Запленети скапи „Ејпл“ часовници заменети со евтини копии, оригиналите пронајдени при претрес на скопска мобилара, кривична за осум лица - Канал 5

Запленети скапи „Ејпл“ часовници заменети со евтини копии, оригиналите пронајдени при претрес на скопска мобилара, кривична за осум лица

Скопска мобилара - увозник на мобилни уреди откако била фатена во обид за криумчарење „Ејпл“ часовници.

Запленети скапи „Ејпл“ часовници заменети со евтини копии, оригиналите пронајдени при претрес на скопска мобилара, кривична за осум лица

Скопска мобилара - увозник на мобилни уреди откако била фатена во обид за криумчарење „Ејпл“ часовници, по претходен договор и со помош на други лица ги заменила запленетите часовници со евтини копии, а оригиналите ги ставила во продажба во сопствениот салон. По налог на јавен обвинител извршен е претрес каде се пронајдени оригиналните часовници вредни 570 илјади денари - предмет на криумчарење. Против шест физички и две правни лица е поднесена кривична пријава за криумчарење, прикривање стока предмет на криумчарење и злоупотреба на службена положба.

Случајот е откриен на Меѓународен Аеродром Скопје од страна на мобилен царински тим од Одделението за оперативни работи, при детална контрола на пратка со „Ејпл таблети“ од Дубаи која била наменета за македонска компанија која се занимава со продажба на мобилни уреди.

При прегледот на документацијата и контрола на стоката, инспекторите при отворање на еден од пакетите со ознака „Ејпл таблети“ откриле вкупно 20 паметни часовници кои не биле опфатени со увозната царинска декларација. Часовниците се привремено одземени и оставени во безбедносен сеф се до донесување наредба од страна на јавен обвинител. Уште истиот ден, други лица кои имале пристап до сефот, сега осомничени, го отклучиле сефот и запленетите часовници ги замениле со евтини копии, а оригиналите му ги предале на увозникот.

Одделението за истраги при Секторот за контрола и истраги спроведе темелна истрага при што по налог на јавен обвинител е извршен претрес на мобиларата каде се најдени оригиналните часовници. Извршени се соодветни предистражни дејствија и форензика на прибавените доказни материјали, по што е поднесена кривична пријава против осум лица.

Во 2025 година од страна на Одделението за оперативни работи извршени се детални 8.177 царински прегледи при што остварени се вкупно 271 случаи на заплени, соопштуваат од Царинската управа.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Османи: Која задача ќе ја извршува новиот пратеник за ЕУ, Фетаи?

Поранешниот министер за надворешни работи и актуелен потпретседател на опозициската ДУИ, Бујар Османи реагираше на поставувањето на поранешниот вицепремиер за добро владеење Арбен Фетаи за специјален пратеник на Македонија за Европската унија.

Османи: Која задача ќе ја извршува новиот пратеник за ЕУ, Фетаи?

Османи прашува кој ќе биде неговиот мандат со оглед дека Македонија има амбасадор и дипломати што работат во европските институции.

„Македонија има постојана мисија при Европската унија, предводена од амбасадор и составена од десетици дипломати кои секојдневно работат со европските институции. Тогаш, кој е мандатот на новиот претставник? Која задача ќе ја извршува тој, а не можат да ја извршат амбасадорот, нашата мисија, министерството за надворешни работи и министерството за европски прашања“,вели Османи и додава дека не треба да се создава паралелен политички канал во Брисел.Фетаи, кој како вицепремиер беше кадар на ВРЕДИ, на почетокот на јуни поднесе оставка од функцијата, откако претходно извесен период отсуствуваше од работа.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

ЛДП: Ви плукнаа во лице со назначувањето на Фетаи во Брисел! Како се чувствувате сега?

Награда за неодговорност, плата од народот, функција во Брисел — ова е вистинското лице на власта без осет!

ЛДП: Ви плукнаа во лице со назначувањето на Фетаи во Брисел! Како се чувствувате сега?

Либерално-демократската партија (ЛДП) најостро ја осудува срамната и скандалозна одлука на Владата за именување на поранешниот вицепремиер за добро владеење, Арбен Фетаи, за нов специјален пратеник во Европската Унија. Ова назначување претставува директен шамар, отворено потценување и вистинско плукање во лице на сите чесни граѓани кои секојдневно се борат за преживување.

Владата уште еднаш докажа дека нема ниту осет, ниту срам кога станува збор за трошење на народните пари и поделба на лукративни или измислени фотелји.

Граѓаните уште помнат како истиот овој “функционер” со месеци не се појавуваше на работните состаноци и ги бојкотираше владините седници, додека од џебот на најсиромашниот народ во Европа редовно му легнуваше функционерска плата.

Наместо да сноси одговорност за своето неработење, Фетаи безрбедно се потсмеваше со јавноста објавувајќи фотографии од Бангкок, за денес, од истите тие граѓани кои ги игнорираше, да биде награден со функција и привилегии во Брисел.

Премиерот не само што се посрамоти туку и капитулираше. Дополнителен срам и потврда за партиската самоволие е фактот што Фетаи за назначувањето на оваа висока државна позиција се пофали преку социјалните мрежи и му се заблагодари на премиерот во објава напишана исклучиво на вториот официјален јазик.

Каков сигнал испраќа оваа Влада до Брисел кога за специјален претставник именува човек чија единствена докажана „квалификација“ е неработењето и избегнувањето на обврските?

Ова е скандалозна порака дека во Македонија неодговорноста се наградува, а државните позиции се користат како приватен банкомат за задоволување на апетитите на власта. Истата таа неодговорност што носи трагедии, пожари, труења, епидемии и човечки жртви.

ЛДП бара итна ревизија на оваа одлука и стопирање на практиката со која дипломатијата се претвора во засолниште за партиски кадри без резултати. Граѓаните заслужуваат функционери кои ќе работат во нивен интерес, а не политичари кои си поигруваат со нивното достоинство.

Либерално-демократска партија

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

СДСМ: Мицкоски ја труе цела Македонија

Мицкоски ја труе цела Македонија - По седум градови, сега и Башино Село и изворите во Елшани и Велестово во Охрид.

СДСМ: Мицкоски ја труе цела Македонија

Гостивар. Крушево. Валандово. Булачани. Пласница. Лешок. Преглово. Маврово....

По седум градови со отровна вода, по Лепенец и Вардар, по Башино Село, сега и водата од изворите во Елшани и Велестово во Охрид не е за пиење.

Изгледа дека во Македонија веќе нема чисто место.

Мицкоски зборува за „нови бактерии“ во Гостивар.

Клековски ветува дека до крајот на неделата ќе може да се пие водата.

Секој си ја тера својата приказна.

Собирање политички поени наместо заштита на здравјето на луѓето.

Срам.

На ВМРО и на Мицкоски повеќе им е важен рејтингот отколку здравјето на граѓаните.

Ќе ја отрујат цела Македонија.

Кој знае колку уште општини и градови се загадени, а ние сè уште не знаеме?

Министерот за полиција Тошковски се занимава со хиперхлорирање како да работи во водовод.

Мицкоски ветува едно.

Клековски не презема одговорност.

Епидемија на жолтица е во тек. Сè уште нема одговорни.

Никој не ставил потпис.

Никој не ставил печат.

Никој не гарантира со своето име и презиме.

Не сакаат да кажат која институција и кое лице дало дозвола за користење на техничката вода во Гостивар.

Нема анализи.

Нема одговорно лице.

Нема име и презиме.

Само лаги, измами и префрлање одговорност.

Ова повеќе не е криза со вода. Ова е системско труење на државата.

СДСМ

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер