквост, достапност и квалитет на живот. Ако сакаме навистина зелен и праведен град, мора да го градиме заедно со граѓаните, а не само за нив“, порача Герасимовски.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Фото: Куче германски овчар нападна поранешен фудбалер на Ливерпул: Заврши во болница со повеќе од 50 конци

Поранешниот фудбалер на Ливерпул, Џермејн Пенант, заврши во болница откако бил нападнат од германски овчар додека го шетал своето куче. 

Фото: Куче германски овчар нападна поранешен фудбалер на Ливерпул: Заврши во болница со повеќе од 50 конци

Додека бил во прошетка, поранешниот фудбалер на Ливерпул, Џермејн Пенант, бил нападнат од германски овчар, при што се здобил со сериозни повреди на ногата.

Тој завршил во болница, каде што лекарите му ги санирале раните од каснувањата и му ставиле повеќе од 50 конци.

Инцидентот се случил кога Пенант се обидел да го заштити своето куче, американска акита по име Кинг. Германскиот овчар прво го нападнал неговиот миленик, а поранешниот фудбалер веднаш реагирал за да го спречи судирот. Сепак, кучето потоа го нападнало него и го соборило на земја.

Пенант им раскажа сè на британските медиуми, опишувајќи ги моментите што се претворија во вистински кошмар. Како што изјави, кучето му ја држело ногата во вилиците најмалку пет секунди, додека тој лежел на земја.

„Беше навистина страшно. Другото куче го нападна Кинг, па јас скокнав да го заштитам.

Во следниот момент, кучето ме нападна мене. Завршив на земја, а тоа ми ја држеше ногата во вилиците најмалку пет секунди“, рече Пенант, додавајќи дека нема намера да го пријави инцидентот во полиција. Фотографиите што ги сподели поранешниот фудбалер покажуваат сериозни повреди на десната потколеница.

Лекарите санирале четири рани од каснување, но го предупредиле дека една особено тешка повреда можеби ќе бара хируршка интервенција.

Во текот на својата кариера, Пенант настапуваше за повеќе англиски клубови, меѓу кои Арсенал, Ливерпул, Бирмингем Сити, Лидс Јунајтед, Портсмут и Стоук Сити.

Својата професионална кариера ја заврши во 2018 година, на 36-годишна возраст, по 17 години поминати во фудбалот. Во Премиер лигата забележа вкупно 231 настап.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер