Запленетиот кокаин во Крушопек, дел од голема количина со крајна дестинација во земјава, засега приведени четворица

Еден килограм запленет кокаин, кој бил дел од многу голема количина дрога, чија крајна дестинација била нашата земја, приведени четири лица.

Ќе биде отворена финансиска истрага за правното лице во чии простории е пронајдена дрогата, истрага за евентуална вмешаност на други физички и правни лица, засега се резултатите од вчерашната акција на полицијата во селото Крушопек во скопски Сарај.

Ова денеска на прес-конференција го изнесе министерот за внатрешни работи Наќе Чулев, кој не сакаше да каже за колква количина на дрога станува збор, со оглед на тоа што некои медиуми излегоа со написи дека вкупно пратката содржела 1,3 тони кокаин, нагласувајќи дека во моментот во интерес на истрагата не може да кажува официјално такви податоци, но напомена дека станува збор за „многу, многу голема количина".

Тој истакна дека дрогата била по потекло од Колумбија, а кокаинот е пронајден во магацин за овошје на правното лице Банекс компани ДООЕЛ.

Операцијата се спроведувала од 17 до 19 февруари, а до доцна синоќа Единицата за специјални операции вршела претреси во магацинот на Банекс компани ДООЕЛ, која во 120 наврати извршила увоз на овошје во најголем дел од Колумбија, а во помал обем и од Еквадор.

-Одделот за сузбивање на организиран и сериозен организиран криминал, Единицата за недозволена трговија со дрога во период од 17 до 19 февруари 2020 година во координација со јавен обвинител од ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција, а во рамки на меѓународна полициска соработка во која беа вклучени повеќе земји реализираше акција за недозволена трговија со дрога, при што во скопското село Крушопек беше запленет еден килограм кокаин, кои се само дел од поголема количина, која треба да заврши во нашата држава, рече Чулчев.

Околу девет часот синоќа на граничниот премин Ќафасан – Струга е евидентирано товарно моторното возило Ивеко влекач и приколка, управувано од 31 годипниот Ј.К. државјанин на Црна Гора, кој по завршувањето на царинските формалости се упатил во Крушопек. Полицијата по претходно обезбедена судска наредба извршила претрес во магацинот за овојше и во моментот на пристигнувањето на камионот таму бил Ј.Е. (22) син на сопственикот на правното лице, кое е краен примач на стоката и Р.И. (51) , кој бил вработен во магацинот и вршел истовар на робата. Четириесет и седум годишниот сопственик С.Е. од Скопје во меѓувреме исто така пристигнал во правното лице. Сите тие се лишени од слобода и се во полициска станица, а денеска ќе бидат изведен пред судија на претходна постапка.

-При извршениот детален претрес во еден од пакетите било пронајдено правоагаолно пакување со бела прашкаста материја, кое била залепена со зелена трака, рече Чулев и доаде дека во операцијата се одземени мобилни телефони, околу три илјади евра, 700 долари и 188 илјади денари, Ивеко товарното возило, заедно со 98 пакети банани, документација, технички уреди, рече Чулев.

Нагласи дека деновиве МВР ќе преземе опсежни мерки за известување на земјите низ кои поминал транспортот, а освен меѓународни активности МВР ќе преземе и активности за останатите физички и правни лица кои евентуално се во корелација со ова правно лице. Тој додаде дека во текот на денот ќе има и финансиска истрага кон правното лице.

Операцијата, повтори Чулев е меѓународна, но тој не сакаше да споменува конкретни држави кои се вкчучени во операцијата заради заштита на истрагата./МИА

Шпанија не дозволи брод со оружје за Израел да се закотви во Картагена

Шпанија не дозволи брод што носи оружје за Израел да се закотви во југоисточното пристаниште Картагена, изјави синоќа министерот за надворешни работи Хозе Мануел Албарес.

Тој потврди дека бродот „Мариана Даница“ (Marianne Danica) кој превезува оружје во Израел побарал дозвола да се закотви во Картагена на 21 мај.

Албарес истакна дека забраната за шпанските пристаништа е во согласност со политиката на Мадрид да не го извезува своето оружје во Израел од почетокот на војната во Појасот Газа.

- Одбивме да дадеме дозвола за закотвување и тоа ќе биде конзистентна политика со секој брод што превезува израелско оружје, а сака да се закотви во шпански пристаништа, посочи Албарес.

Додека шпанскиот весник „Ел Паис“ објави дека бродот превезува речиси 27 тони експлозивен материјал од Мадрас, Индија.

Јокиќ: Не победија, нè уништија и мораме да научиме од ова

Кошаркарите на Денвер Нагетс го доживеаја најтешкиот пораз во историјата на франшизата кога е во прашање НБА плеј-офот.

Минесота Тимбервулвс го совлада тимот на Колорадо со 115:70 и со тоа го доби седмиот натпревар од полуфиналната серија.

Никола Јокиќ мечот го заврши со 22 поени, девет скока и две асистенции. Сепак, најголем проблем на Денвер е фактот што „двоцифрени“ беа само Арон Гордон (12) и Џамал ​​Мареј (10).

-Мораме да прифатиме дека ова е голем пораз. Не победија, нè уништија и мораме да научиме од ова. Мораме да почитуваме се што направија. И, погледнете, имавме резултат 9-2 на почетокот. Не изгледаше така добро за нив. Од тој момент играта стана еднотимско шоу, изјави Јокиќ по поразот.

Трикратниот МВП истакна и како од почетокот најави интересна серија против Минесота.

-Оваа серија е многу интересна, тоа го кажав и пред почетокот. Секој може да победи како гостин и тоа е она што го гледаме во моментов. Не се појавивме на овој натпревар, тие беа подобри од нас во секој сегмент. Дадовме едвај 70 поени, нивната одбрана беше фантастична. Бројките зборуваат сами за себе, објасни српскиот центар.

Одлучувачки фактор за ваков пораз беше очајниот шут од поле. Нагетс погодија само 30 проценти од нивните удари, што е навистина премногу ниско за плејоф натпревар.

-Покажаа дека се одличен одбранбен тим, тие се најдобрата одбрана во лигата со причина. Имавме свои шанси, но не ги искористивме, рече Јокиќ.

Остин ќе се сретне со Донг во Сингапур

Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин се очекува да се сретне со кинескиот колега Донг Џун на конференција во Сингапур во текот на овој месец, објавија американските медиуми повикувајќи се на неименнуван американски официјален претставник.

Тоа ќе биде прва значајна средба меѓу двајцата во изминатите две години, иако Остин и Донг телефонски разговараа минатиот месец.

Во меѓувреме, портпаролот на американскиот Стејт департмент Ведант Пател изјави дека САД веруваат дека Кина ефикасно ја реконструирала руската одбранбена индустриска база, нарекувајќи ја „длабоко проблематична“ и истакнувајќи оти Вашингтон ќе преземе соодветни мерки по ова прашање кога тоа ќе биде неопходно.

Изјавата на Пател уследи по средбата помеѓу кинескиот претседател Си Џинпинг и рускиот претседател Владимир Путин, кои најавија „нова ера“ во партнерството меѓу двата најмоќни американски ривали. Тие ги нарекоа САД хегемон од Студената војна што предизвикува хаос низ целиот свет.

притисни ентер