Заврши најсмртоносната мисија на ОН- за 10 години загинале 300 „сини шлемови“

Обединетите нации денеска ја завршија 10-годишната мировна мисија во Мали, по барање на владата на земјата, која рече дека силите на светската организација се несоодветни да одговорат на растечкиот насилен екстремизам во оваа западноафриканска земја.

„Товарот во Мали беше огромен и тежок“, рече командантот на силите на ОН од 13.000, Мамаду Гаје, на церемонијата на завршување во главниот град Бамако, пренесува АП.

Тој изрази уверување до безбедносните сили на Мали дека ќе ја решат кризата во земјата.

За 10 години загинале повеќе од 300 членови на мировната мисија на ОН во Мали, што ја прави најсмртоносна мировна мисија во светот, наведува американската агенција.

Малиските власти се борат да го задржат бунтот на исламистичките екстремисти од 2012 година.

Тие беа турнати во градовите на северот на земјата, благодарение на операцијата предводена од Франција, чии војници ја напуштија земјата минатата година.

Меѓутоа, бунтовниците се прегрупираа и почнаа да ја напаѓаат војската на Мали и нејзините сојузници, вклучително и силите на Обединетите нации.

Во јуни, владејачката воена хунта побара од мисијата на ОН да ја напушти земјата.

Во Србија подарок од 5.000 евра за секој купувач на електричен автомобил

Властите во Србија синоќа најавија дека од буџетот ќе бидат издвоени по 5.000 евра за секој кој ќе купи нов електричен автомобил што ќе се произведува во фабриката во Крагуевац.

-Ако автомобилот чини 22 или 23 илјади, имате пет илјади од нас, секој клиент, најави српскиот претседател, Александар Вучиќ.

Како што беше најавено, денеска и официјално ќе биде означена реализација на проектот во фабриката Стелантис во Крагуевац, што се однесува на почеток на производство на електричниот автомобил „Фиат Гранд панда“.

На церемонијата ќе присуствуваат претседателот на Србија, Александар Вучиќ и Карлос Таварес, главен извршен директор на Стелантис.

Нетанјаху ќе се сретне со Бајден

Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху во текот на неделата ќе се сретне со претседателот на САД, Џо Бајден во Белата куќа, изјави неименуван американски извор.

Средбата ќе се одржи како што е планирано и покрај повлекувањето на Бајден од претседателската трка, изјави анонимен американски функционер. Сè уште не е утврден точниот датум бидејќи Бајден заздравува од Ковид-19.

Нетанјаху на 24 јули треба да се обрати во Конгресот. Се очекува тој да се сретне и со потпретседателката Камала Харис.

Јанчев: Спроведено второ авионско прскање против комарци

Утринава беше спроведено второто авионско прскање против комарци, објави градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев. 

Со третирањето беше опфатено течението на реката Луда Мара од с. Марена, целото градско подрачје, с. Ваташа па се до брана Моклиште.

Изведувач на работата е фирмата Бониер од Куманово, напиша Јанчев на социјалните мрежи.

притисни ентер