Во моментов се прават контроли во уште девет дискотеки кои имаат активни лиценци, соопшти владината портпаролка Марија Митева.
На терен секојдневно контролите ги вршат по 10-тина тимови составени од повеќе надлежни институции во кои учествуваат ДПИ, МВР, Финансова полиција, трудови инспектори и од УЈП, а за сите што ќе бидат уврдени нерегуларности, до министерството за економија ќе биде испратено барање за одземање на лиценцата, забрана за вршење на дејност и сите казнени одредби кои што се возможни согласно закон. Засега не се соопштуваат имињата на трите затворени објекти и од кои градови се.
-Последните инспекции утврдија сериозни регулаторни прекршувања. Од вчера направената контрола на 12 објекти со активна важечка лиценца до овој момент е утврдено дека три од ниве не исполнуваат минимум технички услови, а сепак имаат активна лиценца за вршење на дејност. За останатите девет ве информирам дека се уште е во тек проверката на документацијата. Во однос на ваквата состојба веднаш до министерството ќе биде испратено барање за одземање на лиценцата – забрана за вршење дејност и сите казнени одредби согласно закон ќе бидат преземени, изјави Митева.
Во рамки на засилените контроли во ноќните клубови и кабареа, од МВР соопштија дека е приведен 58 годишен сопственик на кабаре од Куманово кои го затекнале како од неговото паркирано возило пред објектот изнесува противпожарни апарати и ги внесува во клубот. Веднаш потоа, полициските службеници од СВР Куманово извршиле контрола во објектот и пронашле и одзеле пиротехнички средства. И покрај ваквите случаи со работење на „диво“, од Владата уверуваат дека ќе се бара закконско работење од сите.
-Сите ќе бидат проверени. Дури и оние кои немале лиценца, вршеле работа, и оние коишто ја имале и работеле, сите до еден ќе бидат проверени согласно законите, кажа Митева.
Во меѓувреме владината портпаролка соопшти дека 119 лица од семејствата на повредените се безбедно транспортирани и сместени во странство. Надлежните ќе бидат во постојан контакт со сите семејства на повредните на кои ќе им биде обезбеден транспорт и соодветно сместување во близина на болниците кадешто се сместени нивните најблиски, изјави Митева.