Започна 16-тата Школа за млади лидери „Младинска агенда за одржлив свет“ - Канал 5

Започна 16-тата Школа за млади лидери „Младинска агенда за одржлив свет“

Синоќа започна 16-тата Школа за млади лидери на претседателот Ѓорге Иванов, која ќе се одржува во следните две недели, во периодот од 3 до 16 ноември 2025 година.

Започна 16-тата Школа за млади лидери „Младинска агенда за одржлив свет“

Програмата се реализира комбинирано, онлајн до 7 ноември и со целодневна програма од 9-16 ноември 2025 година во Хотел Инекс Олгица во Охрид. Со овогодинешната тема „Младинска агенда за одржлив развој“, школата е посветена на Целите за одржлив развој на ОН, како глобална иницијатива која ја поттикнува и младинската улога во создавањето на праведни, инклузивни и одржливи општества.

На отворањето се обратија основачот на Школата, Претседателот Ѓорге Иванов, Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, Претседателот на Freedom House Герардо Бертин, како и г. Фелипе Паулиер, помошник Генералниот секретар на Обединетите нации за младински прашања, кој испрати видео порака до учесниците.

Претседателот Иванов, поздравувајќи ја новата генерација учесници на Школата за млади лидери, се осврна на главната тема на 16-тата Школа и на Целите за одржлив развој на Обединетите нации и Агендата 2030, единствената глобална рамка што нуди излез од кризите и предизвиците со кои се соочува човештвото, зад која застанаа сите земји членки на ОН. Во своето обраќање тој посочи дека постојат бројни причини поради кои овие цели сеуште не се целосно остварени, но дека младите располагаат со највредните ресурси како надежта, енергијата, креативноста и можностите, за да придонесат кон нивно решавање. Во таа насока, тој истакна дека вештачката интелигенција мора да се користи како алатка за креативни решенија на предизвиците во сите области, потенцирајќи дека во ова време се бара нова дефиниција на лидерството – лидер кој ќе може да одговори на комплексноста на современиот свет. Иванов нагласи дека лидерот на иднината треба да биде способен да одговори на она на што не може да одговори вештачката интелигенција и тоа со својата емоционална интелигенција, интуиција, етичност, креативност и човечност, карактеристики кои го прават човекот незаменлив. Посочи дека лидерите на иднината не треба да се натпреваруваат со вештачката интелигенција, туку да создаваат синергија со неа. Наместо стравот, младите треба да посегнат кон надежта и да развиваат одговорен пристап кон новите технологии, користејќи ги нивните придобивки и поставувајќи етички механизми кои ќе спречат нивна злоупотреба.

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, алумнист на Школата за млади лидери, истакна дека вистинската трансформација започнува со внатрешната култура на лидерството, како размислуваме, одлучуваме и се однесуваме кога никој не не гледа. Тој предупреди да не се фокусираме само на реформите на општеството, без да се реформираме себеси, бидејќи трансформацијата е и лична промена. Лидерството бара храброст и иницијатива, а лидерските вештини не се наследуваат, туку се обновуваат и реинвентираат во секоја генерација. Андоновски нагласи дека Македонија има потреба од млади лидери кои нема да ги копираат старите стилови на политиката и менаџментот, туку ќе ја редефинираат интегритетот, заслугите и храброста. Тој го истакна примерот со градоначалникот Божинов, кој го освои вториот мандат благодарение и на мрежата на млади лидери што се запознале на Школата и го поддржале неговото номинирање и кандидатура, покажувајќи како влијанието на Школата се шири во реалниот живот.

Дигиталната трансформација ја спореди со национална трансформација, каде системите треба да им служат на луѓето, а не на самите себеси. Новите теми на Школата, како што се етика на вештачката интелигенција, аналогно лидерство во дигиталниот свет, или одржливоста, се воведуваат за првпат и ќе станат дел од главните дискусии во иднина. Во свет управуван од алгоритми, човечката проценка ќе прави разлика.

Андоновски потсети дека постојат три типа луѓе: оние што чекаат, оние што набљудуваат и оние што започнуваат промени, при што иднината припаѓа на оние што дејствуваат. Тој се заблагодари на претседателот Иванов за посветеноста во создавање генерации лидери и нагласи дека вистинското наследство на Школата не е продолжување на старото, туку создавање на нешто ново што започнува во мали кругови и се шири низ општеството и нацијата.

Претседателот на Freedom House Герардо Бертин ја поздрави 16-тата Школа за млади лидери на претседателот Иванов како меѓународно призната и престижна програма која инвестира во растечки лидери, создавајќи простор за учење, менторство и акција. Тој објасни како се подготвува годишниот извештај „Freedom in the World“, кој ја оценува слободата во околу 200 земји и територии, користејќи методологија базирана на Универзалната декларација за човекови права. Во извештајот за 2024 година, Бертин истакна дека слободата опаднала во 42% од светското население поради насилство, репресија, нерегуларни избори, вооружени конфликти и авторитаризам, додека подобрување имало само во 15% од случаите. Тој нагласи дека овие трендови имаат човечки последици, влијаат на новинари, активисти, политичари и млади граѓани, и ја поттикнуваат недовербата во изборните процеси, поларизација и закани кон демократските институции. Според Бертин, постојат три главни линии на закани: манипулирани и неправедни избори, трајни конфликти и присила, и ширење на авторитаризмот преку медиумска контрола, транснационална репресија и нови технологии за надзор. Бертин посочи дека, и покрај овие предизвици, многу земји покажуваат отпорност и напредок благодарение на организираноста на граѓанското општество, активности на новинари и учество на граѓаните. За младите лидери, тој нагласи дека нивната улога е клучна за демократската обнова. Истакна три начини на нивна вклученост: зајакнување и заштита на институциите, одбрана на информативниот екосистем и медиумската писменост, и ширење на демократијата преку инклузија и активно учество на граѓаните. Бертин ги повика младите да бидат иновативни, да изберат арена за акција, како институции, информации или инклузија, и да спроведат конкретни проекти во наредните денови, со цел да водат и обликуваат демократска и отпорна иднина.

Со срдечни поздрави до 16-тото издание на Школата за млади лидери како институција која го олицетворува потенцијалот на младите, образованието и визијата да ја обликуваме нашата заедничка иднина, г. Фелипе Паулиер, помошник Генерален секретар за младински прашања на ОН, нагласи дека општата тема на оваа школа, младинска агенда за одржлив свет, е повеќе од соодветна за времето во кое живееме. Потенцираше дека во светот околу нас, гледаме итна потреба за иновативно, одговорно и инклузивно лидерство. А младите лидери се тие кои не се плашат да го предизвикаат статус-квото и кои разбираат дека иднината зависи од нивните идеи и постапки и од нивната непоколеблива посветеност. Им посака успех во програмата, во која учесниците се опремуваат да се соочат со глобалните предизвици, како климатските промени, социјалните нееднаквости и политичката нестабилност. Нагласи дека лидерството не е ограничено на коридорите на моќта, туку дека се покажува во секојдневните постапки - кога се бориме за правда, кога негуваме дијалог, кога се грижиме за околината и кога градиме мостови меѓу разликите. Дека секој млад лидер носи потенцијал да биде катализатор за трансформација во неговата заедница, во неговата земја и пошироко. Порача дека треба да градиме иднина каде идеите водени од младите ја покажуваат патеката кон помирен, поправеден и поодржлив свет.

Школата за млади лидери претставува уникатна платформа за талентирани и ангажирани млади луѓе од различни средини. Учесниците, внимателно селектирани според нивните академски достигнувања, лидерски потенцијал и општествен ангажман, се идентификувани како идни лидери кои ќе придонесат во изградбата на мирна, праведна и просперитетна иднина. На овогодинешната школа учествуваат четириесет учесници, од кои една третина се од странство, што го потврдува меѓународниот карактер на програмата.

Преку предавања, работилници и практични проекти, повеќе од дваесет предавачи и говорници од Македонија и од странство ќе споделат знаење и искуство со младите. Целта е да се поттикне нивниот капацитет за иновативно размислување, соработка, и спроведување на позитивни општествени промени. Меѓу предавачите на оваа школа ќе бидат истакнати експерти, универзитетски професори, високи претставници и претприемачи од земјата и од светот, меѓу кои: Претседателката на Унгарија (2022–2024) г-ѓа Каталин Новак; проф. д-р Џефри Сакс, светски познат професор по економија, директор на Центарот за одржлив развој при Универзитетот Колумбија и Адвокат за одржливи развојни цели на генералниот секретар на ОН; Владиката г. Георгиј, митрополит на Дебарско-кичевската епархија; Мајкл Дуби, поранешен заменик-командант на United States Northern Command; д-р Рашела Мизрахи, пратеник во Собранието на Република Македонија; проф. д-р Ѓорѓија Петкоски, предавач на Школата Вартон, Универзитетот на Пенсилванија и гостин-професор на Универзитетот во Белград; проф. д-р Роберт Стеркен, претседавач на Катедрата за политички науки на Универзитетот на Тексас во Тајлер; Филип Нелковски, истражувач и стипендист на Stanford CDDRL; Лазар Поп Иванов, раководител на секторот за експериментирање во канцеларијата на УНДП во Македонија; Петар Ниновски, основач на Brainster Group и извршен директор на AIatWork.ai; проф. д-р Разаман Акташ, директор на Центарот за континуирано образование и професор на Одделот за бизнис администрација на Универзитетот ТОББ; Анастасија Илиевска, менаџер на Brainster Next College, новинарка и уредник во Алфа ТВ, претседателка на ISLAA, Школа 14-та генерација; Зоран Костовски и Ранко Безар од Мотива; Јакуб Популар, раководител на меѓународен бизнис развој во Mindworx и тренер за потрошувачка психологија; д-р Александар Митов, специјалист по медицина на животен стил и основач на Dr. Mitov Health Ecosystem, Школа 1-ва генерација; м-р Ивана Хаџиванова, психолог и психотерапевт; како и членовите на Алумни асоцијацијата ISLAA - Ѓорѓе Божинов, градоначалник на Општина Ново Село, Школа 6-та генерација; Даниел Ѓокески, Дизајнер за учење и искуство на вклученост, Школа 1-ва генерација и прв претседател на ISLAA; Нина Ачераоу, Институт за културна дипломатија, меѓународна дипломатија, Школа 14-та генерација; Илина Пејоска Затуроски, Стратег за дигитални производи и AI Experience Architect, специјалист за дигитални медиуми, водител на подкаст, Школа 11-та генерација; Панче Коцев, писател, магистер по криминалистика, вработен во МВР, Школа 13-та генерација; и Хепи Манго, Прв секретар за развој при Амбасадата на Република Малави во Берлин, Германија, Школа 15-та генерација.

Со крајна цел инвестиција во идните и потенцијални лидери, овој проект е целосно поддржан од бизнис секторот во земјата. Спонзори и поддржувачи се повеќе општествено одговорни компании од Република Македонија и од странство, некои од самиот почеток на школата. Меѓу поддржувачите на Школата се: ТИКА, Хотел „Инекс Олгица“ Охрид, Државна лотарија на Македонија, ТАВ Македонија, EVN, Микросам, АТО, Алкалоид АД Скопје, Витаминка АД Прилеп, Делфино (Sixt), Петрол Оил Компани, Туркиш Ерлајнс, А1 Македонија, Обединета македонска дијаспора, HalkBank, Еко Флуид, Езимит, Скопска Пивара и Мотива.

Организатори на Школата се Кабинетот на поранешниот Претседател д-р Ѓорге Иванов, Меѓународниот центар „Алијанса на цивилизациите“ (ICAC) и Алумни Асоцијацијата „Иванов Школа за лидери“ (ISLAA).

Школата за млади лидери е иницијатива на претседателот Иванов, започната во 2010 година, на почетокот на неговиот прв претседателски мандат. Во изминатите 15 изданија, преку програмата поминале околу 600 млади од земјата и странство, а речиси 400 реномирани предавачи од Македонија, Европа и светот го споделиле своето знаење и искуство. Во 2018 година, проектот „Школа за млади лидери на Претседателот Иванов“ беше прогласен за најдобар социјално одговорен проект во Европа за 2017 година од страна на Светскиот инвестициски форум на бизнис ангели.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Мајка од пеколот: Тримесечното синче било пронајдено мртво со кокаин во организмот, ја осудија на две години

Триесет и шестгодишна жена е осудена за смртта на нејзиното тримесечно бебе во 2022 година, кое починало откако било пронајдено во несвест со кокаин во неговиот организам.

Мајка од пеколот: Тримесечното синче било пронајдено мртво со кокаин во организмот, ја осудија на две години

Бебето, Алистер фон Ли, било прогласено за мртво во болница во Ланкашир, Велика Британија, на 9 август 2022 година, неколку часа откако беше оставено без надзор во автомобил подолг временски период во еден жежок летен ден.

Неговата мајка, 36-годишната Џоана Ли, се изјасни за виновна за злоупотреба на деца, соопшти полицијата во Ланкашир во вторник, 24 ноември, објави списанието „Пипл“.

Истрагата откри ужасно злоставување на кое Ли го подложил детето во деновите пред неговата смрт.

На 8 август 2022 година, Ли нацртала превртен крст со крв на челото на Алистер, а потоа направила фотографии и видеа што потоа им ги испратила на пријателите, соопшти полицијата во Ланкашир.

Полицијата соопшти дека таа се „однесувала неправилно“ тој ден, вклучително и возење со дупната гума и под дејство на кокаин додека Алистер бил во автомобилот.

Го оставила детето само во возилото подолг временски период на жежок летен ден, додека тој бил гладен и плачел, соопшти полицијата.

Рано наутро на 9 август, полицајците пристигнале во домот на Ли по пријава дека Алистер не дише. Ја пронашле Џоан Ли, нејзината мајка, како му дава кардиопулмонална реанимација на детето.

Полицијата дознала дека Ли ја повикала нејзината мајка на Фејсбук и ѝ рекла: „Мамо, Алистер е мртов“.

Детето било прогласено за мртво во болницата околу еден час подоцна.

Властите, исто така, пронашле кокаин во системот на Алистер, за кој веруваат дека бил внесен преку мајчиното млеко. Полицијата вели дека Ли лажела за време на сослушувањето, тврдејќи дека нејзиното млеко можеби било извалкано со нешто и се обидела да обвини пријател.

Полицијата во Ланкашир во вторникот соопшти дека Ли може да биде обвинета само за злоупотреба на деца бидејќи причината за смртта на Алистер не може да се утврди.

Таа е осудена на две години затвор.

„Ова беше длабоко вознемирувачки случај кој за жал доведе до тоа Алистер да го изгуби животот на само три месеци“, изјави детективот полицаец Кон Кили Пауел од полицијата во Ланкашир, додавајќи дека Ли покажала малку каење за своите постапки.

„Ќе продолжиме напорно да работиме со нашите партнери за да ги заштитиме децата како малиот Алистер од злоупотреба, да ги едуцираме и поддржуваме родителите, но пред сè да ги заштитиме децата, да бидеме нивниот глас и да спречиме повторно да се случат овие трагични инциденти“, рече Пауел.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Мистериозни луѓе- кртови се снимени во Њујорк, петмина излегуваат од канализација (ВИДЕО)

Пет лица биле забележани како излегуваат од канализација на Менхетен во раните утрински часови, што е најновиот во низата мистериозни случаи на таканаречени кртови, соопшти полицијата.

Мистериозни луѓе- кртови се снимени во Њујорк, петмина излегуваат од канализација (ВИДЕО)

Група неидентификувани лица биле забележани како излегуваат од канализација во близина на Втората авенија и Источната 17-та улица околу 5 часот наутро во среда.

Досега нема апсења

Објавените фотографии ги прикажуваат необичните „истражувачи“ со фенерчиња, лопати и работни ракавици кратко откако излегле.

Властите велат дека се верува дека една жена и четворица мажи излегле од канализацијата. Потоа петмината влегле во црвена лимузина, управувана од друга жена, пред да исчезнат.

Сè уште нема апсења, а инцидентот е под истрага, објавува „Њујорк пост“.

Случајот е најновиот во низата сомнителни влегувања во канализацискиот систем на Њујорк во последните месеци, што покренува прашања за мистериозните групи на таканаречени кртови кои го истражуваат подземјето на градот.

„Барале вредни предмети“

Полицијата соопшти дека друга група урбани истражувачи биле забележани како излегуваат од канализациска шахта на Ист Сајд на Менхетен во раните утрински часови на 6 октомври. Не беше веднаш јасно зошто се впуштиле во таква експедиција.

Меѓутоа, во септември, две лица беа уапсени откако беа откриени како истражуваат канализации во истиот дел од градот.

Нивната авантура ги однесе до простор под хотелот каде што престојуваше израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за време на Генералното собрание на Обединетите нации, соопшти полицијата и извори запознаени со случајот.

Еден од двајцата обвинети, венецуелски државјанин, им кажал на властите дека влегол во канализацијата „барајќи вредни предмети што биле заглавени во одводите“. Сепак, експертите предупредуваат дека е малку веројатно златото, среброто и другите вредни предмети всушност да можат да се најдат во подземните канализациски системи.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Мисирка не сака да стане вечера за Денот на благодарноста- и полицијата ја брка по автопат (ВИДЕО)

Дива мисирка предизвика брканица на Гарден Стејт Парквеј во американската држава Њу Џерси кога почна да бега од полициско возило, движејќи се меѓу сообраќајните ленти во пресрет на Денот на благодарноста.

Мисирка не сака да стане вечера за Денот на благодарноста- и полицијата ја брка по автопат (ВИДЕО)

Инцидентот се случил во среда, еден ден пред американскиот празник Денот на благодарноста, а полицијата на државата Њу Џерси објави видео од брканицата на социјалната мрежа X.

Безбедно го напуштила патот

Видеото ја прикажува мисирката како трча по автопатот со четири ленти, додека полициско возило ја следи со вклучена сирена. Во еден момент, птицата дури се обидела да лета во средината на патот.

„Вчера, мисирка одлучила дека не сака да заврши како главно јадење и повела полицаец во необична брканица по Гарден Стејт Парквеј“, соопшти полицијата.

На крајот од видеото, кое трае 22 секунди, птицата може да се види како се оддалечува кон тревна површина покрај патот.

Полицијата соопшти дека мисирката успеала безбедно да го напушти патот и да го избегне сообраќајот, но и да избегне да заврши на празничната трпеза.

Средби со диви мисирки

Ова не е прв пат дива мисирка да биде во центарот на вниманието на патиштата во Њу Џерси.

Во 2009 година, властите речиси се откажаа од обидот да фатат дива мисирка која се населила на крстосницата 14Б на автопатот Њу Џерси.

Вработените во патарината ја нарекоа Тами, а службениците на државната служба за рибарство и див свет на крајот успеаја да ја фатат со мрежа, објави ABC.

Слични средби со диви мисирки се случиле и во други американски држави.

Полицијата на државата Висконсин соопшти дека мисирка во Гранд Шут не покажала страв од полицајците и ги сфатила обидите на полицајците да ја избркаат од патот како предизвик.

Откако полицаецот се обидел да ја тргне со маневрирање со своето службено возило, птицата почнала да ја клука гумата на неговиот автомобил.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер